Законот за јазиците повторно пред пратениците

Собранието на Република Македонија денеска во 13 часот треба да го започне продолжението на 32.седница на која на дневен ред е Законот за употреба на јазиците, во трето читање.
Нема официјални информации дали ќе се расправа за амандманите и како или пак пратениците ќе се изјаснат само за законот. Дел од медиумите повикувајќи се на извори од СДСМ и ДУИ пишуваат дека на седницата пратениците нема да се изјаснат за амандманите туку дека ќе гласаат само за законот. Останува да се види како навистина Парламентот предводен од претседателот Талат Џафери ќе се справи со ситуацијата која ја наметна опозициската ВМРО-ДПМНЕ со поднесување на 35.569 амандмани за Законот за употреба на јазиците, со кој се унапредува употребата на албанскиот јазик во земјата.

Премиерот Зоран Заев во понеделникот изјави дека очекува неделава да биде затворено прашањето за Законот за употреба на јазиците.

- Сите кажаа се што имаа, а беше оставено и доволно време за дијалог. Законот конечно треба да се донесе согласно Уставот и законите. Со тоа ќе биде затворен последниот легалистички аспект од Рамковниот договор. Да го оставиме нека се реализира, нека има своја имплементација и ќе видиме дека не е нешто што е болно, тешко или трагично, туку е нешто што ќе овозможи полесно да се разбираме едни меѓу други, рече Заев.

Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи во изјава за МИА вчера од Брисел повтори дека не се сомнева во уставноста на законот, што е оспорувано од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Османи рече дека Владата самоиницијативно ќе го испрати Законот до Венецијанската комисија за проверка. Според него, блокадите од страна на опозицијата во однос на Законот за јазици имаат партиска позадина.

- Овој закон е прво усогласен со ВМРО-ДПМНЕ пред да биде усогласен со СДСМ. Фактот дека даваат 36.000 амандмани од кои 30.000 се за казните – дали ќе биде едно евро, две евра, до 30.000 евра колку да ги покријат амандманите, е со цел физичко спречување на законот, а не за аргументирана дебата за Законот. Ние не го носиме овој Закон преку ноќ. Девет месеци дебатираме во јавноста. Два пати е усвоен од страна на Собранието со мнозинство од 69 пратеници, рече Османи.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, вчера во Струмица најави дека пратениците од неговата партија ќе учествуваат на денешната седница на Собранието, но побара отворање на амандманска расправа. Повика на разум и на почитување на законите, Деловникот на Собранието и Уставот на Република Македонија.

- Сето останато ќе предизвика реперкусии и за тој што ќе се одлучи да ги прекрши законите, но и сите оние кои што ќе го поддржат во таа постапка, додаде Мицкоски.

Не одговори како ВМРО-ДПМНЕ ќе дејствува на седницата и најави дека за натамошните чекори на опозициската партија јавноста ќе биде навремено информирана.

Законот за употреба на јазиците, кој беше донесен со 69 гласа, беше вратен со непотпишан указ во Собранието од страна на претседателот Ѓорге Иванов и со низа забелешки, врз основа на кои ВМРО-ДПМНЕ ги подготви над 35.000 амандмани.

Во Собранието денеска се најавени и две други седници и тоа 11. и 35. седница, како и седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

На продолжението на 11. седница има само една точка и тоа измените на Законот за заштита од пушење, по скратена постапка, поднесен од пратениците од владејачкото мнозинство. На продолжението на 35. седница има повеќе закони претежно во прво читање и неколку по скратена постапка, поднесени исто така од пратеници од владејачкото мнозинство./МИА

Ноќеска запален автомобилот на синот од пратеникот Локвенец

Според Хари Локвенец инцидентот се случил откако беа објавени фотографиите од Преспа, од потпишувањето на договорот за името со Грција, на кое присуствувал  и тој.

Час пред полноќ запален е автомобилот на синот од  пратеникот на СДСМ од прилеп, Хари Локвенец.

Автомобилот мини купер бил паркиран пред влезот на зградата каде што живее Локвенец.

Екипа на територијалната противпожарна единица прилеп пожарот бил  изгаснат.

Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Локвенец за Канал 5 потврди дека во континуитет добива закани.

Пред неколку  месеци пред зградата каде што живее Локвенец беа испишани графити со заканувачка содржина.

Кој ги пишувал графитите одговор нема бидејќи се уште полицијата трага.

СДСМ го осудува насилството и говорот на омраза пред Собранието

СДСМ го осудува насилството и говорот на омраза пред Собранието и повикува на смиреност, да не дозволиме некој да ја загрози македонската иднина.

СДСМ ги осудува вчерашните насилства пред Собранието, нападите од насобраната толпа врз новинарите, снимателите и полицајците коишто се обидуваа да спречат насилен упад во Собранието.

Секој има право да протестира и да го искаже својот став и мислење, но на вчерашниот собир беше забележан говор на омраза, повици за насилство, навреди и провокации кон граѓани, кон новинари, кон различни етнички заедници.

Очигледно е дека одредени субјекти кои работат спротивно од интересите на државата и граѓаните сакаат да го повторат насилството од 27 април, на кое му претходеа слични повици и активности.

Апелираме до сите актери да се воздржат од говор на омрза, навреди, повици за насилство и на демократски начин да го изразуваат мислењето.

Граѓаните треба да бидат смирени и да не подлегнуваат на провокациите. Институциите имаат капацитет соодветно, професионално, неселективно и во рамки на законските надлежности да одговорат на сите предизвици.

Да не дозволиме поразените деструктивни сили од минатото, остатоците од срушениот режим да ја загрозат македонската иднина, иднината на граѓаните, на државата.

Нема враќање назад кон мрачното време на страв, омраза, понижени граѓани и изолација.

Македонија тргна напред, живееме слободно, поврзани со светот, градејќи демократско и економски развиено општество за сите.

СДСМ

Гевгелија продава десет парцели за домување и лесна индустрија

Општина Гевгелија продава десет парцели за домување и лесна индустрија.

Четири градежни парцели за индивидуално домување кои се наоѓаат крај Моински пат, исто толку градежни парцели кои се наоѓаат во станбената населба „Караорман“ и две градежни парцели лоцирани во елитната станбена населба „Мрзенски рид“ се понудени на продажба од општина Гевгелија по пат на електронско јавно лицитирање.

Површината на градежните парцели крај Моински пат се движи од 362 до 467 метри квадратни, најмали по површина се парцелите во „Караорман“ од 288 до 354 квадрати, а најголеми, со опфат од 1.480 и 1.517 метри квадратни, се парцелите за резиденцијални станбени објекти во населбата „Мрзенски рид“. За сите нив почетната продажна цена изнесува 61 денар за метар квадратен.

Пријавите за учество на електронското јавно наддавање за парцелите за домување, заинтересираните физички и правни лица треба да ги поднесат најдоцна до 4 јули, а за нив електронски ќе лицитираат на 6 јули во времето од 10 до 12 часот.

За парцелата за градење на објект од лесната индустрија, пријавите се доставуваат најдоцна до 16 јули, а два дена подоцна на 18 јули ќе се одржи електронското јавно наддавање со почеток во 11 часот. 

притисни ентер