Минусни утрински температури, а сончево и до 16 степени преку денот

Времето во Македонија ќе биде сончево со слаб до умерен ветер од северозападен правец. Утринската температура ќе се движи од минус шест до еден, а дневната од осум до 16 степени.
Во Скопје времето ќе биде сончево со слаб до умерен ветер од северозападен правец. Утринската температура ќе се спушти до минус пет, а дневната ќе се искачи до 10 степени.

Во наредните два дена ќе преовладува сончево време со студени утра, а преку денот ќе биде потопло. Во сабота облачноста ќе се зголемува и ќе дува засилен јужен ветер. Попладне на запад ќе започнат врнежи од дожд, а на планините од снег. Преку ноќта кон недела врнежите ќе се прошират во поголемиот дел од земјава. Пообилни врнежи се очекуваат во западните делови. Во недела, особено претпладне се уште ќе има локални врнежи од дожд, а во подрачјата повисоки од 700 метри надморска височина врнежите ќе поминуваат во снег. Нов влажен и релативно топол бран се очекува од почетокот на наредната работна седмица. /МИА



Меј за референдумот: Импресивна демонстрација на демократија

Британската премиерка Тереза Меј го поздрави резултатот од референдумот во Ирска.

Британската премиерка Тереза Меј го поздрави резултатот од референдумот во Ирска со кој се отвора патот за легализирање на абортусот, нарекувајќи го “импресивна демонстрација на демократија која покажала јасен и недвосмислен резултат“.

Меј им ја честита на граѓаните на Ирска успешната кампања “да“, пренесе „АП“.

Откако референдумот во Ирска изгласа за правото на абортус, целото внимание е насочено кон парламентот на таа земја, кој би требало сега да ги донесе новите закони за абортус.

Официјалните резултати од регерендумот кој е одржан во петокот покажаа дека 66 отсто од граѓаните на Ирска гласале за укинување на осмиот амандман на уставот на Ирска, која забранува абортус, наспрема 34 отсто од оние кои гласаа за зачувување на тој амандман.

Ирскиот премиер Лео Варадкар, после објавување на официјалните резултати порача дека денот кога референдумот се одржал претставува историски ден за неговата земја и голем чин на демократија и истакна дека неговата влада забрзано ќе работи на донесувањето на новите закони со кои абортус ќе биде легализиран во првите 12 недели од бременоста.

Повеќе од 64 отсто од граѓаните со право на глас излегле на овој референдум, што е еден од рекордите во таа земја.

Протести во Берлин: „Без ислам во Германија“, „Меркел мора да си оди“ (фото)

Неколку илјади приврзаници на германската партија Алтернатива за Германија (AfD) прошетаа низ центарот на Берлин протестирајќи против канцеларката Ангела Меркел.

Демонстрантите носеа германски знамиња, транспаренти со натписот „Без ислам во Германија“ и извикуваа „Меркел мора да си оди“, пренесува „АП“.
 

Foto: Tanjug/AP/Markus Screiber

На улиците има околу 2000 полицајци, кои се распоредени за да спречат можни инциденти, бидејќи во Берлин се организираат и контрамитинзи.

Во групите кои планираат контрамитинзи се наоѓаат и уметници и здружението на музички клубови во Берлин кои се надеваат дека ќе го “одвеат“ собирот на AfD со гласните звуци на техно музиката.

Foto: Tanjug/Markus Screiber



 

Агенцијата пренела дека на денешниот собир на AfD се очекува присуство на околу 10.000 луѓе на кои ќе им се обратат лидерите на партијата.

Алтернатива за Германија стана најголемата опозициска партија во таа земја откако минатата година на парламентарните избори освои 12.6 отсто од гласовите, под влијание на се поголемото расположение на граѓаните против мигрантите и против естаблишментот, наведува „АП“.

Димитров попладнево ќе се сретне со Могерини

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, доцна попладнево во Брисел ќе оствари билатерална средба со високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, доцна попладнево во Брисел ќе оствари билатерална средба со високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, дознава МИА од извори во ЕУ. Засега не се открива точното време на средбата, ниту содржината на разговорите.

Утре наутро, Могерини најверојатно треба да ги брифира министрите на ЕУ за текот на преговорите за спорот со името, велат извори во ЕУ за МИА.

Министрите за надворешни работи на Грција и Македонија од Њујорк допатуваа во Брисел, но не се откриваат детали за нивна можна средба.

Димитров пред утрешниот Совет на министрите за надворешни работи на ЕУ ќе учествува на неформален појадок организиран од сегашното бугарско претседателство и идното, австриско. Како што информираат од Советот, тоа ќе биде прилика за министрите да го испрашуваат шефот на македонската дипломатија за текот на преговорите за името. /МИА

притисни ентер