Симфониски концерт на Филхармонијата со рускиот пијанист Березовски

Рускиот виртуоз на пијаното Борис Березовски (1969), кој има голема репутација во Европа и во светот, вечер ќе биде солист на симфонискиот концерт на Македонската филхармонија.

Березовски ќе го изведе најпопуларниот Концерт за пијано и оркестар бр. 3 од Сергеј Рахмањинов, познат и како „РАХ3“.

- Музичката критика е едногласна во мислењето дека Березовски во моментов е еден од најмоќните пијанисти кој поседува уникатна техника и сензитивност, кој има специфичен пристап кон пијаното и, воопшто, кон музиката која ја изведува, наведува Филхармонијата во најавата на концертот.

Како и на претходниот, диригент и на вечерашниот концерт ќе биде Емил Табаков од Бугарија.

Оркестарот на Македонската филхармонија ќе ги изведе и увертирата-фантазија „Ромео и Јулија“ од Петар Илич Чајковски и свитата „Вљубен во три портокали“ од Сергеј Прокофјев. /МИА

РСБСП: Да придонесеме за поголема безбедност на децата во сообраќајот

Децата се една од најранливите категории учесници во сообраќајот. 

Токму затоа неопходно е да се вложат заеднички напори за унапредување на нивната безбедност во сообраќајот. Треба да се има предвид дека тие се рамноправни учесници во сообраќајот на патиштата и да се посвети особено внимание на нивната едукација од областа на сообраќајните правила и прописи. Неопходноста за помош и едукација од возрасните посебно е изразена кај децата од помала возраст. Затоа Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата советува:

· запознајте ги децата со сообраќајните правила и прописи,

· разговарајте со децата за нивното однесување во сообраќајот и за правилноста на постапките, укажете им како можат да ги намалат или избегнат ризиците по нивната безбедност во сообраќајот,

· укажете им на децата дека коловозот треба да се преминува само на обележан пешачки премин,

· помалите деца во сообраќајот треба да се движат држејќи за раката возрасен,

· децата во сообраќајот треба да се сконцентрирани (а не да користат мобилни телефони или слушалки) за да можат навремено и правилно да реагираат,

· пред да го преминат коловозот децата треба да застанат, да погледнат лево и десно, па дури откако ќе се уверат дека сите возила запреле и дека е безбедно, може да исчекорат за да преминат,

· укажете им на децата дека не е безбедно да се движат на паркинг за возила или да го преминуваат коловозот помеѓу две паркирани возила затоа што можеби возачите нема да можат да ги забележат,

· вклучете ги децата во одлучувањето кога и каде е безбедно да се преминува коловозот,

· препорачливо е децата да носат светла облека или облека со рефлектирачки делови за да бидат повидливи во сообраќајот,

· бидете пример за совесно и одговорно однесување во сообраќајот затоа што децата најчесто учат т.е. земаат пример од однесувањето на другите.

Заеднички да придонесеме за поголема безбедност на децата во сообраќајот на патиштата.

РСБСП

Санкционирани 55 возачи на мотоцикли

Санкционирани 55 возачи на мотоцикли во текот на вчерашната акција на МВР,  од 11.00 до 16.00 часот, на територијата на државата.

- Од нив, 32 возачи не користеле заштитна кацига за време на возење, 17 возеле без возачка дозвола... За време на контролата санкционирани се и 157 други видови на сообраќајни прекршоци, соопштуваат од МВР.

Мбапе заминува од ПСЖ за четири пати помала плата

Килијан Мбапе ја заврши мисијата во Пари Сен Жермен и прашање на време е кога ќе замине во Мадрид, во тоа нема веќе дилеми, барем според Фабрицио Романо, новинар кој е најпознат за фудбалските трансфери.

- Килијан Мбапе е презадоволен од сите разговори што ги има со Реал. Се верува дека е само прашање на време кога сагата ќе заврши, напиша Романо.

Потоа продолжи да ја објаснува ситуацијата.

- Мбапе донесе одлука. Тоа е Реал Мадрид и нема дилеми. Никогаш немаше намера да преговара со други клубови од првиот ден. Неговиот целосен фокус е на Реал Мадрид, напиша Романо.

Мбапе ќе замине во Реал кога ќе му истече договорот со ПСЖ, а Французите така и не успеале да го убедат да остане.

„Марка“ претходно напиша дека Мбапе ќе потпише петгодишен договор со Реал. Мбапе ќе биде најплатен во тимот, но не драматично повеќе од останатите. Ќе заработува 20 милиони по сезона и голем дел од парите од маркетиншки права.

Тоа значи дека ќе заработува речиси четири пати помалку отколку во ПСЖ каде во последните две години земал 72 милиони по сезона. Сепак, се очекува преку маркетинг да собере огромна сума на пари, а според некои проценки тоа би можело да го направи најбогат фудбалер во светот.

На крајот на краиштата, тој направи сличен потег како Мајкл Џордан неколку децении порано, а Мајкл денес е милијардер.

Речиси би било поетско доколку Мбапе го одигра последниот натпревар во дресот на ПСЖ против Реал Мадрид во финалето на Лигата на шампионите, но дотогаш овие два тима треба да ги исфрлат Борусија и Баерн.

Оваа сезона постигна 41 гол на 42 натпревари и запиша девет асистенции. Од доаѓањето во ПСЖ, тој одигра 302 натпревари со 253 гола и 107 асистенции. /МИА

притисни ентер