Реакции за одобрени проекти во музичката дејност, Филхармонијата ќе прати приговор до комисијата

Македонската филхармонија ќе прати приговор до Комисијата за музичко-сценска дејност при Министерството за култура за направени пропусти во одобрувањето средства за, како што наведува, „непостоечки проекти во програмата на институцијата“.

Одлуката денеска на вонредна седница ја донел нејзиниот Управен одбор (Бранка Костиќ-Марковиќ - претседател, и членовите: Фросина Балова, Лада Шоптрајанова-Петровска и Александар Стојчески), на која присуствувал и в.д. директорот Виктор Илиески.

Приговорот ќе биде пратен поради, како што соопштуваат во дописот, констатираните разлики меѓу усвоената годишна програма на Македонската филхармонија од страна на Управниот одбор на установата и објавените резултати од Конкурсот на Министерството за култура за проекти од национален интерес во културата во 2018 година.

По  објавувањето на Програмата со прифатени проекти на 10 февруари, реагираа и други поединци и институции од различни дејности кои не се задоволни од начинот на распределба на средствата.

Се огласи и директорот на Скопскиот џез-фестивал Оливер Белопета кој на социјалните мрежи, меѓу другото, напиша: „...нема дилема дека Годишната програма и порано сакала да се додворува на што повеќе корисници, со крајна цел прибирање повеќе изборни гласови (потврдено како бумеранг). Последицата е надвладување на квантитетот, а неквалитетот. Тоа е уравниловка која раѓа незадоволство кај мнозинството“.

Најмногу рекации во музичката поддршка се кренаа за доделените 300.000 денари за 12-годишниот Виган Максути од Тетово, на што Министерството за култура пред два дена одговори дека е направена техничка грешка што ќе се коригира со повторно разгледување на апликацијата. 

Пуштена во употреба фабриката за производство на фотоволтаични соларни модули

Со свечена церемонија денеска во употреба се пушти првата фабрика за производство за фотоволтаични соларни модули на компанијата „Пиксел Груп“.

Ова е прва фабрика од ваков тип во Македонија и регионот. фабриката се простира на површина од 1500 метри квадратни со годишен капацитет на производство од 20 мегавати на монокристални и поликристални соларни модули.

Инвестицијата за првата година изнесува 5 милиони евра, а вработени се 20 лица.

Целта е да се стимулира производството на соларна енергија како предуслов за зачувување на природната средина и да се овозможи одржливо и ефикасно снабдување на електрична енергија произведена од сончевата светлина.

Формирана работна група која ќе го истражува проблемот со линданот во Охис

Ќе се реши ли деценискиот проблем со линданот во ОХИС.

Владата на седницата вчера формирала работна група која во рок од три месеци треба да ја информира за можните решенија на овој проблем.

Во состав на работната група се генералниот секретар на владата Драги Рашковски, министерот за животна средина и просторно планирање  Садула Дураку и министерот без ресор Аднан Ќахил.

ССК: Градежниците загрижени од намелната инвестициска активност во градежниот сектор

 Во март годинава се издадени 45,1 процент помалку одобренија за градба во однос на истиот месец лани, што укажува на намалување на инвестиции во градежниот сектор.

Затоа од Комората за градежништво при Сојузот на стопански комори бараат продолжување на рокот за повластена стапка од 5 отсто за ДДВ при прва продажба на станови до 2023 година и почитување на законскиот временски рок за издавање одобрение за градба.

Претседателот на Комората Ивица Јаќимовски истакна дека пречките што доведуваат до намалување на инвестициите во градежништвото се непочитувањето на посочениот временски рок за издавање дозволи, неизвесноста дали ќе биде продолжена мерката за повластена даночна стапка, како и мораториумот за градење што го вовеле одредени општини.

- Градежниот сектор придвижува 26 други гранки. До 10 проценти од вкупниот број вработени отпаѓаат на овој сектор, а и 10 проценти од БДП е резултат на градежништвото, рече Јаќимовски, потенцирајќи го значењето што оваа гранка го има за државата.

Потпретседателот на Комората за градежништво Зоран Азманов апелираше Владата што побрзо да ја донесе одлуката за продолжување на рокот за повластена стапка од 5 проценти. Доколку тоа не се направи веднаш туку до крајот на годината, според Азманов, во 2019 ќе има многу малку инвестиции во градежништвото поради неизвесноста во која се наоѓаат инвеститорите.

- Тоа значи дека ќе следи намалување на приходот во Буџетот по основ на придонеси, персонален данок како резултат на намалената вработеност во секторот, но и намалување по основ на ДДВ од производство и промет на градежни репроматеријали, суровини и опрема, како и по основ на данок на добивка поради стагнација на пазарот на недвижности, рече Азманов.

Потенцира и дека непродолжувањето на рокот на повластената стапка ќе значи покачување на цените на становите.

Азманов апелираше да се внимава со најавувањето на евентуално поништување на деталните урбанистички планови, особено во оние делови каде се издадени одобренија за градење или веќе се отпочнати градби.

притисни ентер