Се уште не се знае од каде стигнале чизмите и папучите на дива депонија на Скопска Црна Гора

Еколошка катастрофа на Скопска Црна Гора. Обувки со сомнително потекло магично се појавија на непристапен терен помеѓу селата Блаце и Горњани.
Домашни папучи, чевли, чизми... над стотина обувки утрово од комуналната инспекција на Општината  пронашле расфрлани, раскажуваат инспекторите.
- Не се знае точно како се дојдени, само се гледа дека се носени со камион. Фирми нешто такво нема, има папучи, кондури..такви работи. Отприлика еден полн камион.-  вели Нусри Нухи, комунален инспектор на Општина Чучер Сандево

На социјалните мрежи уште пред два дена граѓаните споделуваа фотографии од депонијата и бараа помош од надлежните. Во општината пријавено е вчера.

Кога и како стигнале таму не се знае. Во општината има сомнеж дека дека овие обувки на таа локација се наоѓаат подолг временски период.
- Треба да се чека времето да се поправи, па понатаму ќе преземеме мерки и ќе ги отстраниме, досава Нухи.

Временските услови засега ги спречува комуналните инспектори да ги отстранат обувките, бидејќи станува збор за непристапен терен.

Руската војска собори дрон во близина на својата база во Сирија (видео)

Руската војска соопшти дека соборила неидентификуван дрон кој дошол во близина на нивната сириска воздушна база во Хмеим, извести агенцијата РИА.

„На 21 мај во доцните вечерни часови радарите на воздушната ваза Хмеим открија како на аеродромот му се приближува мала воздушна мета (дрон), од непознато потекло“ – се наведува во соопштението.

„Нема жртви, ниту физичка штета. Руската воздушна база во Хмеим работи нормално“ – се истакнува во соопштението.

Според извештаите на светските медиуми, се слушнале неколку експлозии и изгледало како руската база да е под напад.

Хмеим е една од двете руски воени бази во Сирија. Втората се наоѓа во Тартус.

 

Возач и сопатник загинале во сообраќајка во Скопје

 Возач на патничко моторно возило и сопатник загинале во една од вкупно 10 сообраќајки случени во текот на вчерашниот ден на подрачјето на СВР Скопје. 

Во една сообраќајка потешко било повредено едно лице, пет лица се здобиле со полесни повреди во три сообраќајки, а во пет била причинета материјална штета.

Од МВР информираат дека вчера сообраќајната полиција открила и санкционирала поголем број прекршоци. Осумдесет и девет возачи се движеле со брзина поголема од дозволената, тројца возачи поминале коловоз вон пешачки премин, пет возачи поминале  крстосница на црвено светло, тројца возачи за неправилно престројување, еден возач за неправилно престигнување и 16 возачи за не користење на заштитен шлем. Санкционирани биле и тројца пешаци кои поминале коловоз во пешачки премин. Затекнати биле 120 непрописно паркирани возили.

Од сообраќај биле исклучени пет возачи кои го управувале возилото под дејство на алкохол, 18 возачи пред да се стекнат со право на управување на моторно возило, двајца возачи почетници, како и две технички неисправни возила.

Со помош на  специјалното возило пајак, отстранети биле 68 возила.

Одделението за превенција при СВР Скопје денеска во рамките на сообраќајно воспитниот проект „Сообраќајна култура на децата во предучилишните установи“ ќе реализира едукативна работилница со децата од средна и голема група во детската градинка „25 Мај“’, објект „Искра“, која се наоѓа на подрачјето на општина Гази Баба. 

Надзорна расправа за природното и културното наследство на Охрид и охридскиот регион

 Прва надзорна расправа во овој состав на Собранието на тема „Закон за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион и сродната регулатива во контекс на Конвенцијата на УНЕСКО.

 За заштита на природното и културното наследство“ ќе се одржи денеска во организација на  Комисијата за култура. 

Надзорната расправа е на иницијатива на владејачкото мнозинство, но е поддржана и од пратениците од опозицијата. 

На првиот ден на сослушувањето денеска, според информациите на МИА, се викнати и своето присуство го потврдиле министрите за култура, за животна средина и за транспорт и врски, Роберт Алаѓозовски, Садула Дураку и Горан Сугарески. Потоа професор д-р Донка Барџиева, експерт во заштитата на културното наследство, градоначалниците на Охрид и на Струга,  Јован Стојановски и Рамиз Мерко, поранешниот прв човек на Струга, Зијадин Села и Александра Бујароска од НВО Фронт 21/42.

Сослушувања ќе има три дена, но не последователно, а поканети се вкупно триесетина сведоци, сегашни и поранешни раководни лица од различни државни органи, институции, јавни претпријатија, научни институции и граѓански организации од областите на културата и животната средина. 

Статусот на Охрид, како град на листата на Светско наследство на УНЕСКО, е во опасност и градот може да биде ставен на листата на светско наследство во опасност. До 2019 година Македонија треба да направи повеќе активности за заштита на Охрид и Охридското езеро како светско културно и природно богатство.

Надзорната расправа всушност има за цел да обезбеди одговори од надлежните до каде е реализацијата на активностите, согласно нивните надлежности, во врска со идентификуваните проблеми во Извештајот за реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО и одлуката на Комитетот за светско наследство од Краков 2017.

Сведоците се должни  најдоцна три дена пред денот на одржувањето на седницата својот исказ да го достават до Комисијата за култура во писмена форма. На надзорната расправа пратениците може да постават и други прашања надвор од она што е добиено во писмена форма од сведоците, а нивните одговори ќе бидат временски ограничени. Доколку сведокот во моментот не располага со информации што се потребни за да одговори на прашањето, Комисијата може да побара да бидат поднесени во писмена форма. 

Македонија треба да ја заврши реализацијата на активностите за заштита на природното и културното наследство до крајот на 2019 година за овој регион да остане на листата на Светско наследство на УНЕСКО. 

притисни ентер