Можна средба Димитров – Коѕијас во Софија

Грчките медиуми денеска пишуваат за нова можна средба меѓу Никола Димитров и Никос Коѕијас и тоа во следните два дена во Софија.
Според државната ТВ ЕРТ, средбата треба да се одржи во четврток, додека пак останатите медиуми со доза на резерва објавуваат дека е можно и веројатно двајцата министри за надворешни работи да се сретнат на маргините на неформалниот состанок Гимних во Софија, јавува дописникот на МИА од Атина.

-Господата Коѕијас и Димитров одново ќе се сретнат, утре, четврток во Софија, на неформалниот совет на МНР од ЕУ со колегите од земјите кандидати за интеграција, објави утринава грчката државна телевизија.

Весникот „Авги“, што важи за гласник на СИРИЗА, пишува дека сѐ повеќе се згуснуваат чекорите „за решавање на македонското прашање“, а по средбата во Виена веројатно е дека Димитров и Коѕијас одново ќе се сретнат во Софија.

Со сличен став е и „Катимерини“, објавувајќи дека, доколку не се случи нешто непредвидено, двајцата министри ќе имаат нова средба во бугарската престолнина.

Во однос на дводневните разговори во Виена, во Грција, освен соопштението од грчкото МНР, што беше идентично и пратено во исто време со она од македонското МНР, како што вчера објави МИА, не постојат дополнителни детали.

„Катимерини“ и „Авги“ откриваат дека нацрт спогодбата што Атина треба да му ја предложи на Скопје, не била доставена во Виена.
„Грција, од своја страна, изрази интерес да продолжат контактите се додека Скопје и Атина не стигнат до заеднички текст, односно т.н. спогодба, што ја предлага Коѕијас како основа за разговори. На тет а тет вечерата што ја имаа завчера вечерта двајцата министри, пред нивната вчерашна средба со Нимиц, имаа разговор за суштината и за процедуралните прашања„, пишува „Катимерини“.

„На средбите на двајцата министри во канцеларијата на ОН во Виена, во изминатите два дена, спогодбата не беше ставена на маса, односно сетот предлози што ги подготвува Коѕијас како основа за дијалог. Претпоставка, сепак, е дека разговорите веќе се навлезени во суштината и на маса биле сите прашања – лесните, разбирливите и трнливите. Ова се случи завчера на билатералната средба на двајцата министри за надворешни работи, но и вчера кога им се приклучи и специјалниот медијатор од ОН за „македонското прашање“, Нимиц“, пишува весникот „Авги“,.

Вчерашната средба на министрите Коѕијас и Димитров со медијаторот Нимиц во Виена траеле од 09.30 до 16.40, наведува грчката новинска агенција АНА-МПА. За време на средбата, Димитров, Коѕијас и Нимиц, имале и заеднички работен ручек.
Од Виена, Коѕијас се врати во Атина, а Димитров замина за Софија. 

Началникот на ГШ на АРМ Величковски на конференција во Белград

Началникот на генералштабот на  Армијата на Република Македонија, генерал потполковник Методија Величковски учествува на 12. Конференција на началниците на генералштабови (НГШ) на армиите на балканските земји во Белград.

На конференцијата учествуваат НГШ на армиите од девет балкански земји членки (Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Македонија, Романија, Србија, Турција и Црна Гора), како и претставници од воениот комитет на НАТО, воениот комитет на ЕУ, Командата на Здружените Сили во Неапол и Словенија во улога на набљудувачи.

На работните сесии покрај усвојување на годишниот извештај, се разгледувале и безбедноста и предизвиците во кибер просторот, како и подобрување на регионалната соработка во ова поле, за што свое излагање имале експерти од оваа област, соопшти ГШ на АРМ.

Генералот Величковски во своето обраќање изразил надеж дека овој форум и во понатамошниот период ќе претставува столб на меѓусебното разбирање и конструктивна воена соработка, со што се дава придонес за севкупната стабилност во регионот.

На отворањето на Конференцијата министерот за одбрана на Република Србија, Александар Вулин истакнал дека мирот и стабилноста се од најголем интерес за балканскиот регион и дека соработката во воената област е единствен начин на решавање на безбедносните проблеми.

Генералот Величковски за време на форумот во попладневните часови по потпишување на заедничката изјава ќе оствари официјална билатерална средба со началникот на ГШ на вооружените сили на Србија, генерал Љубиша Дикович, како и неформални средби со другите учесници на кои ќе се дискутира за идентификување на можностите, облиците и мерките за зајакнување на понатамошната воената соработка.

Конференцијата во овој формат е воспоставена во 2006 година и се одржува еднаш годишно со ротирачки циклус на земја домаќин. Донесените заклучоци претставуваат основа и значаен механизам за продлабочување не само на меѓусебната, туку и на соработката со НАТО, ЕУ и други организации во полето на одбраната. Република Македонија беше домаќин на петтата конференција која се одржа во 2011 година, во Охрид, а следен пат ќе биде домаќин во 2022 година. /МИА

Пуштена во употреба фабриката за производство на фотоволтаични соларни модули

Со свечена церемонија денеска во употреба се пушти првата фабрика за производство за фотоволтаични соларни модули на компанијата „Пиксел Груп“.

Ова е прва фабрика од ваков тип во Македонија и регионот. фабриката се простира на површина од 1500 метри квадратни со годишен капацитет на производство од 20 мегавати на монокристални и поликристални соларни модули.

Инвестицијата за првата година изнесува 5 милиони евра, а вработени се 20 лица.

Целта е да се стимулира производството на соларна енергија како предуслов за зачувување на природната средина и да се овозможи одржливо и ефикасно снабдување на електрична енергија произведена од сончевата светлина.

Формирана работна група која ќе го истражува проблемот со линданот во Охис

Ќе се реши ли деценискиот проблем со линданот во ОХИС.

Владата на седницата вчера формирала работна група која во рок од три месеци треба да ја информира за можните решенија на овој проблем.

Во состав на работната група се генералниот секретар на владата Драги Рашковски, министерот за животна средина и просторно планирање  Садула Дураку и министерот без ресор Аднан Ќахил.

притисни ентер