Средба на вицепремиерот Османи со кинеската амбасадорка Лисјен

Билатералната соработка меѓу Република Македонија и НР Кина, како и на тековните и планираните проекти што се реализираат со кинеска поддршка беа во фокусот на денешната средба во Скопје меѓу вицепремеирот за европски прашања Бујар Османи и амбасадорката на НР Кина Јин Лисјен.
Севкупните билатерални односи и соработката меѓу двете пријателски земји, информираат од СЕП, од страна на соговорниците беа оценети дека бележат нагорен тренд на развој.

Во рамки на средбата се разговарало и за проектната соработка со НР Кина која се реализира во рамки на договорите за економска и техничка соработка потпишани од 2007 година, кои, оттогаш наваму, се потпишуваат најчесто на годишно ниво, а се однесуваат на областите образование, здравство и комуникации, т.е. мрежно поврзување на државни институции.

Соговорниците констатираа дека до крајот на годината се очекува да се потпише уште еден ваков Договор за економска и техничка соработка за обезбедување помош со кој би се обезбедиле 20 милиони кинески јуани, односно околу 2,5 милиони евра што  би биле наменети за финансирање на проекти за реновирање на училишта, но и други проекти кои би биле утврдени како приоритетни од Владата.

Османи изрази огромна благодарност за севкупната финансиска помош која НР. Кина и ја дава на наша земја и додаде дека и во иднина очекува засилување на оваа соработка, потенцирајќи дека финансиската помош, но и инвестициите кои доаѓаат од НР Кина се добредојдени во Македонија. /МИА

САД: Се преврти брод, има жртви

Најмалку 11 луѓе денеска го изгубија животот кога брод со 31 лице се преврти и потона во езерото недалеку од градот Бренсон, во американската држава Мисури.

До превртувањето дошло поради силната бура, а на бродот имало и деца, изјавила официјалните лица, а пренела агенцијата „Ројтерс“.

Седум лица се згрижени во болница после несреќата на вештачкото езеро Тејбл рок.

Нуркачите и понатаму трагаат за можни жртви.

Приведени 12 странски државјанки во локал во Желино

При контрола во угостителски објект лоциран на регионалниот пат Тетово - Скопје, во село Желино ноќеска полицијата привела 12 странски државјанки.

Како што е наведено во полицискиот билтен, ноќеска во периодот од 23:00 до 02:30 часот полициски службеници од СВР Тетово извршиле контрола во Угостителски објект лоциран на регионалниот пат Тетово - Скопје, поточно во село Желино, сопственост на З.С. од село Желино.

Во објектот биле затекнати 12 лица-странски државјанки, од кои 11 лица од Албанија и едно од Косово кои биле приведени во Полициска станица Тетово за понатамошна постапка. /МИА

ИК на ВМРО-ДПМНЕ бара техничка влада по пржинскиот модел пред секои избори

Реализирање на веќе договорените концепти за финансирање на партиите и формирање техничка влада по пржинскиот модел пред секои избори се ставовите на кои останува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Ова беше потврдено на синоќешниот состанок на Извршен комитет на партијата, на кој се анализираше актуелната политичка ситуација и прашањата што се дел од меѓупартиските разговори со власта на претседателско ниво.

„Само на овој начин избирачите ќе имаат гаранција дека власта нема да го злоупотреби нивниот глас, односно дека опозицијата ќе има можност соодветно да дејствува при сите обиди за можен фалсификат и нема да се дозволи повторување на локалните избори. Обидите на Зоран Заев да ја манипулира јавноста со измислени образложенија дека некој бара амнестија за некаков криминал беа оценети како несериозни“, се вели во соопштението на партијата.

Во врска со формулацијата на референдумското прашање ИК на ВМРО-ДПМНЕ смета дека за да се согледа јасно волјата на граѓаните мора да се почитува законот што предвидува недвосмислени прашања.

ИК му даде целосна и недвосмислена поддршка на партискиот лидер Христијан Мицкоски да ги застапува ставовите на партијата во натамошниот тек на лидерската средба.

„Македонските граѓани заслужуваат власт која вистински ќе се води по европските принципи за почитување на Уставот и законите, особено за важни прашања поврзани со носење на одлуки за иднината на државата како што се македонските интеграции во Европската унија и НАТО“, се наведува во соопштението. /МИА

притисни ентер