Музика од „Битлси“ и „Квин“ на концертот на Скопски брас-квинтет

Познатите теми од „Битлси“ и „Квин“ првпат во Македонија ќе прозвучат од лимени дувачки инструменти на концерт на Скопскиот брас-квинтет во камерната сала на Македонската филхармонија.

Вечер членовите на квинтетот: Александар Илијевски и Вилијам Бараковски (труби), Благоја Василевски (хорна), Никола Ристевски (тромбон) и Александар Ниниќ (туба) ќе ги изведат популарните: „Bohemian Rhapsody“, „Imagine“, „Hey Jude“, „I Want Hold Your Hand“, „Yesterday“, „She Loves You“, „Somebody to Love“, „Help“...

- Скопскиот брас-квинтет е формиран во 2016 година. Има широк репертоар и различни стилови и жанрови. Досегашните настапи на овој состав не биле од концертен карактер, овој концерт отвора ново поглавје во нивната кариера. Не случајно изборот се композиции од „Битлси“ и „Квин“, за да се слушне и една поинаква страна на лимените дувачки инструменти, надвор од класичниот музички репертоар, соопшти Македонската филхармонија.

Членовите на Скопскиот брас-квинтет се редовни членови во Македонската филхармонија и Македонската опера и балет, како и надворешни соработници во Градскиот дувачки оркестар, Биг-бендот на МРТВ и Биг-бендот на Здружението на џез-музичари на Македонија./МИА

Најмногу дожд во Крива Паланка

Во изминатите 24 часа најмногу дожд наврнало во Крива Паланка, покажуваат мерењата на УХМР.

Спорд мерењата во Крива Паланка се наврнати 47 литри на метар квадратен воден талог, следи Струмица со 31, Скопје - Зајчев Рид со 25, Штип со 20, Скопје - Петровец 19, Куманово 18, Демир Капија 17, Ѓуриште 15, Берово девет, Тетово, Виница и Маврово седум, Охрид и Пожаране шест, Крушево, Дојран, Гевгелија и Тополчани пет, Прилеп четири, Битола два и во Претор еден литар.

Минималната температура се движела од седум во Претор, девет во Берово, 10 Маврово и Крушево, 11 Ѓуриште и Крива Паланка, 12 Пожаране и Тополчани, 13 Охрид, 14 Виница, Тетово, Битола, Куманово и Прилеп, 15 Штип, Струмица и Скопје до  16 во Демир Капија, Гевгелија и Дојран.

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, на места врнежите ќе бидат поројни и проследени со грмежи. Локално се очекуваат пообилни врнежи, особено во источните делови.

Соодветно на оваа најава за денеска, во зависност од остварувањето на прогнозата за врнежите, кај помалите водотеци и суводолици од УХМР очекува брз пораст и затоа доколку се јават поројни води, предупредуваатна внимателно движење покрај водотеците и суводолиците. Максимална температура денеска ќе се движи од 17 до 24 степени.

Од утре ќе биде претежно стабилно и потопло, во попладневните часови со ретка појава на краткотраен дожд и грмежи. 

Честитка од Мицкоски по повод 24 Мај

Ова е ден кога се потсетуваме на големината на Браќата свети Кирил и Методиј.

Ние треба да бидеме среќни и горди како народ, бидејќи Кирил и Методиј со своето делување и работење овозможија поголема рамноправност на народите во своето време.

Во исто време не треба да заборавиме како горди наследници на секој начин да ја продолжиме нивната мисија образованието да ни биде приоритет, а ширењето на писменоста стремеж кон кој мора да целиме.

Како народ треба да се стремиме и создадеме општество кое почива врз вредностите кои ни ги оставија светите Браќа Кирил и Методиј.

Делото на светите браќа Кирил и Методиј е воедно и потврда за македонскиот јазик, за македонската литература и култура, црква и традиција, револуција и историја, за македонското име и идентитет.

Кирил и Методиј, веруваа во правото на секој народ да го користи својот јазик, а врз основа на тоа да го гради својот идентитет, литература и култура.

Нека ни е честит Денот и Големото дело на светите Кирил и Методиј кое нè обврзува да продолжиме да ги промовираме нивната мисија на учење и традицијата која се темели на мирот, духовното богатство на луѓето, меѓусебното почитување, толеранцијата и солидарноста. 

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Германската амбасада со грант за неготинското комунално претпријатие

Германската амбасада обезбедува грант за неготинското комунално претпријатие, изјави денеска Методи Митрев, портпарол во општина Неготино.

Тој појасни дека завчера градоначалникот на Неготино, Тони Делков и директорката на Јавното претпријатие „Комуналец" Марина Бојаџиева престојувале во работна посета во Амбасадата на Германија во Република Македонија.

- Целта на работната средба беше потпишување на договор за грант за потребите на локалното комунално претпријатие. Со овој грант „Комуналец” на располагање ќе добие еден агрегат за струја, машина за сечење на асфалт и бетон, како и машина за одзатнување на канализационата мрежа, рече Митрев.

Додаде дека обезбедените машини ќе продонесат за поквалитетно и поефикасно извршување на секојдневните работни обврски на вработените во „Комуналец”. 

притисни ентер