Иванов на Меѓународниот форум „Мир и спорт“ во Монако

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ќе учествува на 10. Меѓународен форум „Мир и спорт“, што се одржува во Принципатот Монако, под покровителство на принцот на Монако, Алберт II.

Темата на годинешното јубилејно одржување на форумот „Мир и спорт“ е „Иновации во спортот во функција на општествена трансформација“.
На  форумот во Монако, како што соопшти Кабинетот на Иванов, ќе бидат разгледани начините на кои општествените иновации употребени во спортот, можат да се искористат за справување со тековните општествени проблеми и идните предизвици. Целта е да се понудат напредни решенија кои ќе ја истакнат моќта на спортот во создавање на одржливо, инклузивно и мирно општество.

Ова е трето учество на претседателот Иванов на меѓународниот форум „Мир и спорт“. Во 2012 година во рамки на форумот одржан во Сочи, основачот и претседател на меѓународната организација  „Мир и спорт“,  Жоел Бузу, на македонскиот претседател Ѓорге Иванов му додели посебно признание за неговите заложби за промоција и унапредување на мирот преку спортот.

На годинешниот јубилеен форум ќе учествуваат повеќе од 500 делегати од 110 држави од светот, меѓу кои, политички лидери, претставници од бизнис елитата, од меѓународните организации и граѓанското општество, претставници на академската заедница, истакнати спортисти и добитници на Нобеловата награда за мир.

Во рамки на учеството на меѓународниот форум „Мир и спорт“ претседателот Иванов ќе оствари билатерална средба со принцот на Монако, Алберт II.
Mеѓународниот форум “Мир и спорт“ е инициран во 2007 година со цел да придонесе кон одржување и негување на мирот во светот преку спортот, односно поттикнување на соработка и размена на искуства во насока на креирање конкретни иницијативи преку кои спортот ќе биде ставен во функција на мирот. 

САД: Се преврти брод, има жртви

Најмалку 11 луѓе денеска го изгубија животот кога брод со 31 лице се преврти и потона во езерото недалеку од градот Бренсон, во американската држава Мисури.

До превртувањето дошло поради силната бура, а на бродот имало и деца, изјавила официјалните лица, а пренела агенцијата „Ројтерс“.

Седум лица се згрижени во болница после несреќата на вештачкото езеро Тејбл рок.

Нуркачите и понатаму трагаат за можни жртви.

Приведени 12 странски државјанки во локал во Желино

При контрола во угостителски објект лоциран на регионалниот пат Тетово - Скопје, во село Желино ноќеска полицијата привела 12 странски државјанки.

Како што е наведено во полицискиот билтен, ноќеска во периодот од 23:00 до 02:30 часот полициски службеници од СВР Тетово извршиле контрола во Угостителски објект лоциран на регионалниот пат Тетово - Скопје, поточно во село Желино, сопственост на З.С. од село Желино.

Во објектот биле затекнати 12 лица-странски државјанки, од кои 11 лица од Албанија и едно од Косово кои биле приведени во Полициска станица Тетово за понатамошна постапка. /МИА

ИК на ВМРО-ДПМНЕ бара техничка влада по пржинскиот модел пред секои избори

Реализирање на веќе договорените концепти за финансирање на партиите и формирање техничка влада по пржинскиот модел пред секои избори се ставовите на кои останува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Ова беше потврдено на синоќешниот состанок на Извршен комитет на партијата, на кој се анализираше актуелната политичка ситуација и прашањата што се дел од меѓупартиските разговори со власта на претседателско ниво.

„Само на овој начин избирачите ќе имаат гаранција дека власта нема да го злоупотреби нивниот глас, односно дека опозицијата ќе има можност соодветно да дејствува при сите обиди за можен фалсификат и нема да се дозволи повторување на локалните избори. Обидите на Зоран Заев да ја манипулира јавноста со измислени образложенија дека некој бара амнестија за некаков криминал беа оценети како несериозни“, се вели во соопштението на партијата.

Во врска со формулацијата на референдумското прашање ИК на ВМРО-ДПМНЕ смета дека за да се согледа јасно волјата на граѓаните мора да се почитува законот што предвидува недвосмислени прашања.

ИК му даде целосна и недвосмислена поддршка на партискиот лидер Христијан Мицкоски да ги застапува ставовите на партијата во натамошниот тек на лидерската средба.

„Македонските граѓани заслужуваат власт која вистински ќе се води по европските принципи за почитување на Уставот и законите, особено за важни прашања поврзани со носење на одлуки за иднината на државата како што се македонските интеграции во Европската унија и НАТО“, се наведува во соопштението. /МИА

притисни ентер