Диететските суплементи помагаат во подобрување на здравјето, зајакнување на имунитетот, но постојат и такви со кои треба да бидеме посебно внимателни.
Со продажбата на суплементи фармацевтските компании остваруваат голем профит бидејќи луѓето ги користат повеќе од кога и да е. Тие имаат позитивен ефект на целокупното здравје, но претераната употреба може да има и негативни последици, предупредуваат стручњаците.
Една студија од минатата година сугерира дека дури 89% од 57-те тестирани суплементи немале точно наведени состојки на етикетите.
Стручњаците препорачуваат хранливите материи да се внесуваат преку исхраната. Професорот Роб Чилкот, шеф на Одделот за токсикологија при Унивезитетот Херефордшир во Велика Британија, предупредува на долгорочните ризици од земањето премногу суплементи.
Магнезиум
Магнезиумот е многу важен за здравјето на нашите мускули и нерви, како и за регулирање на нивото на шеќер во крвта. Препорачаната доза за возрасни е помеѓу 310 и 420 милиграми, во зависност од полот и возраста. Ако сте земале повеќе од 500 mg на ден, тоа може да предизвика поспаност, губење на рефлексите, црвенило на лицето, а понекогаш и парализа и смрт. Консумирањето на овој додаток, според лекарите, може да го намали нивото на калциум, што може да предизвика цела низа други здравствени проблеми како депресија, аритмија и слично, наведува една клиника во Кливленд. Исто така, луѓето кои имаат слаба функција на бубрезите се особено изложени на ризик од предозирање со магнезиум.
Витамин Ц
Витаминот Ц му помага на имунолошкиот систем да функционира и му помага на телото да го апсорбира железото. Се смета за безбеден и предозирањето со овој витамин е исклучително ретко. Оптималната дневна граница е помеѓу 75 и 90 mg, но возрасните можат да земаат до 2.000 mg од овој витамин дневно. Земањето повеќе од оваа горна граница може да предизвика замор, проблеми со бубрезите и недостаток на витамин Б12. Луѓето кои страдаат од гихт, цироза и бубрежни заболувања особено треба да избегнуваат високи дози на овој витамин.
Витамин Д
Витаминот Д има повеќе улоги и е важен за нашиот имунолошки систем, мускулите и нервите и за коските. На луѓето им се советува да внесуваат по 15 mg на ден и не повеќе од 100 mg, што е иста количина како да сте изеле 13 јајца. Малку е веројатно дека ќе развиете симптоми од голема доза на витамин Д, доколку земате доза помала од 250 mg дневно. Овој додаток е еден од поризичните доколку се претера, но здравствените придобивки од овој витамин ги надминуваат неговите ризици. Предозирањето со овој витамин го зголемува нивото на калциум во крвта, што доведува до конјунктивитис, болка, треска, повраќање и губење на тежината, се наведува на bussinesinsider.com
Рибино масло
Иако лекарите и нутриционистите ја нагласуваат важноста на омега 3 масните киселини бидејќи тие се важни за функциите на срцето, крвните садови и белите дробови, и за овој додаток постојат ограничувања. Безбедно е да се земаат до 2 грама рибино масло, што е еквивалентно на една порција варен лосос. Главниот ризик поврзан со внесувањето рибино масло се тешките метали и живата што може да ги содржат рибите поради загадените води. Иако рибите се прочистуваат од тешките метали, една студија покажала дека суплементите со рибино масло не содржеле арсен, бакар, железо или жива, но истата студија потврдила дека неколку суплементи на рибино масло содржеле олово.
Извор: srecna.republika.rs