Сообраќајот отежнат, прекини и забрани на дел од патиштата

На планинскиот превој Ѓавато изутрина во седум часот е укината забраната за тешки товарни возила. Од шест часот изутрина повторно е во целосен прекин сообраќајот на патот Маврово - Дебар, поради снежната лавина што падна синоќа околу 18 часот кај Бигорскиот манастир, соопшти Автомотосојузот на Македонија (АМСМ).
Забрани за тешки товарни возила има на патните правци Струга – граничен премин Ќафасан, крак Маврово – Дебар, крак Стража – село Колари и обратно, како и на планинските премини Пресека, Буково и Ѓавато. На патот Тетово – Попова Шапка има  забрана за тешки товарни возила и автобуси.

Како што информира АМСН, сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози. На повисоките места има остатоци од кашаст снег, по интервенција на дежурните служби.

Снег врне во Крива Паланка, Страцин, Попова Шапка, Павлешници и Кула.

Поради отстранување одрони во близина на село Истибања, од викендот е во прекин сообраќајот на патот Кочани - Македонска Каменица.Се користи алтернативен пат Кочани - Виница - Драгобрашта - Бигла - Македонска Каменица.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и засеците можна е појава на одрони, особено на патните правци: Кочани - Македонска Каменица - Делчево, Виница - Берово, Гостивар - Стража, Маврово – Дебар - Струга, Демир Капија - Удово, Катланово - Велес, Крушево - Демир Хисар и Ресен - Буково.

Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата. /МИА

Пуштена во употреба фабриката за производство на фотоволтаични соларни модули

Со свечена церемонија денеска во употреба се пушти првата фабрика за производство за фотоволтаични соларни модули на компанијата „Пиксел Груп“.

Ова е прва фабрика од ваков тип во Македонија и регионот. фабриката се простира на површина од 1500 метри квадратни со годишен капацитет на производство од 20 мегавати на монокристални и поликристални соларни модули.

Инвестицијата за првата година изнесува 5 милиони евра, а вработени се 20 лица.

Целта е да се стимулира производството на соларна енергија како предуслов за зачувување на природната средина и да се овозможи одржливо и ефикасно снабдување на електрична енергија произведена од сончевата светлина.

Формирана работна група која ќе го истражува проблемот со линданот во Охис

Ќе се реши ли деценискиот проблем со линданот во ОХИС.

Владата на седницата вчера формирала работна група која во рок од три месеци треба да ја информира за можните решенија на овој проблем.

Во состав на работната група се генералниот секретар на владата Драги Рашковски, министерот за животна средина и просторно планирање  Садула Дураку и министерот без ресор Аднан Ќахил.

ССК: Градежниците загрижени од намелната инвестициска активност во градежниот сектор

 Во март годинава се издадени 45,1 процент помалку одобренија за градба во однос на истиот месец лани, што укажува на намалување на инвестиции во градежниот сектор.

Затоа од Комората за градежништво при Сојузот на стопански комори бараат продолжување на рокот за повластена стапка од 5 отсто за ДДВ при прва продажба на станови до 2023 година и почитување на законскиот временски рок за издавање одобрение за градба.

Претседателот на Комората Ивица Јаќимовски истакна дека пречките што доведуваат до намалување на инвестициите во градежништвото се непочитувањето на посочениот временски рок за издавање дозволи, неизвесноста дали ќе биде продолжена мерката за повластена даночна стапка, како и мораториумот за градење што го вовеле одредени општини.

- Градежниот сектор придвижува 26 други гранки. До 10 проценти од вкупниот број вработени отпаѓаат на овој сектор, а и 10 проценти од БДП е резултат на градежништвото, рече Јаќимовски, потенцирајќи го значењето што оваа гранка го има за државата.

Потпретседателот на Комората за градежништво Зоран Азманов апелираше Владата што побрзо да ја донесе одлуката за продолжување на рокот за повластена стапка од 5 проценти. Доколку тоа не се направи веднаш туку до крајот на годината, според Азманов, во 2019 ќе има многу малку инвестиции во градежништвото поради неизвесноста во која се наоѓаат инвеститорите.

- Тоа значи дека ќе следи намалување на приходот во Буџетот по основ на придонеси, персонален данок како резултат на намалената вработеност во секторот, но и намалување по основ на ДДВ од производство и промет на градежни репроматеријали, суровини и опрема, како и по основ на данок на добивка поради стагнација на пазарот на недвижности, рече Азманов.

Потенцира и дека непродолжувањето на рокот на повластената стапка ќе значи покачување на цените на становите.

Азманов апелираше да се внимава со најавувањето на евентуално поништување на деталните урбанистички планови, особено во оние делови каде се издадени одобренија за градење или веќе се отпочнати градби.

притисни ентер