СЈО го бара „Монструм“, судењето одложено за 17 април

Специјалното јавно обвинителство побарало да го преземе предметот „Монструм“, за кој денеска беше закажано рочиште во Кривичниот суд. Судењето за овој случај е одложено за 17 април.
Судењето, како што беше посочено, е одложено поради недоаѓање на јавен обвинител, а според судијата причината можеби е поради тоа што СЈО пред два дена поднело барање за преземање на предметот „Монструм“ кое вчера им било доставено.

На минатото рочиште од повторното судење за овој предмет, што се одржа на 12 февруари, беше прочитан обвинителниот акт. Обвинителот Наум Пановски рече дека остануваат на првичниот обвинителен акт, со кој обвинетите се товарат за тероризам. Тој прочита само едно од обвиненијата за случајот.
Адвокатот Насер Рауфи забележа дека било прочитано првичното обвинение од 26 октомври 2012 година, но не и тоа за Сами Љута кое во претходниот судски процес беше споено со обвинителниот акт за Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири.

Масакрот кај Смилковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

За петкратното убиство кај Смилковското езеро, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
По укинувањето на пресудите, Врховниот суд во декември лани ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За Судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.

Сијарто: Комесарот на ОН и објави војна на унгарската влада

Високиот комесар на ОН за човекови права, Зеид Раад ал-Хусеин и објави војна на унгарската влада затоа што сака да ги заштити граѓаните на Унгарија од илегалната миграција.

Тоа го изјави унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.

Ал-Хусеин денеска на отворањето на 38. Седница на Светскиот совет за човекови права ја критикуваше имиграционата политика на Америка, Кина, Мјанмар и Унгарија.

Комесарот на ОН ја критикуваше Унгарија поради законот против активностите на милијардерот Џорџ Сорос со кои се наметнуваат рестрикции на организациите кои им помагаат на бегалците и ги казнуваат групите за заштита на човековите права на границите.

Шефот на унгарската дипломатија изјавил дека илегалната миграција е прашање на национална безбедност и навел дека во последните три години загинале повеќе од 330 луѓе, а повеќе од 1.300 се повредени во Европа “во нападите на терористите со мигрантско потекло“.

Фотографијата со која “Русите“ го шокираа светот не е од Русија (фото)

Фотографијата која го обиколи светот, а на која се наоѓаат десетици мртви кучиња, била направена во Пакистан, а не во Русија, како што тврделе многумина.

Шокантната фотографија направена е во Карачи во 2016 година, а кучињата биле убиени за да се намали бројот на животните на улиците, пишува „Раша тудеј“.

Сепак, пред почетокот на Светското првенство во фудбал многумина беа загрижени за кучињата скитници во Русија, тврдејќи дека Русите ги убиваат.

 

Корисниците на социјалните мрежи ја споделувале фотографијата мислејќи дека е направена во Русија.

Меѓутоа, фотографијата на која има повеќе од 50 мртви кучиња е направена пред две години во Пакистан.

Заменик премиер Витали Мутко навел дека животните биле уловени и сместени во прифатилиште, а некои од корисниците на твитер го споделиле го споделиле текстот на Ројтерс во кој се наведува дека во Карачи во 2016 година се убиени повеќе од 700 кучиња. Фотографијата со кучињата исто така се наоѓа во овој текст.

„Фотографијата која сте ја искористиле според моето мислење е злочин, но не од Русија“ – напишал еден корисник на оваа социјална мрежа.

 

Украина: Време е за “деокупација“ на Крим

Киев, после продолжувањето на санкциите на ЕУ спрема Русија, треба да премине на “деокупација“ на Крим, изјави министерот за внатрешни работи на Украина, Павел Климкин.

„Им благодарам на нашите пријатели во ЕУ за продолжувањето на “кримските“ санкции на уште една година. Важно е во списокот да се внесат и одговорните за масовните кршења на човековите права на окупираниот полуостров и за изградбата на мостот преку Керчкиот проток. Треба да се премине од политика на “непризнавање“ на “деокупација“.

Претходно е соопштено дека рестриктивните мерки на Европската унија за Крим се продолжени на уште една година.

 

притисни ентер