„Полноќни огномети“- новогодишен концерт на Филхармонијата

Македонската филхармонија вечер ќе одржи новогодишен гала-концерт насловен „Полноќни огномети“, под диригентство на славниот маестро Јерухам Шаровски од Израел.

Како солисти на концертот ќе настапат македонските истакнати вокални уметници кои кариерата ја градат надвор од земјата - Милена Арсовска, сопран и Иван Наумовски, бас-баритон.

Од Македонската филхармонија информираат дека по неколку години пауза, конечно го враќаат овој музички настан, кој прерасна во традиционален и кој е привлечен и за пошироката пубика, за музичките сладокусци, но и за оние што професионално се занимаваат со оваа уметност.

- Новогодишниот гала-концерт овој пат ќе понуди поинаква програма од вообичаената. Покрај танците, полките, маршевите од семејството на австрискиот композитор Јохан Штраус, публиката ќе слушне и дела од латино-американската музичка култура на автори како Пјацола и неговото „Адиос Нонино“, Монкајо со „Хуапанго“, Маркез со „Данцон бр.2“, наведуваат од Филхармонијата.

На програмата се и дела од Бизе со Арија на Ескамијо од операта „Кармен“, Пучини со aрија на Музета од операта „Боеми“, Гуно со aрија на Јулија од операта „Ромео и Јулија“, Лара со „Гранада“ итн. Се разбира, неизбежни се валцерите „Пролетни звуци“, „Виенски бонбони“, „Виенска крв“, „На убавиот син Дунав“, или „Џокеј полка“, „Египетски марш“...

Сопранот Милена Арсовска и баритонот Иван Наумовски се едни од најистакнатите македонски вокални уметници од поновата генерација, со успешна меѓународна кариера.

Арсовска дипломирала соло-пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Универзитетот за музика и уметности во Виена. Минатата сезона таа настапи во главната улога во операта „Славеј“ од Стравински во Националната опера во Прага, а концертните турнеи ја водат низ Германија, Италија, Шведска, Шпанија, Франција, Малта, Холандија и САД. Моментно е дел од продукцијата „Свадбата на Фигаро“ во престижната опера во Вајмар.

Наумовски дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје (2013), во класата на проф. м-р Марија Муратовска, со највисока оценка Cum laude. Студиите ги продолжува на Универзитетот во Грац, Австрија, во класата на проф. д-р Том Сол, каде што во 2016 година магистрира со највисоки почести. Моментно е студент на Универзитетот во Виена, на мастер-студии во областа на Lied и Oratorio, каде студира кај проф. Карлхајнц Ханзер и проф. Габриеле Фонтана. Во 2015 година ја доби македонската награда „Виртуози“ во категоријата млад уметник.

Двајцата имаат посетувано мастеркласи кај најреномираните оперски педагози./МИА

Северна Кореја тестирала тестирала „супер голема“ боева глава и противвоздушна ракета

Северна Кореја денеска соопшти дека тестирала „супер голема“ боева глава за крстосувачка ракета и нов противвоздушен проектил, пренесува ДПА.

Тестот на „супер-големата“ боева глава дизајнирана за стратешката крстосувачка ракета Хвасал-1 Ра-3 и пробното лансирање на противвоздушната ракета Пјољџи-1-2 се извршени во петокот, објавија државните медиуми.

- Преку пробното лансирање беше постигната зацртаната цел, објави агенцијата КЦНА.

Се наведува дека тестовите биле дел од редовните воени активности на Северна Кореја и дека немаат „никаква врска со ситуацијата во регионот“.

Резолуциите на ОН и забрануваат на Северна Кореја да тестира балистички ракети од кој било дострел, од кои некои се способни да носат нуклеарни боеви глави.

Како одговор на севернокорејската програма за нуклеарно оружје, Соединетите Држави и Јужна Кореја ја зајакнаа воената соработка, вклучително и одржување заеднички маневри. /МИА

Ајакс сака да го покани Чави за главен тренер

Раководството на Ајакс го смета тренерот на Барселона Чави како главен кандидат за тренерското место на тимот од Амстердам, објави „Sport.es“.

Холандскиот фудбалски гигант смета дека 44-годишниот шпански стручњак е способен да го врати клубот на претходното ниво и е подготвен да потпише договор со него до 2026 година.

Во јануари Чави најави дека ќе ја напушти Барселона на крајот на сезоната.

По јавно објавената одлука на Чави за заминување од Барса, тимот загуби само еден натпревар - во четвртфиналето на Лигата на шампионите против ПСЖ (1:4).

Чави за шеф на стручниот штаб на каталонскиот тим беше назначен во ноември 2021 година. /МИА

Награда во Калифорнија за најдобар долгометражен филм за „Бизнисот на задоволството“

„Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на „Риверсајд Филм фестивал“ во Калифорнија, САД.

Фестивалот што се одржа од 10 до 14 април, во своето 22-годишно постоење се залага за промоција на храбри филмови кои обработуваат општествени предизвици, но и говорат за смелоста на човековиот дух.

Цветановски го радува тоа што филмот по вторпат e наградeн во САД, откако минатиот месец беше прогласен за највпечатлив филм на 30. издание на „Седона интернешнал филм фестивал“ во Аризона.

- Калифорнија е центар на американската филмска индустрија, и секако дека како автор сум горд што добивме награда овде, и тоа во конкуренција со американски филмови со многу поголеми буџети. Едвај чекам да завршиме со оваа светска фестивалска турнеја и во септември да го презентираме пред нашата публика. Очекувам филмот да отвори теми за дискусија на повеќе нивоа, но пред се‘ сакам да го продолжиме трендот од последниве години, во кој на домашните гледачи им се враќа довербата и желбата да гледаат македонски филмови, вели Цветановски.

„Бизнисот на задоволството“ досега доби осум награди на филмските фестивали низ светот, од кои пет се за најдобар долгометражен филм.

Филмот ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.

Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.

Филмот е снимен со поддршка на Агенцијата за филм. /МИА

притисни ентер