Анкета на ИПИС: Нема влез во ЕУ и НАТО без промена на уставното име

Мнозинството граѓани, односно 53,5 отсто сметаат дека не е можно Македонија да влезе во ЕУ и НАТО без промена на уставното име, покажуваат резултатите од третиот и последен дел од истражувањето на Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС), што беше направено во периодот помеѓу 16 и 21 декември минатата година.
Според резултатите од анкетата, 27,5 од испитаниците сметаат дека постои таква можност, додека 19 отсто одговориле со не знам.

Од резултатите се гледа дека 38,2 отсто од граѓаните би прифатиле промена на уставното име за меѓународна употреба со цел Македонија да стане членка на ЕУ и НАТО, 47,1 отсто не би прифатиле промена, додека 14,7 отсто одговориле со не знам.

Четириесет и девет отсто од испитаниците сметаат дека спорот со Грција за името може да се реши набрзо, 27,9 сметаат оти брзото решение не е можно, додека 23,1 одговориле со не знам.

Мнозинство од испитаниците, односно 57,6 отсто ја поддржуваат иницијативата на Владата за подобрување на односите со Грција, што е мало намалување во однос претходното истражување на ИПИС од март 2016, кога таа поддршка изнесувала 58,8 отсто.  Резултатите покажуваат дека 23,2 отсто не ја поддржуваат владината иницијатива, додека 19,2 одговориле со не знам.

На прашањето колку е важно спорот со името да се реши веднаш 60 отсто сметаат дека е мошне важно, 17,5 донекаде важно, 9,7 донекаде неважно, 6,4 дека воопшто не е важно, а 6,4 отсто одговориле со не знам.

Повеќето анкетирани, односно 42,6 отсто сметаат дека спорот со името би можел да биде решен до крајот на 2018 година,  32,7 отсто одговориле со „не“, а 24,7 се изјасниле со „не знам“.

Резултатите покажуваат дека 25,6 отсто од анкетираните одговориле дека Македонија може да добие покана за прием во НАТО и да ги почне преговорите за членство во ЕУ оваа година, 22,7 одговориле оти не знаат кога тоа би се случило, 19,3 се определиле за 2020, 13,5 за 2019, 8,6  за периодот од 2021 до 2025, 6,9 сметаат дека тоа нема да се случи никогаш, а 3,3 по 2025.

Истражувањето е спроведено на примерок од 1.113 полнолетни испитаници на ниво на Република Македонија, а во кое граѓаните ги изразуваа своите ставови за соседните држави, односите со Грција, спорот за името и македонските евро-атлантски интеграции.

Анкетата е направено во соработка со Универзитетот Колумбија од Њујорк, преку проект финансиран од норвешката Влада. /МИА

Началникот на ГШ на АРМ Величковски на конференција во Белград

Началникот на генералштабот на  Армијата на Република Македонија, генерал потполковник Методија Величковски учествува на 12. Конференција на началниците на генералштабови (НГШ) на армиите на балканските земји во Белград.

На конференцијата учествуваат НГШ на армиите од девет балкански земји членки (Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Македонија, Романија, Србија, Турција и Црна Гора), како и претставници од воениот комитет на НАТО, воениот комитет на ЕУ, Командата на Здружените Сили во Неапол и Словенија во улога на набљудувачи.

На работните сесии покрај усвојување на годишниот извештај, се разгледувале и безбедноста и предизвиците во кибер просторот, како и подобрување на регионалната соработка во ова поле, за што свое излагање имале експерти од оваа област, соопшти ГШ на АРМ.

Генералот Величковски во своето обраќање изразил надеж дека овој форум и во понатамошниот период ќе претставува столб на меѓусебното разбирање и конструктивна воена соработка, со што се дава придонес за севкупната стабилност во регионот.

На отворањето на Конференцијата министерот за одбрана на Република Србија, Александар Вулин истакнал дека мирот и стабилноста се од најголем интерес за балканскиот регион и дека соработката во воената област е единствен начин на решавање на безбедносните проблеми.

Генералот Величковски за време на форумот во попладневните часови по потпишување на заедничката изјава ќе оствари официјална билатерална средба со началникот на ГШ на вооружените сили на Србија, генерал Љубиша Дикович, како и неформални средби со другите учесници на кои ќе се дискутира за идентификување на можностите, облиците и мерките за зајакнување на понатамошната воената соработка.

Конференцијата во овој формат е воспоставена во 2006 година и се одржува еднаш годишно со ротирачки циклус на земја домаќин. Донесените заклучоци претставуваат основа и значаен механизам за продлабочување не само на меѓусебната, туку и на соработката со НАТО, ЕУ и други организации во полето на одбраната. Република Македонија беше домаќин на петтата конференција која се одржа во 2011 година, во Охрид, а следен пат ќе биде домаќин во 2022 година. /МИА

Пуштена во употреба фабриката за производство на фотоволтаични соларни модули

Со свечена церемонија денеска во употреба се пушти првата фабрика за производство за фотоволтаични соларни модули на компанијата „Пиксел Груп“.

Ова е прва фабрика од ваков тип во Македонија и регионот. фабриката се простира на површина од 1500 метри квадратни со годишен капацитет на производство од 20 мегавати на монокристални и поликристални соларни модули.

Инвестицијата за првата година изнесува 5 милиони евра, а вработени се 20 лица.

Целта е да се стимулира производството на соларна енергија како предуслов за зачувување на природната средина и да се овозможи одржливо и ефикасно снабдување на електрична енергија произведена од сончевата светлина.

Формирана работна група која ќе го истражува проблемот со линданот во Охис

Ќе се реши ли деценискиот проблем со линданот во ОХИС.

Владата на седницата вчера формирала работна група која во рок од три месеци треба да ја информира за можните решенија на овој проблем.

Во состав на работната група се генералниот секретар на владата Драги Рашковски, министерот за животна средина и просторно планирање  Садула Дураку и министерот без ресор Аднан Ќахил.

притисни ентер