Солунскиот градоначалник Јанис Бутарис не го издржа притисокот на јавноста

Солунскиот градоначалник Јанис Бутарис не го издржа притисокот на јавноста. Бев изваден од контекст, објасни попладнево тој на вонредната прес конференција, откако вчера изјави дека Грција треба да размисли за промена на аеродромот Македонија во Солун.
- Не предложив, не предлагам и нема да предложам промена на името, едноставно ја изразив мојата загриженост. Она што го кажав и не го одрекувам е дека на ова прашање имаме загубено, 130-150 земји, колку и да се, ја имаат признато земјата под името Македонија, изјави попладнево Јанис Бутарис, градоначалник на Солун. 

Контроверзната изјава Бутарис ја даде на вчерашниот градски совет во Солун, а  ја потврди и утринава во гостувањето на телевизија Скај, каде отиде и чекор понатаму и предложи солунскиот аеродром да се преименува во Никос Галис, најдобриот грчки кошаркар на сите времиња. Прашан како може два пати во еден ден да биде погрешно разбран, сега вели дека бил поспан кога му се јавиле од телевизијата.

-За Никос Галис, што беше споменато, ме праша една госпоѓа од Скај, не и го помнам името, кога би се предложило менување на името, што би предложил и нормално јас реков Никос Галис, објасни Бутарис

Од грчката влада не ја коментираа изјавата на Бутарис, но затоа побрзаа да ја зацементираат позицијата на Ципрас, уште пред да почне денешната рунда преговори во Виена. Топката е на теренот на нашите соседи, кои треба и во пракса да покажат дека ја промениле реторика, изјави портпаролот Ѕанакопулос  во изјава за грчко радио Алфа.

-Говориме за сложено име, кое ќе важи за сите и ќе биде за севкупна употреба. Тоа значи дека не може да биде поинаку од промена на уставното име на соседот и ова, сметаме дека е рамката во која би можело да се најде токму ова заемно прифатливо решение, рече Димитрис Ѕанакопулос, портпарол на грчката влада за радиото Алфа 989

Истиот став вчера го повтори и Ципрас пред членовите на владеачката Сириза, во чие обраќање не го спомена прашањето за идентитетот.


Најмногу дожд во Крива Паланка

Во изминатите 24 часа најмногу дожд наврнало во Крива Паланка, покажуваат мерењата на УХМР.

Спорд мерењата во Крива Паланка се наврнати 47 литри на метар квадратен воден талог, следи Струмица со 31, Скопје - Зајчев Рид со 25, Штип со 20, Скопје - Петровец 19, Куманово 18, Демир Капија 17, Ѓуриште 15, Берово девет, Тетово, Виница и Маврово седум, Охрид и Пожаране шест, Крушево, Дојран, Гевгелија и Тополчани пет, Прилеп четири, Битола два и во Претор еден литар.

Минималната температура се движела од седум во Претор, девет во Берово, 10 Маврово и Крушево, 11 Ѓуриште и Крива Паланка, 12 Пожаране и Тополчани, 13 Охрид, 14 Виница, Тетово, Битола, Куманово и Прилеп, 15 Штип, Струмица и Скопје до  16 во Демир Капија, Гевгелија и Дојран.

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, на места врнежите ќе бидат поројни и проследени со грмежи. Локално се очекуваат пообилни врнежи, особено во источните делови.

Соодветно на оваа најава за денеска, во зависност од остварувањето на прогнозата за врнежите, кај помалите водотеци и суводолици од УХМР очекува брз пораст и затоа доколку се јават поројни води, предупредуваатна внимателно движење покрај водотеците и суводолиците. Максимална температура денеска ќе се движи од 17 до 24 степени.

Од утре ќе биде претежно стабилно и потопло, во попладневните часови со ретка појава на краткотраен дожд и грмежи. 

Честитка од Мицкоски по повод 24 Мај

Ова е ден кога се потсетуваме на големината на Браќата свети Кирил и Методиј.

Ние треба да бидеме среќни и горди како народ, бидејќи Кирил и Методиј со своето делување и работење овозможија поголема рамноправност на народите во своето време.

Во исто време не треба да заборавиме како горди наследници на секој начин да ја продолжиме нивната мисија образованието да ни биде приоритет, а ширењето на писменоста стремеж кон кој мора да целиме.

Како народ треба да се стремиме и создадеме општество кое почива врз вредностите кои ни ги оставија светите Браќа Кирил и Методиј.

Делото на светите браќа Кирил и Методиј е воедно и потврда за македонскиот јазик, за македонската литература и култура, црква и традиција, револуција и историја, за македонското име и идентитет.

Кирил и Методиј, веруваа во правото на секој народ да го користи својот јазик, а врз основа на тоа да го гради својот идентитет, литература и култура.

Нека ни е честит Денот и Големото дело на светите Кирил и Методиј кое нè обврзува да продолжиме да ги промовираме нивната мисија на учење и традицијата која се темели на мирот, духовното богатство на луѓето, меѓусебното почитување, толеранцијата и солидарноста. 

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Германската амбасада со грант за неготинското комунално претпријатие

Германската амбасада обезбедува грант за неготинското комунално претпријатие, изјави денеска Методи Митрев, портпарол во општина Неготино.

Тој појасни дека завчера градоначалникот на Неготино, Тони Делков и директорката на Јавното претпријатие „Комуналец" Марина Бојаџиева престојувале во работна посета во Амбасадата на Германија во Република Македонија.

- Целта на работната средба беше потпишување на договор за грант за потребите на локалното комунално претпријатие. Со овој грант „Комуналец” на располагање ќе добие еден агрегат за струја, машина за сечење на асфалт и бетон, како и машина за одзатнување на канализационата мрежа, рече Митрев.

Додаде дека обезбедените машини ќе продонесат за поквалитетно и поефикасно извршување на секојдневните работни обврски на вработените во „Комуналец”. 

притисни ентер