Владата донесе одлука за повисоки субвенции за тутунот , одобрена поддршка за две странски инвестиции

На 54 седница на Владата е донесена одлука за повисоки стимулативни субенции за тутунот; одобрена е поддршка за две нови странски инвестиции, прифатени се препораките на УНЕСКО за заштита на Охридскиот регион, Мерцедесот оди на аукција. Вадата ги задолжи министерствата да ги достават приоритетите за реформи што ќе бидат опфатени до крајот на годината.
На денешната седница владата ги разгледа и ги усвои изменувањата и дополнувањата на Уредбата за критериуми за субвенционирањето на тутунот. Со измените во уредбата, почнувајќи од реколтата 2017 година, тутунарите ќе добиваат повисоки субвенции со што директно се стимулира производството на квалитетен тутун. Одлуката се однесува на целокупната количина тутун според категориите и типовите опфатени со уредбата, се наведува во соопштението на Владата .

На денешната седница владата донесе одлуки за поддршка на две нови странски инвестиции. Првата за давање согласност за долготраен закуп на градежно земјиште за компанијата за производство на лекови САГЕН, a втората за Договорот за доделување државна помош на Друштво за производство, трговија и услуги, компанијата ВИК во Технолошко индустриската развојна зона Прилеп.

Владата денеска ја разгледа и ја усвои информацијата на Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми Македонски шуми - Скопје за вкупно потрошените финансиски средства за спроведување на Акцијата “Ден на дрвото - засади ја својата иднина” од почетокот на акцијата до 2016 година. Според оваа информација за реализација на оваа акција биле потрошени 17,8 милиони евра, а преживеале само 21 отсто од вкупно засадените садници. Дополнителни 31 милион денари во оваа акција биле потрошени за засадување палми, а во извештајот се наведува дека ниту една палма не преживеала.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за изработката на Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките од Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО за состојбата на природното и културното наследство на Охридскиот регион, како и Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките.

Согласно препораките, преземени се мерки и активности со што е отстранета опасноста Охридскиот регион да го загуби статусот на светско наследство на УНЕСКО.

Владата го задолжи Министерството за култура, преку Национална комисија за УНЕСКО да го достави извештајот до Центарот за светско наследство на УНЕСКО, во рок од 10 дена од усвојувањето на Информацијата.

Владата денеска донесе одлука да се изврши продажба на патничкото моторно возило Мерцедес Бенц С600 преку електронскиот систем за јавно наддавање со кој управува и оперира Министерството за финансии. Почетната проценета вредност на овој автомобил, согласно проценката на  Бирото за судски вештачења, изнесува 14.372.208,00 денари (230.000 евра). Јавното наддавање ќе се изврши електронски на интернет страницата www.e-aukcii.finance.gov.mk

Во рамките на точката за состојбите и напредокот во процесот на европска интеграција и реализацијата на Планот 3-6-9, владата донесе заклучок да се забрза донесувањето на законите предвидени во одредниците 6 и 9 од планот, и ги задолжи министерствата да ги достават приоритетите за реформи што ќе бидат опфатени до крајот на годината.

Владата денеска ја разгледа и усвои информацијата за Регионална депонија Русино и го задолжи Министерството за транспорт и врски да ја предвиди изработката на Државна урбанистичко планска документација за оваа регионална депонија во годишната програма за финансирање на изработка на урбанистичките планови, урбанистичко плански – документации на Владата на Република Македонија за 2018 година.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Предлог-Националната програма за развој на земјоделството и рурален развој за период 2018-2022 година.

Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за прогресот на активности во реализацијата на Акцискиот план за проектот „Изградба на автопат Скопје-Блаце“ со проекција работите да започнат во втората половина на 2019 и да бидат завршени до крајот на 2022 година.

На предлог на Министерството за локална самоуправа, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од изменување и дополнување на Програмата за оддржлив локален развој и децентрализација во Република Македонија 2015-2020 и информацијата за подготовка на нов Акциски план 2018-2020 за спроведување на Програмата за оддржлив локален развој и децентрализација во Република Македонија 2015-2020.

Пред почетокот на работниот дел од 54-тата седница на Владата на Република Македонија, на иницијатива на Делегацијата на ЕУ во Скопје, беше одржана презентација за реформите во јавните финансии и за важноста на раководната одговорност во ефикасното управување на јавната администрација, што ја подготви СИГМА, заедничката иницијатива на ОЕЦД и Европската унија, која работи со земјите пристапнички во ЕУ.

Во презентацијата на СИГМА посебен фокус беше посветен на мониторингот  за отчетноста во владините институции, со констатација дека во втората половина на 2017 година е направен исчекор во управувањето со институциите и внатрешната контрола, за разлика од првата половина на годината кога за усогласувањето на политиките и стратегиите со финансиите беа искажани оценки.

Извештајот на мониторингот на СИГМА објаснува дека исчекорот напред во втората половина на 2017 година се должи на подготовката на двата стратешки документи „Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2018 –2021 година“ и „Стратегијата за реформа на јавната администрација 2017-2022 година.



Пуштена во употреба фабриката за производство на фотоволтаични соларни модули

Со свечена церемонија денеска во употреба се пушти првата фабрика за производство за фотоволтаични соларни модули на компанијата „Пиксел Груп“.

Ова е прва фабрика од ваков тип во Македонија и регионот. фабриката се простира на површина од 1500 метри квадратни со годишен капацитет на производство од 20 мегавати на монокристални и поликристални соларни модули.

Инвестицијата за првата година изнесува 5 милиони евра, а вработени се 20 лица.

Целта е да се стимулира производството на соларна енергија како предуслов за зачувување на природната средина и да се овозможи одржливо и ефикасно снабдување на електрична енергија произведена од сончевата светлина.

Формирана работна група која ќе го истражува проблемот со линданот во Охис

Ќе се реши ли деценискиот проблем со линданот во ОХИС.

Владата на седницата вчера формирала работна група која во рок од три месеци треба да ја информира за можните решенија на овој проблем.

Во состав на работната група се генералниот секретар на владата Драги Рашковски, министерот за животна средина и просторно планирање  Садула Дураку и министерот без ресор Аднан Ќахил.

ССК: Градежниците загрижени од намелната инвестициска активност во градежниот сектор

 Во март годинава се издадени 45,1 процент помалку одобренија за градба во однос на истиот месец лани, што укажува на намалување на инвестиции во градежниот сектор.

Затоа од Комората за градежништво при Сојузот на стопански комори бараат продолжување на рокот за повластена стапка од 5 отсто за ДДВ при прва продажба на станови до 2023 година и почитување на законскиот временски рок за издавање одобрение за градба.

Претседателот на Комората Ивица Јаќимовски истакна дека пречките што доведуваат до намалување на инвестициите во градежништвото се непочитувањето на посочениот временски рок за издавање дозволи, неизвесноста дали ќе биде продолжена мерката за повластена даночна стапка, како и мораториумот за градење што го вовеле одредени општини.

- Градежниот сектор придвижува 26 други гранки. До 10 проценти од вкупниот број вработени отпаѓаат на овој сектор, а и 10 проценти од БДП е резултат на градежништвото, рече Јаќимовски, потенцирајќи го значењето што оваа гранка го има за државата.

Потпретседателот на Комората за градежништво Зоран Азманов апелираше Владата што побрзо да ја донесе одлуката за продолжување на рокот за повластена стапка од 5 проценти. Доколку тоа не се направи веднаш туку до крајот на годината, според Азманов, во 2019 ќе има многу малку инвестиции во градежништвото поради неизвесноста во која се наоѓаат инвеститорите.

- Тоа значи дека ќе следи намалување на приходот во Буџетот по основ на придонеси, персонален данок како резултат на намалената вработеност во секторот, но и намалување по основ на ДДВ од производство и промет на градежни репроматеријали, суровини и опрема, како и по основ на данок на добивка поради стагнација на пазарот на недвижности, рече Азманов.

Потенцира и дека непродолжувањето на рокот на повластената стапка ќе значи покачување на цените на становите.

Азманов апелираше да се внимава со најавувањето на евентуално поништување на деталните урбанистички планови, особено во оние делови каде се издадени одобренија за градење или веќе се отпочнати градби.

притисни ентер