НБРМ: Економските основи здрави, се олабавува монетарната политика

Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ на седница одржана вчера констатира дека економските основи и натаму се здрави, без присуство на нерамнотежи.

Утврдено е понатамошно стабилизирање на довербата и очекувањата на економските субјекти, видливо преку поволните движења на девизниот пазар и постепеното забрзување на депозитниот раст, а последните оценки се дека и надворешното опкружување е подобро од очекуваното и со тоа има подобар амбиент и помали ризици врз домашната економија.

- Во вакви околности, Комитетот, како што соопшти НБРМ, оцени дека постои простор за олабавување на монетарната политика, при што на седницата е одлучено каматната стапка на благајнички записи да се намали од 3,25 проценти на 3,00 отсто, а на аукцијата којашто ќе се одржи денеска понудата на благајнички записи да биде непроменета и да изнесува 25 милијарди денари.

Одлучено е да се намалат каматните стапки на расположливите депозити на седум дена и преку ноќ, за 0,20 и 0,10 п.п., на ниво од 0,3% и 0,15%, соодветно. Од НБРМ појаснуваат дека со оглед на релативно високото ниво на слободни парични средства на банките, коешто во голем дел е насочувано кон расположливите депозити кај Народната банка, преку намалување на каматните стапки на овие инструменти се очекува дека банките ќе ги насочат своите слободни ликвидни средства во приватниот сектор и со тоа ќе овозможат посилна кредитна поддршка на економијата во 2018 година.

Споредбата на последните макроекономски показатели за домашната економија со нивната проектирана динамика во рамки на октомврискиот циклус проекции минатата година, главно упатува на позначителни отстапувања во одделните сегменти.

Во однос на активноста во економијата, податоците за БДП за 2017 година, според Комитетот покажуваат стагнација, главно заради падот на инвестициите, а овие остварувања не отстапуваат значително од проектираниот раст од 0,5 отсто. Притоа, по падот во првата половина од годината, во согласност со очекувањата, во втората половина на годината економијата забележа раст. За првиот квартал од 2018 година достапни се мал број високофреквентни податоци, при што дел од нив, односно податоците за индустријата и трговијата, сигнализираат подобрување на состојбата. Анкетните истражувања укажуваат на натамошно зголемување на довербата на економските субјекти, но со одредено забавување на растот.

Во однос на инфлациските движења, расположливите податоци за февруари 2018 година покажуваат просечен годишен раст на ценовното ниво во првите два месеца од годината од 1,5 отсто, при раст на сите компоненти, а со најголем придонес на базичната инфлација. Инфлацијата во овој период е малку пониска од проекциите, но за дел од увозните цени очекувањата се коригирани во нагорна насока. Во вакви околности, ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2018 година од 2 отсто се оценуваат како урамнотежени.

Во периодот помеѓу двете месечни седници на Комитетот, ликвидносниот потенцијал на банките и натаму се зголемува, за што главно придонесе остварувањето на редовните буџетски расходи наменети за субвенционирање за земјоделското производство. Во околности на релативно слаба кредитна активност во текот на месецот и натамошен раст на ликвидноста, банките и натаму го насочуваат вишокот слободни парични средства кон расположливите депозити кај Народната банка, чијашто состојба на почетокот на март надмина 15 милијарди денари. Истовремено, на пазарите на пари имало намалена побарувачка, а каматните стапки и натаму се на стабилно и непроменето ниво.

Девизните резерви, како што стои во соопштението, од почетокот на годината покажуваат раст, што во најголем дел се должи на трансакциите за сметка на државата како резултат на издавањето на шестата еврообврзница на меѓународните финансиски пазари.

- Девизниот пазар е стабилен, без притисоци врз побарувачката на девизи. Поместувањата кај девизните резерви главно се во рамки на очекувањата, при што показателите на адекватноста на девизните резерви и натаму се движат во сигурната зона. Од показателите од надворешниот сектор, за почетокот на 2018 година достапни се податоците за трговската размена, коишто посочуваат на можност за малку поголем трговски дефицит од проектираниот, стои во соопштението.

Се додава дека на девизниот пазар се забележуваат релативно поволни движења карактеризирани со умерено пониска нето-продажба на девизи на банките за нивните клиенти, во споредба со истиот период минатата година. Во февруари, клиентите имале врамнотежена понуда и побарувачка за девизи, што овозможило стабилизирање на девизната ликвидност на банките и отсуство на интервенции на Народната банка на девизниот пазар. Релативно поволните движења на девизниот пазар во најголем дел се резултат на подобрите остварувања во трансакциите со компаниите, коишто втор месец по ред имаа значителен раст на понудата, а зголемена понуда имаше и во трансакциите со менувачниците.

Податоците за менувачкиот пазар заклучно со втората декада од февруари упатуваат на нето-приливи од приватните трансфери во согласност со проектираните за првиот квартал од 2018 година.

Податоците за билансот на плаќања за 2017 година потврдуваат умерен дефицит во тековната сметка (1,3% од БДП), којшто е помал од проектираниот, а подобри од очекуваните беа и финансиските текови за 2017 година.

Во однос на монетарните движења, првичните податоци за февруари покажуваат закрепнување на депозитната база по нејзиниот пад во јануари. Растот на депозитите во овој месец, во голема мера, е последица на повисокото штедење на домаќинствата, но раст забележаа и корпоративните депозити. Остварувањата кај депозитите на банките во овој период упатуваат на можност за повисоко ниво од проектираното за првиот квартал од 2018 година.

Одредени позитивни поместувања на месечна основа во февруари се забележуваат и на кредитниот пазар, во услови на раст на кредитирањето на домаќинствата. Засега не се очекува поголемо отстапување на кредитните агрегати од проекцијата за првото тримесечје на 2018 година. Согласно со резултатите од Анкетата за кредитната активност, банките и за првиот квартал од годината очекуваат натамошно олеснување на вкупните кредитни услови и раст на побарувачката на кредити кај двата сектора.

На почетокот на февруари, при засилени очекувања за инфлациски притисоци во американската економија, дојде до позначителна надолна корекција на цените на акциите на пазарот на капитал. Сепак, до крајот на месецот во услови на зголемена склоност кон преземање ризик дојде до зголемување на цените на акциите, придонесувајќи за стабилизирање на ценовните движења на пазарот на капитал. Американскиот долар на месечна основа забележа апрецијација, што делумно се поврзува со сведочењето на новиот гувернер на ФЕД, Џером Пауел, којшто посочи дека американската економија има солидни остварувања коишто создаваат услови за посилна монетарна реакција преку зголемување на каматните стапки во наредниот период. Исто така, за пониската вредност на еврото на месечна основа придонесе и неизвесноста во однос на исходот од парламентарните избори во Италија и политичките случувања во Германија. На почетокот на март, се забележува засилена променливост на глобалните девизни пазари под влијание на зголемените ризици за глобалната трговија во услови на воведување протекционистички мерки во САД.

На седницата е заклучено дека тековните економски и финансиски услови, како и постоечките ризици укажуваат на тоа дека постои простор за олабавување на монетарната политика. Екстерната позиција, доколку се оценува според остварувањата кај тековната сметка на билансот на плаќања, е поволна и подобра од очекувањата и покажува задржување на здравите економски основи. Воедно, дел од показателите упатуваат на понатамошно подобрување на очекувањата и довербата на економските субјекти.

Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи сите економски показатели и случувањата во домашната економија, во контекст на поставеноста на монетарната политика, при што без загрозување на остварувањето на нејзината основна цел, ќе овозможува услови за натамошно засилување на поддршката на банкарскиот сектор кон економската активност во земјата. /МИА

Тевез итно пренесен во болница

Поранешниот аргентински репрезентативец Карлос Тевез синоќа беше примен во болница со силни болки во градите. 

40-годишниот поранешен напаѓач, кој моментално е тренер на локалниот клуб Индепендиенте, беше пренесен во болница во Буенос Аирес откако се почувствувал лошо, но првичните тестови не покажале ништо сериозно за неговата состојба.

-Нашиот тренер Карлос Тевез беше примен во болницата „Ла Тринидад“ во Сан Исидро со болки во градите. Тој ги направи соодветните тестови и тие беа задоволителни. Денеска тој ќе продолжи со нова серија на однапред планирани тестови како дел од поопшт преглед, се вели во официјалното соопштение од клубот, кој ја потврди ситуацијата.

Според локалните изданија, проблемите на Карлос Тевез се поради стрес.

Поранешниот репрезентативец на „гаучосите“ боледувал од висок крвен притисок и редовно се подложувал на тестови и се следи неговата состојба.

Ова доведе до шпекулации во локалниот печат за можноста тој да ја заврши тренерската кариера во обид да го намали притисокот и стресот околу него.

Се уште не е јасно дали Тевез ќе присуствува на денешниот тимски тренинг. /МИА

Мбапе подготвен да игра на нова позиција во Реал Мадрид

Напаѓачот Килијан Мбапе ја прифатил улогата за која е планиран по трансферот во Реал Мадрид, тврди „Ас“. 

Иако официјално не е објавен трансферот на фудбалерот од Пари Сен Жермен, на „Сантијаго Бернабеу“ веќе размислуваат како Французинот најдобро ќе се прилагоди во составот следната сезона.

За време на неговиот престој со парижаните, напаѓачот јасно стави до знаење дека претпочита да игра на левото крило на нападот на тимот, што му овозможува да се потпира на повеќе слободни простори на предните позиции. Во Реал оваа улога вообичаено му се доделува на Винисиус Јуниор, а ова е претпочитана позиција и за Родриго.

Сепак, според „Ac“, Мбапе е подготвен да игра повеќе во центарот на нападот како број 9 следната сезона, а тоа се поврзува и со неговата голема желба да ја освои „Златната топка“, бидејќи оваа позиција се смета за поволна за реализација на повеќе голови.

Францускиот репрезентативец оваа сезона постигна 41 гол на 43 натпревари за ПСЖ во сите натпреварувања. /МИА

Инцидент во грчкиот Парламент – пратеник физички нападна друг пратеник

На нападнатиот веднаш му била пружена прва помош од лекарот во Парламентот.

Независниот пратеник Константинос Флорос, кој беше избран со малата радикално десничарска партија Спартанци, претпладнево физички го нападнал пратеникот од Грчко решение Василис Граменос во Парламентот, пред салата во која се одржува пленарната седница, јави дописничката на МИА од Атина.

На инцидентот му претходела вербална расправија во самата сала, што во ходникот се претворила во физичка пресметка, кога Флорос со тупаници го нападнал Граменос.

На нападнатиот веднаш му била пружена прва помош од лекарот во Парламентот.

Медиумите во Грција коментираат дека станува збор за инцидент без преседан во Парламентот.

Претседателот на Парламентот Константинос Тасулас за насилното однесување на пратеникот побара највисока казна предвидена со правилникот на работа, односно исклучување на Константинос Флорос од Парламентот на 15 дена, а паралелно ќе биде побарано и одземање на пратеничкиот имунитет и кривично да одговара.

Флорос на изборите во јуни минатата година беше избран со малата радикално десничарска партија Спартанци, која подоцна ја напушти и стана независен пратеник.

Спартанци се поврзува со поранешниот пратеник од Златна зора Илиас Касидиарис кој издржува затворска казна./МИА

притисни ентер