Ирски искуства за справување со нерегуларно трошење народни пари од страна на пратениците

Ирски пратеник доставувал фалсификувани сметки за патни трошоци и за службен мобилен телефон, при што го оштетил буџетот за 81.050 евра за патувањата од и до работното мести и 33 илјади евра за мобилен. Добил затворска казна од пет месеци и забрана да врши јавна функција.

Ова е епилог од случајот кој пред околу три години се случил во Ирска, а кој бил откриен од Комисијата за јавни финансии, која ги истражувала трошоците на пратениците.

Пратеникот, како што информираше денеска ирската надворешна експертка за парламентарни односи Нив О’Конор на работната средба со претставници на невладини организации и медиуми, пријавил дека живеел во јужна Ирска, а всушност живеел во Даблин. Во јужниот дел на земјата тој имал викендица.
Ги фалсификувал сметките за патните трошоци, а за мобилниот доставувал сметки од компанија, која веќе не постоела.
Случајот го открива Комисијата за јавни финансии, а вакво тело О’Конор предлага да се воспостави и во Македонија, која исто така ја тресат скандали околу патните трошоци на пратениците од претходната власт, но сумите кои ги трошат и сегашните пратеници предизвикаа реакции во јавноста.

- Нема совршена земја, нема совршен Парламент, нема совршена демократија. Изнесувам пример со цел да ви укажам како функционира сето тоа и како би можело да се спречи, додаде О’Конор.

Ирската експертка вчера ги советувала пратениците во Парламентот околу можноста за формирање на комисија за јавни финансии (сметки), која ќе ги истражува извештаите на државата ревизија, а денеска ги советуваше претставниците на невладини организации и медиуми за да им укаже како преку работата на таа комисија да откриваат нерегуларности во трошењето на народните пари од страна на пратениците.
О’Конор во изјава за МИА нагласи дека пратениците-членови на Комисијата за финансирање и буџет со кои се состанала вчера покажале голема заинтересираност за формирање на комисија за јавни финансии, а начинот на кој ќе биде воспоставена се уште се разгледува. Една од можостите е да работи како подкомисија во рамки на Комисијата за финансирање и буџет.

Нагласува дека ирскиот Парламент е формиран 1922 година и оти таква комисија постои одамна, но таа ефикасно фунционира во изминатите пет години.
- Важно е медумите да ги ловат пратениците, да го притискаат Парламентот да работи како што треба, вели О’Конор.
Македонските пратеници од претходната власт потрошиле огромни суми народни пари за патни трошоци, но ова прашање се уште не е затворено, што го покажа и истражување на новинарската мрежа СКУП. По објавата дека пратениците од земјава побарале многу повеќе пари во споредба со колегите во регионот, ТВ21 ги објави „топ десеттемина“ - пратениците во македонското Собрание кои во 2017 имаат приложено најмногу сметки за бензин, патарина, и други давачки за пат.
Иако два од првите шест месеци од годинава Собранието не работеше, сметките за службени патувања достигнуваат износ од околу четири илјади евра по пратеник во земја, каде најоддалечното место од главниот град во просек не е подалеку од 200 километри.
Прв на листата беше Алија Камберовски со 4.280 евра, по него Сашо Поцков со 3.975 евра, Лилјана Затуровска 3.942 евра, Мира Стојчевска 3924 евра, Агим Шакири 3.911 евра, Александар Кирацовски 3.844 евра, Сашо Василевски 3.843 евра, Томислав Тунтев 3.843 евра, Васко Ковачевски 3.829 евра, Лилјана Кузмановска 3.829 евра.

Премиерот Зоран Заев на почетокот на месецот изјави дека патните трошоци на пратениците кои се пресметуваат според постојните закони претставуваат голема сума за граѓаните.

Преку дебата треба да се најде прифателиво решение и за граѓаните и за пратениците, додаде тој.

Како можните ги набеде да се купат возила за сите пратеници, да се обезбедат станови во Скопје, да се променат начините на патување преку реорганизација на Деловникот.
Денешната работка средба со ирската експертка беше организирана од Фондацијата за демократија Вестминитер. 

Мицотакис: Договорот ги труе односите меѓу двете земји и двата народa

Договорот наместо да ги подобри, може да ги влоши односите меѓу двете земји и двата народa, смета претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис.

Во говорот на конференцијата „Export Summit VΙ“ во Солун, организирана од Сојузот на извозници од северна Грција,  лидерот на најголемата грчка опозициска партија, детално и опширно говореше за договорот меѓу Македонија и Грција, за негативните последици во односите на двете земји и двата народи, не само од општествен, туку и од економски аспект.

Кусо ги претстави економските врски на Македонија и Грција, рече дека грчкиот извоз лани достигнал 642 милиони евра, наспроти 556 милиони во 2016, а увозот е стабилен на околу 225 милиони, додека пак Грција е трета најголема земја снабдувач и трет трговски партнер на Македонија.

- Паралелно, секоја година имаме околу 3 милиони пристигнувања на туристи од кај нив. Сето ова покажува дека и покрај 25 годишното нерешено прашање во нашите билатерални односи, и покрај речиси 10 годишната економска криза во Грција, и покрај техничките и административните проблеми на царините, нашите економски односи останаа блиски. Како што во суштина останаа пријателски односите меѓу двата народa. И во никој случај не беа разнишани, иако постоеше нерешеното прашање. Но, сега се во опасност сериозно да се поткопаат со толку површниот и национално нестабилниот избор на Ципрас. Бидејќи овој договор, наместо да ги ублажи проблемите, може на крај да ги отруе односите на двата народa, оживувајќи ги страстиte од други времиња, рече Мицотакис.

Лидерот на Нова демократија се запраша што ќе биде со производите со брендот и името Македонија што се произведуваат или постојат во Грција. Како пример ги спомена „македонска алва“, „македонски мермери“, „македонска индустрија за цевки“, кои како што рече, одеднаш се доведени во прашање.

- Постојат десетици компании во северна Грција, можеби стотици, кои го користат зборот Македонија или изведените зборови во нивното име или во нивните производи. Што ќе се случи со нив? Кои „мешани" комисии ќе одлучуваат за нивната иднина и кои судови ќе ги решаваат можните разлики?  А во меѓувреме што ќе се случува на пазарот, кој не чека судски одлуки? И колку слабее нашиот правен арсенал кога се обраќаме до судовите за да го заштитиме брендот Македонија? Шокот за многу бизниси во Северна Грција ќе биде голем, рече претседателот на Нова демократија.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Мицотакис во однос на договорот рече дека е потпишан во „изолираната од полицијата Преспа и во пуст амбиент, меѓу кич настан со вратоврски и каубојски шешири“, а сите Грци го слушнале Заев како зборува за „Македонците и Грците". Тој ги повтори позициите на Нова демократија: „уставна промена, не било каква туку за елиминирање на иредентистичките наводи, а главни се националноста и јазикот, ерга омнес име и име што нема да предизвикува несогласувања“ и обвини дека владата го сторила токму спротивното.

- Отстапувајќи ги националноста и јазикот, во пракса го поништува името. Затоа што, кога го отстапуваш зборот Македонец и дополнително дозволуваш, нашите соседи да тврдат дека говорат македонски јазик, тогаш не само што го легализираш, туку го зголемуваш нивниот иредентизам. Јас сум Македонец и живеам во Северна Македонија, што значи тоа?  Не можат нивните радикални гласови, не денес, туку утре, знаете дека кога постои договор треба да знаеме што е предвидено за во иднина, не можат некои радикални гласови утре да речат дека постојат Македонци кои не се Грци и се во Јужна Македонија?, рече Мицотакис и додаде дека со договорот, Грција го загубила основното дипломатско оружје – поканата за НАТО.

Претседателот на најголемата грчка опозициска партија, изрази голема загриженост дека „погрешното управување од владата, веќе ги отрујаа општествата и во двете земји“, бидејќи „во Скопје повторно се разбудија национализмот и радикалноста, а во Грција, чувствата дојдоа на местото на патриотскиот реализам“.

- „Конструкцијата“ што господата Ципрас и Коѕијас ја претставуваат како договор, му служи токму на спротивното од она што го разгласуваат. Не го задоволува, туку го повредува националниот интерес. И од прв момент и двете земји ги покрива со облак на сомнеж, активирајќи ги лажните патриоти и од двете страни, а одново ги враќа страстите што беа маргинализирани, истакна Мицотакис.

Првиот човек на Нова демократија, го повтори неговиот став и ставот на партијата дека договорот е лош, а тие нема да бидат за, кога ќе дојде за ратификација во грчкиот парламент.

- Бидејќи го слушнав Каменос дека бара од Ципрас да се гласа договорот со 180 пратеници, мислејќи дека така ќе ја притисне Нова демократија, сакам од овде, од Солун да одговорам. Дали со 151, дали со 180, со колку пратеници и да оценат дека ќе биде потребно за ратификација, овој договор, Нова демократија нема да го гласа, порача Мицотакис, пренесе МИА.

Лидерот на Нова демократија, рече дека и Каменос носи одговорност за договорот, бидејќи во клучниот момент во парламентот даде поддршка за владата и објасни дека за земјата, најдоброто решение се избори.

- Грција заслужува подобра влада. Веќе имаат направено многу лошо за земјата. Сега ги навредуваат и патриотските чувства на Грците. Време е за избори. Време е да си одат. Сѐ додека остануваат, за жал, предизвикуваат и друга штета на нашата татковина, порача лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис./МИА.

Влада: Иванов се уште не одговорил за Алатката за отчетност

 Претседателот Ѓорѓе Иванов не одговори на поканата да ја прифати Алатката за отчетност, со што одбива да ги информира граѓаните за неговите службени трошоци, соопшти владината прес-служба. 

- Се уште нема одговор од претседателот Ѓорге Иванов, на писмото од Владата со предлог и  Канцеларијата на претседателот да ја прифати Алатката за транспарентно, отчетно и одговорно владеење. Во духот на определбата за транспарентност и отчетност во работењето на државните институции и избраните функционери, Владата го повика претседателот на РМ да ги стави на увид на јавноста информациите и податоците за трошењето на парите на граѓаните, се вели во соопштението.

Во писмото, испратено на 29 мај, министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, го информирал претседателот Иванов дека Алатката за транспарентно, отчетно и одговорно владеење им е достапна на сите избрани функционери кои се подготвени да ги стават во секој момент на увид на граѓаните информациите и податоците за трошењето на нивните пари.

Во писмото Владата го информира претседателот Иванов, дека преку Алатката за отчетност, пред граѓаните на досега се објавени трошоците на премиерот, на министрите и на замениците на министрите, на државните секретари и на генералниот секретар на Владата.

Владата ги задолжи и директорите и замениците директори на самостојните органи на државната управа, на органите во состав на министерствата и на Инспекцискиот совет, а им укажа и на директорите на јавните претпријатија, на агенциите и на акционерските друштва во сопственост на државата, да ги објавуваат службените трошоци.

Понатаму, Владата на Република Македонија го информира претседателот Иванов дека Алатката за одговорно владеење им беше предложена и на градоначалниците на општините, кои, во меѓувреме, со одлука на Управниот одбор на ЗЕЛС добија препорака да започнат да ја применуваат оваа Алатката и да ги објавуваат трошоците на носителите на јавни функции на своите веб страници.

- Оваа одлука добива уште поголемо значење ако се земе предвид фактот дека локалната власт во Република Македонија е целосно независна во креирањето на своите политики и затоа прифаќањето на оваа препорака говори за високата свест и на претставниците на локалната самоуправа за значењето на транспарентноста и отчетноста пред граѓаните и на ниво на единиците на локалната самоуправа, се вели во соопштението од владината прес-служба.

Иако сите овие информации, вклучително и информациите за користење на оваа алатка за лесно пребарување низ трошењата на избраните функционери, беа наведени во писмото до Канцеларијата на претседателот на Република Македонија, заедно со понудата за асистенција за користење на Алатката, ниту од Канцеларијата, ниту од претседателот Иванов, досега нема одговор дали ја прифаќа или не можноста на отворен и транспарентен начин да им покаже на граѓаните како Канцеларијата на претседателот на Република Македонија ги троши нивните пари, нацедуваат од владината прес-служба. 

Ден на жалост во Велес

 Со одлука на општинскиот совет, денеска во Велес е Ден на жалост  поради погребот на трите деца што завчера го загубија животот во пожар во семејната куќа во високиот дел на градот на ридот Вршник.

Советот донесе и решение на семејството на Никола Давчевски да му се додели еднократна парична помош во износ од 100.000 денари, а општината да ги покрие трошоците за обезбедување гробно место во висина од околу 13.000 денари. 

Со едногласната одлука на советот знамињата во Велес ќе бидат истакнати на половина копје, сите културни и спортски манифестации ќе се одложат, а угостителските објекти ќе емитуваат сериозна музика. 

Основното јавно обвинителство Велес заедно со екипа на СВР Велес вчера продолжи со истрагата на терен во остатоците од изгорената куќа кај велешкиот рид Вршник, каде загинаа трите деца - од четири, две години и единаесет месеци. Теренот кај изгорената куќа го обезбедува велешката полиција.

- Ќе се врши подолго вештачење за да се утврдат причините за настанување на пожарот во кој животот го загубија три малолетни деца. Мислам дека денеска не ќе можеме да кажеме кои се причините за пожарот бидејќи очекувам вештачењето да трае подолго. Инаку денеска по наредба на ОЈО ќе биде извршена обдукција на телата на децата и нивна идентификација, бидејќи истите по пожарот се најдени јагленосани, изјави вчера за МИА Гордана Тодорова в.д. јавен обвинител од ОЈО Велес. 

Според првичните сознанија на јавниот обвинител, родителите ги заклучиле децата и заминале во продавница. За тоа време од засега непознати причини избувнал пожар и за кратко време ја зафатил куќата.

Трошната куќа со една соба е на непристапен терен во долот на ридот Вршник, во шумата, оддалечена стотина метри од последните куќи. 

Семејството на четириесетгодишните Никола и Марина со четири деца било социјално загрозено и собирало пластични шишиња. Кога се случил пожарот, во куќата не бил нивниот поголем син Стефан, кој во тоа време собирал шишиња. 

притисни ентер