СДСМ: Во времето на ВМРО-ДПМНЕ цената на тутунот беше помала од 190 денари, а таа денес изнесува 217.5 денари - зборот е збор

Производителите на тутун ќе добиваат повисоки субвенции за секој килограм тутун, започнувајќи од реколтата 2017 година. Зборот е збор. Субвенцијата за прва класа тутун ќе изнесува 80 денари по килограм, што е прво ниво.

За втора класа, односно второто ниво, субвенцијата ќе изнесува 70 денари.

Третото ниво на субвенционирање ќе изнесува 60 денари по килограм и ќе се однесува на третата, четвртата класа и за двете дополнителни класи.
Таквиот начин на субвенционирање, ќе ги мотивира тутунарите да го зголемат производството, но и да одгледуваат поквалитетен тутун за да добијат повисока субвенција.

Согласно откупната цена по класи, вкупната исплатена сума кон тутунарите ќе биде над 80 милиони евра, а со зголемените субвенции, на тутунопроизводителите ќе им бидат исплатени 28 милиони евра по основ на субвенции.

Тоа значи дека реколтата 2017 година на околу 23.000 семејства ќе им обезбеди приход од вкупно 100 милиони евра.
Со реализација на оваа мерка од Планот за живот во Македонија се прави уште еден сериозен чекор до нашата крајна цел: достоинствени земјоделци кои спокојно живеат од својот труд.

За разлика од годините во периодот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ кога просечната цена на килограм тутун изнесуваше помалку од 190 денари, таа за реколтата 2017 година изнесува 217.5 денари, што е една од највисoките цени до сега.

Дополнително, наскоро ќе бидат донесени измени и на Законот за тутун и тутунски производи, со кои што ќе се укине поднесувањето на евидентни листови. Тутунарите директно ќе склучуваат договори со откупните претпријатија и ќе се поедностави административната процедура за склучување на договорите за производство.

Заврши времето на понижувањето и манипулирањето што ВМРО-ДПМНЕ со години го правеше врз земјоделците. Развојот на земјоделството и унапредување на статусот на земјоделците остануваат врвен приоритет на Владата предводена од СДСМ која што продолжува одговорно, посветено и транспарентно да ги спроведува зацртаните мерки што обезбедуваат квалитетен живот за тутунопроизводителите и земјоделците.

Пуштена во употреба фабриката за производство на фотоволтаични соларни модули

Со свечена церемонија денеска во употреба се пушти првата фабрика за производство за фотоволтаични соларни модули на компанијата „Пиксел Груп“.

Ова е прва фабрика од ваков тип во Македонија и регионот. фабриката се простира на површина од 1500 метри квадратни со годишен капацитет на производство од 20 мегавати на монокристални и поликристални соларни модули.

Инвестицијата за првата година изнесува 5 милиони евра, а вработени се 20 лица.

Целта е да се стимулира производството на соларна енергија како предуслов за зачувување на природната средина и да се овозможи одржливо и ефикасно снабдување на електрична енергија произведена од сончевата светлина.

Формирана работна група која ќе го истражува проблемот со линданот во Охис

Ќе се реши ли деценискиот проблем со линданот во ОХИС.

Владата на седницата вчера формирала работна група која во рок од три месеци треба да ја информира за можните решенија на овој проблем.

Во состав на работната група се генералниот секретар на владата Драги Рашковски, министерот за животна средина и просторно планирање  Садула Дураку и министерот без ресор Аднан Ќахил.

ССК: Градежниците загрижени од намелната инвестициска активност во градежниот сектор

 Во март годинава се издадени 45,1 процент помалку одобренија за градба во однос на истиот месец лани, што укажува на намалување на инвестиции во градежниот сектор.

Затоа од Комората за градежништво при Сојузот на стопански комори бараат продолжување на рокот за повластена стапка од 5 отсто за ДДВ при прва продажба на станови до 2023 година и почитување на законскиот временски рок за издавање одобрение за градба.

Претседателот на Комората Ивица Јаќимовски истакна дека пречките што доведуваат до намалување на инвестициите во градежништвото се непочитувањето на посочениот временски рок за издавање дозволи, неизвесноста дали ќе биде продолжена мерката за повластена даночна стапка, како и мораториумот за градење што го вовеле одредени општини.

- Градежниот сектор придвижува 26 други гранки. До 10 проценти од вкупниот број вработени отпаѓаат на овој сектор, а и 10 проценти од БДП е резултат на градежништвото, рече Јаќимовски, потенцирајќи го значењето што оваа гранка го има за државата.

Потпретседателот на Комората за градежништво Зоран Азманов апелираше Владата што побрзо да ја донесе одлуката за продолжување на рокот за повластена стапка од 5 проценти. Доколку тоа не се направи веднаш туку до крајот на годината, според Азманов, во 2019 ќе има многу малку инвестиции во градежништвото поради неизвесноста во која се наоѓаат инвеститорите.

- Тоа значи дека ќе следи намалување на приходот во Буџетот по основ на придонеси, персонален данок како резултат на намалената вработеност во секторот, но и намалување по основ на ДДВ од производство и промет на градежни репроматеријали, суровини и опрема, како и по основ на данок на добивка поради стагнација на пазарот на недвижности, рече Азманов.

Потенцира и дека непродолжувањето на рокот на повластената стапка ќе значи покачување на цените на становите.

Азманов апелираше да се внимава со најавувањето на евентуално поништување на деталните урбанистички планови, особено во оние делови каде се издадени одобренија за градење или веќе се отпочнати градби.

притисни ентер