Снегот предизвика проблеми во сообраќајот

Врнежите од снег предизвикаа проблеми во одвивањето на сообраќајот на повеќе патни правци низ државата.
Поради лавина од камења и снег целосно беше во прекин патот Маврово-Дебар, а вечерва според информацијата од Авто мото сојузот на Македонија, сообраќајот се одвива по една коловозна лента.

Забрана за патнички возила е воведена на планинскиот превој Ѓавато, а на патниот правец Тетово–Попова Шапка е воведена забрана за тешки товарни возила и за автобуси. Забрана за тешки товарни возила има и на патните правци Струга – граничен премин Ќафасан, од Стража кон село Колари и обратно и на планинските премини Пресека и Буково.

Во прекин беше и магистралниот пат Крива Паланка - Куманово поради сообраќајка кај селото Гиновце. По извршениот увид, од 20 часот сообраќајот на овој патен правец е нормализиран.

Началникот на ГШ на АРМ Величковски на конференција во Белград

Началникот на генералштабот на  Армијата на Република Македонија, генерал потполковник Методија Величковски учествува на 12. Конференција на началниците на генералштабови (НГШ) на армиите на балканските земји во Белград.

На конференцијата учествуваат НГШ на армиите од девет балкански земји членки (Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Македонија, Романија, Србија, Турција и Црна Гора), како и претставници од воениот комитет на НАТО, воениот комитет на ЕУ, Командата на Здружените Сили во Неапол и Словенија во улога на набљудувачи.

На работните сесии покрај усвојување на годишниот извештај, се разгледувале и безбедноста и предизвиците во кибер просторот, како и подобрување на регионалната соработка во ова поле, за што свое излагање имале експерти од оваа област, соопшти ГШ на АРМ.

Генералот Величковски во своето обраќање изразил надеж дека овој форум и во понатамошниот период ќе претставува столб на меѓусебното разбирање и конструктивна воена соработка, со што се дава придонес за севкупната стабилност во регионот.

На отворањето на Конференцијата министерот за одбрана на Република Србија, Александар Вулин истакнал дека мирот и стабилноста се од најголем интерес за балканскиот регион и дека соработката во воената област е единствен начин на решавање на безбедносните проблеми.

Генералот Величковски за време на форумот во попладневните часови по потпишување на заедничката изјава ќе оствари официјална билатерална средба со началникот на ГШ на вооружените сили на Србија, генерал Љубиша Дикович, како и неформални средби со другите учесници на кои ќе се дискутира за идентификување на можностите, облиците и мерките за зајакнување на понатамошната воената соработка.

Конференцијата во овој формат е воспоставена во 2006 година и се одржува еднаш годишно со ротирачки циклус на земја домаќин. Донесените заклучоци претставуваат основа и значаен механизам за продлабочување не само на меѓусебната, туку и на соработката со НАТО, ЕУ и други организации во полето на одбраната. Република Македонија беше домаќин на петтата конференција која се одржа во 2011 година, во Охрид, а следен пат ќе биде домаќин во 2022 година. /МИА

Пуштена во употреба фабриката за производство на фотоволтаични соларни модули

Со свечена церемонија денеска во употреба се пушти првата фабрика за производство за фотоволтаични соларни модули на компанијата „Пиксел Груп“.

Ова е прва фабрика од ваков тип во Македонија и регионот. фабриката се простира на површина од 1500 метри квадратни со годишен капацитет на производство од 20 мегавати на монокристални и поликристални соларни модули.

Инвестицијата за првата година изнесува 5 милиони евра, а вработени се 20 лица.

Целта е да се стимулира производството на соларна енергија како предуслов за зачувување на природната средина и да се овозможи одржливо и ефикасно снабдување на електрична енергија произведена од сончевата светлина.

Формирана работна група која ќе го истражува проблемот со линданот во Охис

Ќе се реши ли деценискиот проблем со линданот во ОХИС.

Владата на седницата вчера формирала работна група која во рок од три месеци треба да ја информира за можните решенија на овој проблем.

Во состав на работната група се генералниот секретар на владата Драги Рашковски, министерот за животна средина и просторно планирање  Садула Дураку и министерот без ресор Аднан Ќахил.

притисни ентер