Шилегов: Град Скопје уште во 2012 година издал меница за набавка на нова печка, а печка нема

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, смета дека одговорноста за тоа зошто било дозволено досега инсинераторот на депонијата Дрисла да работи без филтри е на поранешните градоначалници на градот и екс-министрите и заменици министри за животна средина.

Тој очекува до крајот на февруари да биде ставен воден филтер на печката за согорување на отпадот и до крајот на годината да се реализира набавка на нова печка, која е во тек, согласно одлуката на МЖСПП.

- Индикативно е зошто тоа досега не е направено со оглед дека Градот во 2012 година се јавил како гарант за набавка на нова печка со давање на  меница во висина од 700.000 евра. Зошто од 2012 до 2018 година тоа не е направено ќе видиме во некои други постапки. Досега некој не си ја работел работата за која бил платен од граѓаните, вели Шилегов на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Нагласи дека тој како градоначалник во текот на 2,5-месечниот мандат работи на она што е негов врвен приоритет, на градската администрација и на МЖСПП, а тоа е, вели, заштита на животната средина и прочистување на амбиенталниот воздух. Посочи дека токму оваа градска администрација по првпат и изрече казна на Дрисла за загадување на воздухот, а имаат утврдено и посебен режим за работа на инсинератотот.
Запрашан во однос на дислокацијата на споменици од проектот Скопје 2014, повтори дека во рамки на неговите ингеренции стопирани се активностите на овој проект. Најави дека по анализата на градежната состојба на тие објекти онаму каде градот се јавува како инвеститор ќе постапат согласно решенијата за дислокација или за уривање, кои нагласи  ги носи општина Центар.

- Од формален аспект ние самите не можеме да иницираме рушење бидејќи немаме таква законска ингеренција, посочи градоначалникот Шилегов. 

Седуммина полицајци повредени во насилните протести пред Собранието

Седуммина полицајци се повредени и тројца цивили се приведени во насилните протести пред Собранието на Македонија, јави МИА повикувајќи се на полициски и болнички извори.  

Екипа на Итната медицинска помош интервенираше вечерва поради повредени лица во насилните протести што се одржаа пред Собранието. Возилото е се уште на местото на протестите, но засега нема информации за број на повредени граѓани.

Медицинскиот тим интервенирал по барање на полицијата.

Македонската полиција со солзавец растера насилни демонстранти пред Собранието кои протестираа незадоволни од Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство потпишан денеска во Псарадес.

Демонстрантите фрлаа кон полицијата шок-бомби, пиротехнички средства и камења. Полицијата возврати откако дел од нив ја турнаа заштитната ограда и се обидоа да влезат во Парламентот.

Протестот беше организиран преку социјални мрежи. /МИА

Утре променливо облачно со локален пороен дожд и грмежи

Времето утре променливо облачно на повеќе места ќе дува засилен северен ветер. Попладне ќе има нестабилност со локален пороен дожд и грмежи. УВ индексот ќе изнесува 7. Минималната температура од 11 до 18 а дневната највисока температура на воздухот

Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди и со повремено засилен северен ветер. Температурата од 16 до 31 степен.

Во вторник се очекуваат повремени врнежи од дожд кои локално ќе бидат поројни со грмежи, особено попладнето. Во среда како и во следните два дена ќе биде  сончево со мала до умерена облачност, попладне со услови за појава на краткотраен дожд. Дневните температури ќе бидат во пораст, освен во вторник кога  ќе опаднат за неколку степени. /УХМР

Демонстранти фрлаат шок-бомби и камења врз полицијата пред Парламентот на Македонија

Шок-бомби и камења фрлаат дел од учесниците на вечерашниот протест  кон полицијата поставена пред Собранието на Македонија. 

Полицијата возврати со солзавец при што растера дел од учесниците во протестот. 

Протестот се одржува поради незадоволство од Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство.

Протестот е организиран преку социјални мрежи. 

Насобраните граѓани се обидуваат насилно да го пробијат полицискиот кордон и да влезат во Парламентот. 

Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас денеска во Псарадес ги ставија своите потписи на договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство, во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.

На церемонијата присуствуваа високи претставници на ЕУ, на ОН и бројни новинари. Двајцата премиери меѓусебно се нарекоа пријатели, оценувајќи го потпишувањето на договорот како историски ден. /МИА

притисни ентер