Одбиен предлогот на одбраната аудио снимките да не се користат како доказ во „Траекторија“

Во Кривичниот суд продолжи судењето за предметот „Траекторија“ во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.
Обвинетите присуствуваат на денешното рочиште што го води судијата Горан Бошевски.

На почетокот, судијата Бошевски ги одби предлозите на одбраната од претходното рочиште да им бидат предадени доказите на ЦД или во пишана форма, како и аудио снимките да се одбијат како материјални докази во постапката.

Во однос на аудио снимките, Бошевски рече дека независно што тие се креирани на незаконит начин, сепак од СЈО се предадени на законит начин и можат да се користат во постапката.

Бошевски посочи дека транскриптите од снимките не се доказ, туку помошно средство и апелираше, но не го задолжи СЈО, ако може да ги даде на одбраната на ЦД, бидејќи и судот нема ништо против тоа да биде направено.
Како дел од доказниот материјал во овој случај се 315 аудио-снимки.

Одбраната побара да добие и записник од рочиштето од 31 јануари и обвини дека се уште не и е доставен, иако го побарале со цел да се подготват соодветно за денешното рочиште. Посочија дека рокот за достава на записникот од главната расправа е 24 часа.

Судењето за „Траекторија“ почна од почеток на 31 јануари поради променет судечкиот совет.

Адвокатите на обвинетите ги оспоруваат и вештачењата за направената штета со изградбата на автопатиштата во износ од 155 милиони евра.
Во „Траекторија“, Груевски, Јанакиески, Пешевски и Георгиевски се обвинети дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево - Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа, според СЈО, му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра и за истиот износ на компанијата изведувач и овозможиле да се стекне со имотна корист. 

Зголемени водостоите на реките Вардар, Пчиња и Брегалница

Најголемо зголемување на водостоите имаат реките Вардар кај Јегуновце, Зајчев рид и Демир Капија, Пчиња кај Катлановска Бања.

Повисоки нивоа споредено со вчерашните се регистрирани на реките Вардар кај Јегуновце, Зајчев Рид, Велес и Демир Капија, Пчиња кај Катлановска Бања, Брегалница кај Берово и Штип, Сушево кај Струмица, Црна река кај Новаци, Сатеска кај Ботун и Радика кај Бошков Мост покажуваат хидролошки мерења направени од Управата за хидрометеоролошки работи.

Најголемо зголемување на водостоите имаат реките Вардар кај Јегуновце, Зајчев рид и Демир Капија, Пчиња кај Катлановска Бања.

Од УХМР информираат дека минимално зголемување на нивоата е регистрирано на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро. 

Над 8.000 македонски граѓани преку ГП Богородица заминале кон Грција за продолжениот викенд

 На граничниот премин „Богородица“ утрово од околу три часот е зголемена сообраќајната фреквенција.

Oсобено на туристи и патнички возила кои се упатуваат кон Грција за продолжениот викенд, информира за МИА командирот на граничниот премин Миле Тошев напоменувајќи дека за изминативе седум часа,  на излез се регистрирани околу 4.500 патници.

- Работиме со полн човечки и инфраструктурен капацитет за да ги задоволиме потребите на сите што одлучиле да патуваат преку овој граничен премин. Ангажирани се сите шест сообраќајни ленти од кои пет за патничките и една за транспортните возила. Задржувањето на патниците изнесува од 20 до 30 минути поради обавување на царинските формалности. Толкаво е задржувањето на патниците и на грчката страна од границата. На влез во земјава состојбата е многу порелаксирана, поточно секојдневна, рече Тошев.

Според податоциете од пограничната полиција, од вчера од 12 часот низ граничниот премин Богородица кон Грција се упатиле вкупно 12.200 патници од кои само на излез се регистрирани 10.394 патници.Од нив 8.500 се македонски граѓани, а останатите претежно туристи од Србија.

Тевдовски и Ангеловска-Бежоска во работна посета на Брисел

 Министерот за финансии Драган Тевдовски и гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Анита Ангеловска - Бежоска се во работна посета на Брисел.

Како што соопштија од Министерството за финансии, посетата на Тевдовски и Ангеловска-Бежоска е во рамки на Економско-финансискиот дијалог меѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција.

На настанот ќе бидат презентирани оценките на земјите во исполнувањето на насоките на ЕУ во Програмата за економски реформи. 

Во рамки на посетата министерот за финансии ќе се сретне со еврокомесарот за економски и финансиски прашања, даноци и царина, Пјер Московичи. Целта на средбата со еврокомесарот е да се унапреди соработката со ЕУ на сите полиња.

Во соопштението се додава дека Министерството за финансии првпат има стратегија за создавање европски систем за управување со јавните финансии. 

притисни ентер