Зимската опрема од денеска задолжителна во возилата

Од денеска стапува во сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата.
Со непочитување на правилата за користење и носење зимска опрема  возачите се изложуваат себе и другите учесници во сообраќајот на опасност и истовремено, според член 361 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, се соочуваат со  глоба во износ од 45 евра во денарска противредност, односно регистрирање на 25 негативни бодови. Полициски службеник може да нареди да се прекине со возење доколку не се постапува според сообраќајниот знак за задолжително носење и употреба на зимска опрема. Таква наредба може да издаде и кога не постои сообраќаен знак за задолжително носење на зимска опрема, ако зимските услови на патот не овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, односно задолжително да ја постави на зимската опрема на возилото.

За возачите на моторни возила до 3.500 килограми од 15 месецов задолжителна опрема се зимски гуми на сите тркала со минимална длабочина на шарата од четири милиметри, а ако имаат летни гуми со четири милиметри обврзани се да поседуваат синџири за снег кои одговараат на големината на погонските тркала.

Задолжителна зимска опрема за моторни возила со погон на сите тркала (4×4), пак, се  зимски гуми на сите тркала со минимална длабочина на шарата од шест милиметри или летни пневматици со минимална длабочина од четири милиметри доколку возилото поседува синџири за снег најмалку за задната осовина во случај кога  има постојан погон на сите тркала, или синџири за снег најмалку за погонските тркала кога возилото има преклопив погон.
За моторни возила со над 3.500 килограми задолжителни се зимски гуми на сите тркала со минимална длабочина на шарата од шест милиметри, а ако има летни пневматици со минимална длабочина на шарата од четири милиметри треба да има и соодвтни синџири за снег.
Автобусите и товарните возила кои не можат да постават синџири на тркалата задолжително треба да поседуваат зимски пневматици на погонските тркала како и прирачен алат.

Според Правилникот, на бочната страна на зимските пневматици ги има ознаките „МС“, „М+С“, „М&S“ како и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва. Исто така според Правилникот, во патниот сообраќај не се поставуваат пневматици со клинци.

Обврската за задолжителната зимска опрема трае до 15 март следната година

Приведени 12 странски државјанки во локал во Желино

При контрола во угостителски објект лоциран на регионалниот пат Тетово - Скопје, во село Желино ноќеска полицијата привела 12 странски државјанки.

Како што е наведено во полицискиот билтен, ноќеска во периодот од 23:00 до 02:30 часот полициски службеници од СВР Тетово извршиле контрола во Угостителски објект лоциран на регионалниот пат Тетово - Скопје, поточно во село Желино, сопственост на З.С. од село Желино.

Во објектот биле затекнати 12 лица-странски државјанки, од кои 11 лица од Албанија и едно од Косово кои биле приведени во Полициска станица Тетово за понатамошна постапка. /МИА

ИК на ВМРО-ДПМНЕ бара техничка влада по пржинскиот модел пред секои избори

Реализирање на веќе договорените концепти за финансирање на партиите и формирање техничка влада по пржинскиот модел пред секои избори се ставовите на кои останува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Ова беше потврдено на синоќешниот состанок на Извршен комитет на партијата, на кој се анализираше актуелната политичка ситуација и прашањата што се дел од меѓупартиските разговори со власта на претседателско ниво.

„Само на овој начин избирачите ќе имаат гаранција дека власта нема да го злоупотреби нивниот глас, односно дека опозицијата ќе има можност соодветно да дејствува при сите обиди за можен фалсификат и нема да се дозволи повторување на локалните избори. Обидите на Зоран Заев да ја манипулира јавноста со измислени образложенија дека некој бара амнестија за некаков криминал беа оценети како несериозни“, се вели во соопштението на партијата.

Во врска со формулацијата на референдумското прашање ИК на ВМРО-ДПМНЕ смета дека за да се согледа јасно волјата на граѓаните мора да се почитува законот што предвидува недвосмислени прашања.

ИК му даде целосна и недвосмислена поддршка на партискиот лидер Христијан Мицкоски да ги застапува ставовите на партијата во натамошниот тек на лидерската средба.

„Македонските граѓани заслужуваат власт која вистински ќе се води по европските принципи за почитување на Уставот и законите, особено за важни прашања поврзани со носење на одлуки за иднината на државата како што се македонските интеграции во Европската унија и НАТО“, се наведува во соопштението. /МИА

Потешко повредено шестгодишно дете по удар од автомобил

Шестгодишно дете е потешко повредено на регионалниот пат Хиподром-Јурумлери откако автомобил удрил во него.

Во незгодата детето се здобило со тешки телесни повреди и било пренесено и задржано во комплекс клиники „Мајка Тереза“.

Извршен бил увид на местото на настанот и се работи на целосно расчистување на случајот.

Како што информира МВР, вчера околу 15:30 часот во СВР Скопје било пријавено дека патничко моторно возило „Сеат“ со скопски регистерски таблици управувано од Ј.И. (58) од Скопје удрило во дете на возраст од шест години на регионалниот пат Хиподром - Јурумлери, кај место викано „Дунек“. /МИА

притисни ентер