Монографија за „Марков Манастир“ - духовно и културно богатство од 14 век

Монографијата „Марков манастир - Св. Димитриј, внатрешниот духовен живот“, во авторство на игуманијата Илијана, излезе од печат деновиве во издание на ПНВ Публикации, а со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.

Свечената промоција на изданието, кое е прво од ваков вид посветено на овој манастир, ќе се одржи на 13 февруари (вторник), со почеток од 19:00 часот, во свечената сала на Соборниот храм Св. Климент Охридски во Скопје.

Промотори на монографијата, ќе бидат проф. д-р Елизабета Димитрова и проф. д-р Јован Белчовски.


Монографијата „Марков манастир - Св. Димитриј, внатрешниот духовен живот“ е труд кој е посветен на различни аспекти од вековното опстојување на манастирот. Во изданието на околу 140-те страници презентирани се различните димензии кои ја даваат пошироката слика на манастирот, тргнувајќи од историско-културниот аспект, па сѐ до естетската димензија и духовно-монашкиот елемент низ вековите па сѐ до денес.

Монографијата е илустрирана со фотографии од фотографот Ивана Батев кои ги откриваат убавините на манастирот, богатиот фрескопис, иконопис, монашкото секојдневие... Промоцијата ќе биде збогатена со мал концерт од виолинистите Михаило Куфојанакис и Момчило Куфојанакис.
Марковиот манастир е лоциран на околу 20 километри од центарот на Скопје, во живописна природа во близина на Маркова Река. Манастирскиот комплекс го сочинуваат: добро сочувана манастирска црква од 14 век посветена на Св. великомаченик Димитриј Солунски со отворен трем од 19 век, две манастирски трпезарии кои се фрескописани во 14 век, чии остатоци од фрескоживописот денес се сочувани преку конзервирани фрагменти, изложени во трпезариите, конаци со убави чардаци, параклис посветен на Св.Ап.Марко, музеј/галерија за икони и други помошни простории.
Манастирот имал добри времиња, кога бил економски богат, а и тешки денови, денови на грабежи, уривања и палења. Во манастирот цветал интензивен монашки живот. Во средината на 14 век, се подвизувале голем број на монаси, а во 19 век игуменувале Кирил Пејчинович и јеромонах Макариј. По нив тука тихувале архимандрит Јоаникиј Ракотински и Епископ Велички Гаврил Светогорец.

Во денешно време во манастирот е обновено женското монаштво, возглавено од игуменијата Илијана, со живот устроен според општежителен монашки типик, каде Исусовата молитва го зазема главното место, заедно со послушанието.

Секој може да дојде во ова духовно светилиште, да се помоли, да се исповеда, да се крсти, да се венча, да се здобие со книга со духовна содржина, со икона, со бројаница, крст, да слушне убави зборови за историјата на манастирот, а оној, кој е вистински жеден за Господа, да биде упатен во длабочините на верата Христова.

Инцидент во грчкиот Парламент – пратеник физички нападна друг пратеник

На нападнатиот веднаш му била пружена прва помош од лекарот во Парламентот.

Независниот пратеник Константинос Флорос, кој беше избран со малата радикално десничарска партија Спартанци, претпладнево физички го нападнал пратеникот од Грчко решение Василис Граменос во Парламентот, пред салата во која се одржува пленарната седница, јави дописничката на МИА од Атина.

На инцидентот му претходела вербална расправија во самата сала, што во ходникот се претворила во физичка пресметка, кога Флорос со тупаници го нападнал Граменос.

На нападнатиот веднаш му била пружена прва помош од лекарот во Парламентот.

Медиумите во Грција коментираат дека станува збор за инцидент без преседан во Парламентот.

Претседателот на Парламентот Константинос Тасулас за насилното однесување на пратеникот побара највисока казна предвидена со правилникот на работа, односно исклучување на Константинос Флорос од Парламентот на 15 дена, а паралелно ќе биде побарано и одземање на пратеничкиот имунитет и кривично да одговара.

Флорос на изборите во јуни минатата година беше избран со малата радикално десничарска партија Спартанци, која подоцна ја напушти и стана независен пратеник.

Спартанци се поврзува со поранешниот пратеник од Златна зора Илиас Касидиарис кој издржува затворска казна./МИА

ДИК: До 11 часот излезноста 12,78 отсто или 229.473 гласачи

До 11 часот излезноста на првиот круг претседателски избори е 12,78 отсто или на гласање излегле вкупно 229.473 граѓани. 

Како што е објавено на официјалната веб-страница на Државната изборна комисија (ДИК), овие проценти се врз основа на обработени 3 418 избирачки места од вкупно 3 508 во општините на територијата на целата држава.

Кина го осуди одобрувањето на пакетот американска воена помош за Тајван

Кина денеска го критикуваше одобрувањето на новиот пакет американска воена помош за Тајван, наведувајќи дека со тоа островот се става во „опасна ситуација“.

Американскиот Сенат синоќа одобри воена помош од 95 милијарди долари за Украина, Израел и Тајван по неколку месеци одложување и дебата за тоа колку САД треба да бидат вклучени во војни во странство.

Од тоа, осум милијарди долари беа наменети за Тајван, со цел да се спротивстави на кинеската закана од инвазија.

Кина смета дека Тајван, кој прогласи независност, е дел од нејзината територија и се закани дека таа позиција ќе ја брани со сила доколку е потребно.

Кинеската канцеларија во Тајван соопшти дека помошта „сериозно ги прекршува“ обврските на САД кон Кина и „испраќа погрешен сигнал до тајванските сепаратистички сили“. /МИА

притисни ентер