Евроинтеграциите и приоритетите за влез во НАТО на владина седница

Состојбата и напредокот во процесот на европската интеграција, користењето и имплементацијата на фондовите на ЕУ и статусот на реализација на приоритетите за влез во НАТО е една од точките кои ќе бидат разгледани на седницата на Владата на Република Македонија закажана за денеска попладне.
Како што соопштија од владината прес-служба, на седницата ќе се најде и предлог - законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Советот на Министри на Босна и Херцеговина за заемно признавање и замена на возачки дозволи, информациите за модели за подобрување на функционирањето на проектот „Отворање на Народни кујни“, како и за текот на активностите поврзани со книгите од проектот за превод и печатење на 50 универзитетски учебници кои се употребуваат на првите 10 рангирани универзитети согласно Шангајската листа за 2015 година.

Министрите на седницата ќе ја разгледаат и информацијата во врска со потребата од склучување на Анекс кон Договорот за доделување на државна помош склучен со Владата на Република Македонија и компанијата корисник на ТИРЗ Штип „Џонсон Контролс ДООЕЛ Штип“.

Министрите, во рамки на седницата, се наведува, ќе ја разгледаат и информацијата за изменување и дополнување на Спогодбата помеѓу Владата на Република Македонија и Европската Комисија за финансирање во однос на повеќегодишната Оперативна програма „Регионален развој“.

САД: Се преврти брод, има жртви

Најмалку 11 луѓе денеска го изгубија животот кога брод со 31 лице се преврти и потона во езерото недалеку од градот Бренсон, во американската држава Мисури.

До превртувањето дошло поради силната бура, а на бродот имало и деца, изјавила официјалните лица, а пренела агенцијата „Ројтерс“.

Седум лица се згрижени во болница после несреќата на вештачкото езеро Тејбл рок.

Нуркачите и понатаму трагаат за можни жртви.

Приведени 12 странски државјанки во локал во Желино

При контрола во угостителски објект лоциран на регионалниот пат Тетово - Скопје, во село Желино ноќеска полицијата привела 12 странски државјанки.

Како што е наведено во полицискиот билтен, ноќеска во периодот од 23:00 до 02:30 часот полициски службеници од СВР Тетово извршиле контрола во Угостителски објект лоциран на регионалниот пат Тетово - Скопје, поточно во село Желино, сопственост на З.С. од село Желино.

Во објектот биле затекнати 12 лица-странски државјанки, од кои 11 лица од Албанија и едно од Косово кои биле приведени во Полициска станица Тетово за понатамошна постапка. /МИА

ИК на ВМРО-ДПМНЕ бара техничка влада по пржинскиот модел пред секои избори

Реализирање на веќе договорените концепти за финансирање на партиите и формирање техничка влада по пржинскиот модел пред секои избори се ставовите на кои останува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Ова беше потврдено на синоќешниот состанок на Извршен комитет на партијата, на кој се анализираше актуелната политичка ситуација и прашањата што се дел од меѓупартиските разговори со власта на претседателско ниво.

„Само на овој начин избирачите ќе имаат гаранција дека власта нема да го злоупотреби нивниот глас, односно дека опозицијата ќе има можност соодветно да дејствува при сите обиди за можен фалсификат и нема да се дозволи повторување на локалните избори. Обидите на Зоран Заев да ја манипулира јавноста со измислени образложенија дека некој бара амнестија за некаков криминал беа оценети како несериозни“, се вели во соопштението на партијата.

Во врска со формулацијата на референдумското прашање ИК на ВМРО-ДПМНЕ смета дека за да се согледа јасно волјата на граѓаните мора да се почитува законот што предвидува недвосмислени прашања.

ИК му даде целосна и недвосмислена поддршка на партискиот лидер Христијан Мицкоски да ги застапува ставовите на партијата во натамошниот тек на лидерската средба.

„Македонските граѓани заслужуваат власт која вистински ќе се води по европските принципи за почитување на Уставот и законите, особено за важни прашања поврзани со носење на одлуки за иднината на државата како што се македонските интеграции во Европската унија и НАТО“, се наведува во соопштението. /МИА

притисни ентер