Турската „Тика“ ќе донира специјално возило на Заводот во Банско

Турската агенција „Тика“, на иницијатива на министерот за здравство Венко Филипче, на штитениците од Заводот за заштита и рехабилитација „Банско“ ќе донира специјализирано возило за превоз.

Од Заводот информираат дека возилото ќе биде наменето и приспособено за штитениците кои користат инвалидски колички и ќе имаат лесен пристап до него.

Од Заводот ја поздравуваат иницијативата на министерот за здравство и почетокот на реализацијата на овој проект. Сметаат дека со него ќе им се овозможи многу полесно движење на штитениците и ќе се подобри нивната социјализација.

Еуростат: Најскапа земја во Европа Исланд, најевтина Турција, па Македонија

Македонија е најевтина земја за живеачка, покажуваат последните податоци на Еуростат. Земјава се наоѓа на претпоследното 36то место на листата најскапи држави во Европа. Единствено поевтино од кај нас е во Турција.

Еуростат земјите ги рангира  според цените на храната, облеката, транспортот, кириите, алкохолот, цигарите..., односно сите основни трошоци  за живеење.

Сепак, за да ги задоволи основните потребни во месецот, на едно четиричлено семејство му се потребни 33 илјади денари, покажуваат последните пресметки на синдикалците.

Граѓаните се жалат дека живеачката овде е тешка. Платата не им стигнува, ниту да ги задоволат основните потреби.

Неодамна од власта посочија дека се оптимисти оти просечната плата може да достигне 500 евра до крајот на 2020тата, која сега изнесува 25 270 денари.Висината на минималецот во моментов е 12 508 денари.

Според Еуростат, од земјите во регионот, најскапа е Хрватска.  Црна Гора е на 30тото место, а по неа следат Србија, Албанија, Босна, па, Бугарија.

Најскапо за живеење во Европа е во Исланд. Цените таму лани биле дури 56% поголеми од европскиот просек. Станарина на помал стан во центар на град изнесува 1 300 евра месечно.Сепак просечната плата таму изнесува 4 500 евра.

Филипче: Зависниците ќе се дисперзираат низ повеќе општини, терапијата ќе ја примаат пред лекар

Сликата од пред Центарот за зависници во Кисела Вода ќе замине во историјата - дециден министерот за здравство Венко Филипче.

Тој останува на ставот дека решението на проблемот е во отворање дисперзирани пунктови. Најрано од септември, 530-те пациенти од Скопје ќе бидат сразмерно распределени и метадонската терапија ќе може да ја примаат во еден од 4-те пунктови: Кисела Вода, поликлиниката Јане Сандански во Аеродром, Ченто и во Болницата во Бардовци. Новина е и тоа што терапијата ќе мора да се прима единствено пред медицинско лице, со што се очекува да се стави крај на нелегалната препродажба на метадонот и расфрлани шприцови околу здравствените објекти. Како успешен пример министерот Филипче ја посочи ситуацијата во 8-септември.

Токму жителите на скопски Аеродром во неделата на протест повикаа ваквата одлука да се поништи, велејќи дека проблемот од Кисела Вода само ќе се префрли во нивната населба, а обвинија и дека пунктот во поликлиниката ќе се наоѓа веднаш до одделот за педијатрија.

Филипче пак апелира да не се крева паника и најави дека ќе разговара со локалното население, додавајќи дека ако е потребно ќе побара и ангажирање на полициски службеници.

Освен посочените 4 пунктови, во најава е изградба и на уште три други, во Ѓорче Петров, Чаир и Шуто Оризари.

Заев: Добрососедството продолжува, нема враќање назад

Договорот за пријателство со Бугарија стави крај на системот кој ги труеше односите меѓу двете земји – вели премиерот Заев во интервју за БГНЕС.

Историските факти според него во врска со заедничката историја се јасни, и од нив како што вели нема бегање. Во интервјуто, Заев кажува и дека во двете држави постојат структури од минатото кои како што вели, не се радуваат на постигнатото од договорот.  

Заев во интервјуто вели и дека до септември очекува конкретни резултати од мешовитата комисија за сите отворени прашања од историјата. Комисијата како што посочи тој има поддршка од него и од неговиот бугарски колега Борисов, за да ги реши сите прашања, во духот на добро соседството.

Во интервјуто Заев меѓу другото истакнува и дека коридорот 8 конечно треба да се реализира, но и пругата која ќе ги поврзува Скопје и Софија. Заев се осврнува и на улогата на БПЦ во решавањето на проблемот со статусот на МПЦ. Во меѓувреме, новиот грчки премиер Кирјакос Мицотакис, за време на гласањето доверба на неговиот кабинет, од парламентот порача дека процесот на интеграција на земјава во ЕУ, како алатка за притисок и поддршка за брендот “Македонија” се двете точки на кои ќе се фокусира неговата влада, за да ги ублажи последиците од преспанскиот договор.

притисни ентер