Филипче: Владата целосно го презема финансирањето на превентивните програми за ХИВ и туберкулоза

Република Македонија ќе биде домаќин на бордот на Глобалниот фонд кој годинава ќе се одржи на 8 и 9 мај.

Од Глобалниот фонд го препознаа лидерството на нашата земја во регионот како земја која целосно го презема финансирањето на превентивните програми за ХИВ и туберкулоза од Глобалниот фонд. Одлуката едногласно беше донесена пред неколку недели на состанок на Управниот одбор на Глобалниот фонд.

Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој учествуваше на регионалната консултативна средба за обезбедување одржливост на сервисите за ХИВ и туберкулоза. Потенцира дека се предвидени средства во износ од 90 милиони денари и тие се доволни програмите да продолжат така како што беа спроведувани досега за превенција, дијагноза и третман.

Владата, посочи министерот, стави акцент и огромен фокус на оваа проблематика, најде средства во националниот Буџет и целосно го презема финансирањето на програмата која беше финансирана од Глобалниот фонд од 2004 година, а ги опфаќа превенцијата, дијагностиката и лекувањето на ХИВ/СИДА и туберкулоза.

- Како Министерство за здравство ги препознавме граѓанските организации како клучни партнери во натамошна имплементација на овој проект со оглед на нивното огромно искуство и директниот контакт со целните групи. Објавивме два јавни повика од кои вториот на почетокот на овој месец и веќе на 28 февруари ќе ги потпишеме договорите со 15 граѓански организации кои се пријавија за финансирање од нашиот национален Буџет, рече Филипче.

Додаде дека во Република Македонија има исклучително ниска стапка на ХИВ дури и во најризичните групи што, како што рече, се должи на исклучително добра соработка меѓу националните владини институции и невладиниот сектор.

Претставникот на платформата за ХИВ, Христијан Јанкулоски рече дека вкупниот буџет за програмите за ХИВ за годинава е 95 милиони денари од кои 47 милиони денари се за превентивните програми кои ќе ги имплементираат 15 здруженија, околу 43 милиони денари се за комплетната програма за луѓето кои се на третман за ХИВ, а остатокот од средствата се за Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје кои се поврзани со мониторинг, евалуација на овие програми.

Претседавачот на Управниот одбор на Глобалниот фонд за борба против СИДА, маларија и туберкулоза од Женева, Аида Куртовиќ рече дека одржувањето на состанокот на Глобалниот фонд во мај во Скопје е на еден начин признание на Република Македонија за лидерската улога и големата работа која е направена во соработката не само со невладините организации, туку и во транзицијата и одржливоста на програмите за борба против ХИВ/СИДА и туберкулоза во Македонија.

- Денеска имаме состанок на осум земји од регионот на Југоисточна Европа кои дискутираат како со заеднички напори можеме повеќе да направиме во борбата против ХИВ/СИДА и како со заеднички напори на владиниот и невладиниот сектор можеме целата наша досегашна работа да ја направиме одржлива и да се задржи ниската стапка на заболување од ХИВ. Се надевам дека резултатот од оваа напорна работа ќе биде презентиран на почетокот на идната година со имплементација на заедничката регионална програма во земјите од Југоисточна Европа, додаде Куртовиќ. /МИА

АИ: Глобалните човекови права соочени со најсериозни закани

Човековите права ширум светот се соочуваат со најсериозните закани во последните неколку децении, соопшти Амнести интернешенл (АИ) во својот годишен извештај објавен денеска.

Организацијата ги истакна конфликтите во Газа и Украина, како и ширењето на авторитарните влади, кои му штетат на меѓународниот поредок со кршење на меѓународното право и игнорирање на основните права.

-Флагрантното непочитување на меѓународното право од страна на Израел се надополнува со неуспехот на неговите сојузници да го запрат невиденото крвопролевање во кое страдаат цивили во Газа, изјави генералната секретарка на АИ, Ањес Каламар.

„Покрај руската агресија против Украина, зголемениот број на вооружени конфликти и масовните прекршувања на човековите права, забележани, на пример, во Судан, Етиопија и Мјанмар - глобалниот поредок заснован на правила е во опасност да биде десеткуван“, додаде таа.

И демократиите не ги избегнаа критиките на АИ, а Каламар кажа дека „тоа што го видовме во 2023 година потврдува дека многу моќни држави ги напуштаат основните вредности на хуманоста и универзалноста содржани во Универзалната декларација за човекови права“. Меѓу другото, во извештајот се критикува американското користење на ветото за да се парализира Советот за безбедност на ОН со месеци за резолуцијата за прекин на огнот во Газа.

Извештајот „исто така ги истакнува гротескните двојни стандарди на европските земји како Обединетото Кралство и Германија, со оглед на нивните основани протести против воените злосторства на Русија и Хамас, а истовремено ги поддржуваат дејствијата на израелските и американските власти во овој конфликт“, се наведува во соопштението на Амнести.

Војната во Украина беше уште еден клучен фактор што придонесе за падот на глобалното досие за човекови права.

Амнести ги наведе неселективните напади на руските сили „на населени области и цивилна инфраструктура за извоз на енергија и жито“.

„И руските и украинските сили користеа касетна муниција и покрај нејзината неселективна природа и постојаните ризици за цивилите“, се вели во извештајот.

-Извештајот на Амнести интернешенел прикажува мрачна слика за алармантна репресија на човековите права и кршење на меѓународните правила, сето тоа во услови на продлабочување на глобалната нееднаквост, суперсили кои се борат за превласт и ескалација на климатската криза, рече Каламар. /МИА

Во Македонска Каменица гласаат 6641 лице, излезноста до 9 часот 3,55 проценти

Во Македонска Каменица во рамки на Претседателските избори 2024 денеска треба да гласаат 6641 лица, кои се регистрирани во избирачкиот список. Гласачките места во оваа Општина биле отворени навреме, а гласањето се одвива без било какви проблеми.

До 09:00 часот кога е направен првиот пресек за излезноста на граѓаните од Општинската изборна комисија соопштија дека 3,55 е процентот на граѓани кои го оствариле своето право на глас

- Од вкупно регистрираните гласачи до 09:00 часот гласале вкупно 236 лица или 3,55 проценти од гласачите во Македонска Каменица го искористиле своето право на глас, информираа од ОИК.

Гласањето, како што додадоа, продолжува на избирачките места на кои граѓаните можат да го дадат својот глас за еден од седуммината кандидати за Претседател на државата.

Во меѓувреме, Општинската изборна комисија во соседната општина Делчево соопшти дека до 09:00 часот таму гласале 818 лица од вкупно 14.490 регистрирани гласачи што во проценти изнесува 5,65 проценти. /МИА

Жиру следната сезона ќе игра во американската лига

Оливие Жиру следната сезона ќе игра во американската МЛС лига.

Прославениот француски репрезентативец веќе потпишал договор на една и пол година со Лос Анџелес.

Напаѓачот во кариерата постигна 57 гола на 131 натпревар за Франција, а во новиот клуб ќе му се приклучи на долгогодишниот репрезентативен колега, голманот Хуго Лорис со кој го освои Светското првенство во 2018 година.

Французинот уште во март постигна договор со тимот од Лос Анџелес, а сега договорот е и официјално потпишан.

Жиру кариерата ја започна во Гренобл, потоа играше за Тур, Монпеље, потоа Арсенал, Челси, додека претходните три години играше за Милан, со кој беше и шампион на Италија.

Оваа сезона во сите натпреварувања за Милан Жиру постигна 15 голови. /МИА

притисни ентер