Перкс :УНИЦЕФ со загриженост ја следи состојбата со насилството врз и помеѓу децата во земјата

Неодамнешниот инцидент во кој се вклучени ученици од основното училиште „Гоце Делчев“-Неготино е неспорен доказ за потребата повторно да се разгледаат начините на кои образовниот систем и целата заедница постапуваат во однос на насилното однесување, истакнува Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во Македонија.
Во писмената изјава за медиумите Перкс наведува дека насилството во училиштата е првенствено одраз на тоа што се случува дома, но и на тоа што се случува во целата заедница.
- Седум од десет деца на возраст од 2 до 14 години во земјата се дисциплинирани дома со насилни методи – физичко казнување или психолошка агресија. Децата кои имаат доживеано постојано малтретирање или други форми на насилство на училиште е многу поверојатно да бидат насилни дома, но и да страдаат од долгорочни психолошки последици. Малтретирањето честопати е повик за помош. Децата кои се служат со насилство честопати и самите се жртви на насилство, истакнува Перкс.
За да се создадат училишта во кои нема насилство, посочува претставникот на УНИЦЕФ, неопходно е да се создаде опкружување кое не толерира насилство, а создавањето безбедна училишна средина подразбира создавање позитивна училишна клима во која се создаваат позитивни односи и каде сите членови на училишната заедница се чувствуваат почитувано, безбедно и сигурно.
- Од податоците од други европски земји постојат сознанија дека кога на насилството во училиштата се одговара со зголемена контрола и санкции има мали шанси проблемот да се реши на долг рок. За да се постигне безбедна училишна средина неопходно е да се јакнат капацитетите на наставниците за спречување насилно однесување. Наставниците кои применуваат превенција и поддршка наспроти контрола и казнување им помагаат на учениците да развиваат комуникациски и емоционални вештини, градење самодоверба и капацитет за емпатија, смета Перкс.
Исто така, додава тој, треба да се воспостават механизми за интервенција во случаите на насилство за да се спречи повторна појава на насилство.
- И на крајот, ситуацијата бара да се зајакне соработката помеѓу институциите и организациите. Безбедните училишта не се случуваат сами по себе, туку се создаваат и одржуваат од луѓе кои се посветени на обезбедување позитивни односи и опкружување со почит. Тие луѓе ја претставуваат целата заедница во училиштето – децата, наставниците, училишниот кадар, родителите и пошироката заедница, пишува во изјавата на претставникот на УНИЦЕФ во Македонија Бенџамин Перкс.

Промоција на Охридско Езеро како безбедна дестинација за авантуристички туризам

 Набавена е специјализирана опрема за спасување на вода и планина во рамки на проектот „Охридско Езеро-безбедна дестинација за авантуристички туризам“ што ќе биде промовиран денеска во Охрид.

Проектот е финансиран од ИПА Програмата на ЕУ за прекугранична соработка, а кофинансиран од  Министерството за локална самоуправа.

На настанот ќе присуствуваат министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски и претставникот на Делегацијата на ЕУ во Република Македонија, Никола Бертолини.

Почна работната акција „Скопје на нашите дланки“

Почна работната акцијата „Скопје на нашите дланки“ по повод 55 години од катастрофалниот земјотрес во главниот град.

Почетокот го означи градоначалникот на Гази Баба Борис Георгиевски, кој е и претседател на одборот на акцијашите. Со негова поддршка се реализира настанот, кој е во организација на здружението на граѓани „Акцијаши - Скопје“.

Од денеска па се до 26 јули, во периодот од 8 до 12 часот, ќе се уредува просторот во студентскиот кампус и факултети во општина Гази Баба. Почетокот е од ова место затоа што акцијашите по земјотресот во 1963 го имаат изградено студентскиот дом „Стив Наумов“ во една од работните акции за обнова на градот Скопје.

Учествуваат голем број акцијаши од Македонија, но и од Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, кои во Скопје пристигнаа со воз.

Целта е акцијашите заеднички да придонесат во расчистувањето на Скопје, а со тоа и младите да продолжат по стапките на возрасните.  Здружението „Акцијаши“ ќе одбележи уште два големи јубилеја на доброволното младинско работно ангажирање - 70 години од работната акција за изградба на браната и хидроцентралата „Вруток“ - „Маврово 48“ и 40 години од изградбата на автопатот „Братство и единство“. 

Заев вечерва во Мостар ќе се обрати на традиционалната манифестација „Mostar Peace Connection“

 Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, вечерва ќе присуствува на традиционалната манифестација во Мостар, „Mostar Peace Connection“.

Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Заев заедно со организаторите од Центарот за мир и мултиетничка соработка, претседавачот со Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ, како и со добитниците на наградата, „Мостарска повелба на мирот“, ќе пушти цвеќе од Стариот мост на Неретва, во знак на мир.

Наградата „Мостарска повелба на мирот“ годинава ја добиваат грчкиот премиер Алексис Ципрас и црногорскиот премиер Душко Марковиќ, додека лани добитник беше премиерот Заев.

По потпишувањето на Мостарската повелба за мир од страна на добитниците на наградите, каде ќе присуствуваат и актуелни и поранешни лауреати, политичари од БиХ, регионот и пошироко ќе се обрати премиерот Зоран Заев.

притисни ентер