Реакција на Пуџдемон на шпанскиот ултиматум

Ние сакаме дијалог и одговорот е Членот 155 да се стави на маса. Пораката е примена, напиша на Твитер каталонскиот лидер Карлес Пуџдемон, реагирајќи на ултиматумот на шпанската Влада.
Шпанскиот премиер Мариано Рахој синоќа му даде рок од пет дена на Пуџдемон да се изјасни околу својата позиција во врска со декларацијата за независност. Доколку каталонскиот лидер потврди дека прогласува независност на регионот, тогаш Мадрид ќе му даде дополнителен краен рок до четврток, 19 октомври, за да ја „смени одлуката“, а потоа ќе го активира Членот 155 од Уставот, кој и дозволува на шпанската Влада да ја суспендира автономијата на Каталонија.

Каталонскиот вицепремиер Ориол Жункерас истакна дека „тоа што го сака меѓународната заедница и кое го очекува Каталонија, е искрен дијалог, а не конфронтација и нови закани“.

Пуџдемон во вторникот во својот говор пред парламентот во Барселона им предложи на каталонските пратеници да се одложи планот за отцепување и да се даде време и можност за преговори со шпанските власти околу прашањето за независност. Рахој отфрли било каков дијалог.

Како ќе се реши проблемот со извозот на земјоделски производи на Косово?

Времената рамка на Косово за повисоки царини од 30% за овошје и зеленчук предизвика хаос во регионот.

Петти ден земјоделците немаат каде да ги извезуваат своите производи. Извозот од ден во ден е се помал. Им се закануваат огромни штети.

В среда во Белград ресорните министри на земјите од регионот на итен состанок ќе бараат лек за проблемот. Најавија и контра-мерки. Македонија веќе испрати и допис до ЦЕФТА  и ЕУ потенцирајќи дека мерката е неаргументирана.

Во меѓувреме српскиот министер за трговија Расим Љајиќ и порача на Приштина да се одлучи дали е или не е ЦЕФТА потписничка.

Косовската времена мерка ќе трае три месеци. Со неа, за 30% се зголемуваат царините за увезеното овошје и зеленчук. Опфаќа 21 сорта од земјоделските производи и важи за сите држави кои увезуваат во Косово.

Најпогодени, според министерството за земјоделство, се доматите, пиперките и сливите.

Иран: Најмалку 25 лица повредени во земјотресот

Најмалку 25 лица се повредени во земјотресот со јачина од 5,9 степени по Рихтер, кој денеска го погоди западен Иран, неколку часа откако два земјотреси ја потресоа јужната провинција Хормозган.

Гувернерот на западната провинција Керманшах, Хусанг Базванд, изјави дека 25 лица се повредени и дека, за среќа, нема информации за мртви.

Претходно денеска, јужниот дел на Иран беше погоден од земјотреси со јачина од 4,7 степени и 5,7 степени според Рихтеровата скала.

Во тие потреси немаше повредени, а предизвикана е помала материјална штета.

притисни ентер