Свечена академија по повод државниот празник Св.Климент Охридски

Свечена академија во пресрет на утрешниот државен празник Св. Климент Охридски, во Македонскиот народен театар одржа вечерва Македонската православна црква под покровителство на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.
- Општото добро треба да биде достоинствена водилка на секој човек и колку сме се развиле како луѓе во практикувањето акции за општо добро, ете тоа е мерката колку сме израснале и сме се надраснале духовно. Низ совесните дела што ги оставаме зад нас само можат да градат вредности генерациите после нас, рече во обраќањето Заев.

Свети Климент Охридски, посочи, бил еден од наблиските и најревносните соработници и соучесници во мисијата на светите Кирил и Методиј во Моравија за описменување на народот.

- Бил подложен на страдања, но верувал во доброто што го правел и останал доследен на обврската што ја чувствувал како човек да го продолжи делото на неговите учители преку продлабочување и унапредување на словенската просвета. Свети Климент останува жив паметник во историјата како основач на Охридската школа, често пати именувана како првиот балкански и европски универзитет низ кој минале околу 3.500 ученици. Со Свети Климент се поврзани почетоците на писменоста македонска и затоа по него денес се именувани универзитети, факултети, училишта, истакна Заев.

Оддавам чест на Свети Климент Охридски, нагласи премиерот, за неговото големо просветителско дело со кое не задолжи сите и ни покажа како на дело се станува и духовник и просветител. Тој рече дека духовноста, просветлението, просветителството се дадени на секој од нас, а со нивното практикување стануваме подобри луѓе во подобар, солидарен, образован свет.

- Така градиме сегашност и иднина за секој човек. Предизвици имало и ќе има. Како што успеал Св. Климент во мисијата на неговото време, повикани сме да се обидеме и да успееме и ние надминувајќи ги предизиците трпеливо и мудро како што ни доликува, заштитувајќи ги идентитетските вредности како граѓани, како народ и како држава. Убеден сум дека јубилејот 50 години од автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква ќе отвори и надминување на повеќегодишните предзвици исправени пред МПЦ, која е реалност во православниот свет, додаде Заев.

Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан во обраќањето рече дека на великиот Климент воопшто не му пречело да го восприема светот како објект на Божествената љубов, да го сее Христовото слово и во сето свое пастирско и свештенотаинско делување да зрачи со радоста од средбата со живиот Бог... Нашата помесна Црква, истакна, верно пребива во чистотата на православната вера, онаа вера која светиот Климент ја прокламираше во своите слова и делотворно ја покажуваше во својот живот.

- За нашиот верен народ и за нашата независна држава, сè уште останува еден од проблемите – тоа што МПЦ е неприфатена во сеправославното семејство, за жал, од политички причини. Па, Охрид и Црквата во Македонија ниту ги измисливме, ниту се создадени за штета на другите – туку за слава на Бога и спасение на нашиот богољубив народ! Само така и единствено на тој начин треба да се сфатат последните, актуелни напори на Светиот архиерејски синод во решавањето на овој нелогичен и нецрковен проблем, поврзан со статусот на нашата Црква, рече г.г. Стефан.

Според него, покажаната иницијатива е во духот на љубовта кон својот род и сето православие. - Кој се обидува да ги решава проблемите на својот народ, тој покажува и преданост, и почит и дело на родољубивост! Ние мора да сфатиме дека работите треба да се решаваат низ дијалог, во кој ќе ги штитиме своите интереси и потреби, наоѓајќи ги најприфатливите за нас решенија, додаде г.г. Стефан.

Во музичкиот дел настапи Гудачкиот квартет при Македонската филхармонија. На свечената академија присуствуваа високи преосвештенства, пратеници, претставници на Владата, амбасадите, професори, академици, претставници на верските заедници, на бизнис заедницата../МИА

Седуммина полицајци повредени во насилните протести пред Собранието

Седуммина полицајци се повредени и тројца цивили се приведени во насилните протести пред Собранието на Македонија, јави МИА повикувајќи се на полициски и болнички извори.  

Екипа на Итната медицинска помош интервенираше вечерва поради повредени лица во насилните протести што се одржаа пред Собранието. Возилото е се уште на местото на протестите, но засега нема информации за број на повредени граѓани.

Медицинскиот тим интервенирал по барање на полицијата.

Македонската полиција со солзавец растера насилни демонстранти пред Собранието кои протестираа незадоволни од Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство потпишан денеска во Псарадес.

Демонстрантите фрлаа кон полицијата шок-бомби, пиротехнички средства и камења. Полицијата возврати откако дел од нив ја турнаа заштитната ограда и се обидоа да влезат во Парламентот.

Протестот беше организиран преку социјални мрежи. /МИА

Утре променливо облачно со локален пороен дожд и грмежи

Времето утре променливо облачно на повеќе места ќе дува засилен северен ветер. Попладне ќе има нестабилност со локален пороен дожд и грмежи. УВ индексот ќе изнесува 7. Минималната температура од 11 до 18 а дневната највисока температура на воздухот

Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди и со повремено засилен северен ветер. Температурата од 16 до 31 степен.

Во вторник се очекуваат повремени врнежи од дожд кои локално ќе бидат поројни со грмежи, особено попладнето. Во среда како и во следните два дена ќе биде  сончево со мала до умерена облачност, попладне со услови за појава на краткотраен дожд. Дневните температури ќе бидат во пораст, освен во вторник кога  ќе опаднат за неколку степени. /УХМР

Протест пред Собранието против Договорот со Грција

Пред Собранието на Македонија се одржува протест против Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство. Протестот е организиран преку социјални мрежи.

Насобраните граѓани го блокираа булеварот „11 Октомври“ пред собраниската зграда, пред која е поставен полициски кордон.

Дел од учесниците во протестите фрлаат камења и факли кон полицискиот кордон. 

Тие укажуваат дека граѓаните се тие кои одлучуваат за својата и иднинатата на државата. 

Учесниците во протестот извикуваат пароли „Македонија, не го даваме името“ и пејат патриотски песни.

Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас денеска во Псарадес ги ставија своите потписи на договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство, во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.

На церемонијата присуствуваа високи претставници на ЕУ, на ОН и бројни новинари. Двајцата премиери меѓусебно се нарекоа пријатели, оценувајќи го потпишувањето на договорот како историски ден. /МИА

притисни ентер