Големата акција за чистење на Скопје продолжува во Карпош

Како дел од краткорочните мерки на Град Скопје за намалување на загадувањето, неделава ќе се чистат зеленилото и јавните површини меѓу зградите, т.н блоковско зеленило во општина Карпош. Акцијата ја изведува ЈП „Паркови и зеленило“.
На вториот ден од оваа акција во Карпош присуствуваа претседателката на Советот на Град Скопје Љубица Јанчева, градоначалникот на општината Стефан Богоев  и директорот на ЈП „Паркови и зеленило Ардијан Муча. 

- Една од причините за загадување на воздухот е отпадот низ парковите. Ова е продолжение на акцијата за чистење која беше спроведена изминатиот месец во Чаир, Бутел и Шуто Оризари, како реони каде што најголем број од домаќинствата се греат на дрва, чие согорување го зголемува количеството на ПМ10 честички во воздухот, изјави Јанчева.

Градоначалникот Богоев информира дека целта е да се исчисти Карпош и подготовка за зелената офанзива која, како што рече, ќе почне на пролет во општината.

Град Скопје преку Секторот за комунални работи и ЈП „Паркови и зеленило“ поради поволните временски услови ја почна и реализацијата на Програмата за подигање и реконструкција на јавното зеленило на подрачјето на град Скопје.

Јанчева информира дека паралелно со чистењето, се работи и на зазеленување на парковите, обновување на тревните површини и реконструкција на системите за наводнување и поставување нови на места каде што никогаш немало поставено прскалки. Се работи во Градски парк на две локации: езерцето кај Стадионот и површината спроти паркингот пред Фонтана и влезот во Градскиот парк, како и тревната површина на кејот на реката Вардар и зелената површина зад МКЦ. Хортикултурно се уредува јавна површина и се подига нова парковска површина на булеварите „Втора македонска бригада“, „Македонско-косовска бригада“, „Христијан Тодоровски - Карпош“ и на улицата „Самоилова“.

Кон крајот на минатата година Град Скопје организираше чистење и беа отстранети над 3.000 метри кубни отпад од парковите и улиците во Скопје. /МИА

Пуштена во употреба фабриката за производство на фотоволтаични соларни модули

Со свечена церемонија денеска во употреба се пушти првата фабрика за производство за фотоволтаични соларни модули на компанијата „Пиксел Груп“.

Ова е прва фабрика од ваков тип во Македонија и регионот. фабриката се простира на површина од 1500 метри квадратни со годишен капацитет на производство од 20 мегавати на монокристални и поликристални соларни модули.

Инвестицијата за првата година изнесува 5 милиони евра, а вработени се 20 лица.

Целта е да се стимулира производството на соларна енергија како предуслов за зачувување на природната средина и да се овозможи одржливо и ефикасно снабдување на електрична енергија произведена од сончевата светлина.

Формирана работна група која ќе го истражува проблемот со линданот во Охис

Ќе се реши ли деценискиот проблем со линданот во ОХИС.

Владата на седницата вчера формирала работна група која во рок од три месеци треба да ја информира за можните решенија на овој проблем.

Во состав на работната група се генералниот секретар на владата Драги Рашковски, министерот за животна средина и просторно планирање  Садула Дураку и министерот без ресор Аднан Ќахил.

ССК: Градежниците загрижени од намелната инвестициска активност во градежниот сектор

 Во март годинава се издадени 45,1 процент помалку одобренија за градба во однос на истиот месец лани, што укажува на намалување на инвестиции во градежниот сектор.

Затоа од Комората за градежништво при Сојузот на стопански комори бараат продолжување на рокот за повластена стапка од 5 отсто за ДДВ при прва продажба на станови до 2023 година и почитување на законскиот временски рок за издавање одобрение за градба.

Претседателот на Комората Ивица Јаќимовски истакна дека пречките што доведуваат до намалување на инвестициите во градежништвото се непочитувањето на посочениот временски рок за издавање дозволи, неизвесноста дали ќе биде продолжена мерката за повластена даночна стапка, како и мораториумот за градење што го вовеле одредени општини.

- Градежниот сектор придвижува 26 други гранки. До 10 проценти од вкупниот број вработени отпаѓаат на овој сектор, а и 10 проценти од БДП е резултат на градежништвото, рече Јаќимовски, потенцирајќи го значењето што оваа гранка го има за државата.

Потпретседателот на Комората за градежништво Зоран Азманов апелираше Владата што побрзо да ја донесе одлуката за продолжување на рокот за повластена стапка од 5 проценти. Доколку тоа не се направи веднаш туку до крајот на годината, според Азманов, во 2019 ќе има многу малку инвестиции во градежништвото поради неизвесноста во која се наоѓаат инвеститорите.

- Тоа значи дека ќе следи намалување на приходот во Буџетот по основ на придонеси, персонален данок како резултат на намалената вработеност во секторот, но и намалување по основ на ДДВ од производство и промет на градежни репроматеријали, суровини и опрема, како и по основ на данок на добивка поради стагнација на пазарот на недвижности, рече Азманов.

Потенцира и дека непродолжувањето на рокот на повластената стапка ќе значи покачување на цените на становите.

Азманов апелираше да се внимава со најавувањето на евентуално поништување на деталните урбанистички планови, особено во оние делови каде се издадени одобренија за градење или веќе се отпочнати градби.

притисни ентер