МАТТО: Целосна либерализација на трговијата со Турција и слободна зона во Гевгелија

Стопроцентно либерализирање на трговијата меѓу Македонија и Турција, бараат компаниите - членки на Стопанската комора Македонија - Турција (МАТТО).

Сметаат дека со тоа турските инвестиции во земјава двојно ќе се зголемат, од сегашните 1,2 на две милијарди долари, а значително ќе порасне и размената, од 400 милиони долари колку што изнесува последните неколку години, на една милијарда.

МАТТО во соработка со една од најголемите бесцарински зони во Турција, рзмислува и за отворање слободна економска зона во Гевгелија во која би биле присутни и домашни и труски инвестиции, но под исти услови, како што најавува Владата.

- Работиме на отворање бесцаринска зона која ќе биде достапна за турски и македонски стопанственици за производство, истакна денеска на прес-конференција претседателот на МАТТО Ајдован Адемовски.

Турските компании, нагласи, се посебно заинтересирани за инвестирање во енергетиката. Но, потенцијални сектори за соработка се и текстилот, земјоделството, сточарството (млеко, месо), овоштарството, прехранбената индустрија и посебно туризмот.

- Ако се либерализира трговијата, ќе има многу брз раст на инвестициите во Македонија и обратно, македонските стопанственици полесно ќе влезат на 80-милионскиот пазар во Турција, рече Адемовски.

И компании од Бурса, главно од автомобилската индустрија, сакаат да инвестираат во бесцаринските зони.

- Интерс за инвестиции има и од турски комапнии од енергетиката, но се очекува енергетската политика на новата Влада и политиката за поддршка и развој на инвестициите, додаде економскиот аташе во Турската амбасада Бенјамин Кутлу.

Според него, покрај целосната либерализација на трговијата, и новиот пакет мерки на новата Влада за поддршка на инвестициите ќе помогне многу за поголема размена меѓу двете земји.

- Лани остваривме 420 милиони долари трговска размена, а според досегашните податоци, веројатно и 2017-та ќе ја заокружиме на тоа ниво. Веќе неколку години стагнираме на 400 милиони долари, не успеавме да оствариме позначителен раст иако има капацитет и можности за достигнување една милијарда долари, рече Кутлу, укажувајќи на големиот дефицит од македонска страна.

Според него, за да достигне размената милијарда долари, прво треба да се зголеми производството, а во оваа насока поддршка може да даде токму целосната либерализација на трговијата. Со тоа, голем дел од труските компании би инвестирале во Македонија во производство на различни производи и сектори кои потоа би ги извезувале во Турција. Истовремено, тоа ќе значи и модернизирање на технологијата, поголема вработеност и раст на економијата.

Претседателот на МАТТО посебно се осврна на туризмот, констатирајќи дека Македонија нема хотели кои би згрижиле квалитетни туристи.

- Ако Владата даде субвенции како за холандските или други туристи, ќе добиеме многу зашто Турција ги поседува најдобрите хотели во Европа. Нашите скијачки центри и планини се можеби подобри од многу други светски, но немаме никаква активност тука, во давање поддршка за изградба на хотели, за стимулации на агенции кои би носеле туристи од Турција на зимување или летување, а тие се всушност двигатели на многу сектори - ресторани, транспорт, аеродром,..., посочи Адемоски.

Македонија, дополни, мора да ги искористи капацитетите, можностите потенцијалите. - Да не се лажеме дека ќе произведуваме Мерцедез. Можеме да ги продаваме Матка, планините, туризам, услуги и да привлекуваме инвестиции од земји како Турција, со кои сме традиционално, културно поврзани. Нема да дојде никој од Мексико да инвестира на пазар од два милиона, подвлече претседателот на МАТТО.

Договорот за слободна трговија меѓу Македонија и Турција е потпишан во 1999 година и врз основа на него се укинати царинските давачки за сите индустриски производи, но за земјодекските и прехранбените царински давачки има, иако за некои се предвидени квоти. /МИА

Награда во Калифорнија за најдобар долгометражен филм за „Бизнисот на задоволството“

„Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на „Риверсајд Филм фестивал“ во Калифорнија, САД.

Фестивалот што се одржа од 10 до 14 април, во своето 22-годишно постоење се залага за промоција на храбри филмови кои обработуваат општествени предизвици, но и говорат за смелоста на човековиот дух.

Цветановски го радува тоа што филмот по вторпат e наградeн во САД, откако минатиот месец беше прогласен за највпечатлив филм на 30. издание на „Седона интернешнал филм фестивал“ во Аризона.

- Калифорнија е центар на американската филмска индустрија, и секако дека како автор сум горд што добивме награда овде, и тоа во конкуренција со американски филмови со многу поголеми буџети. Едвај чекам да завршиме со оваа светска фестивалска турнеја и во септември да го презентираме пред нашата публика. Очекувам филмот да отвори теми за дискусија на повеќе нивоа, но пред се‘ сакам да го продолжиме трендот од последниве години, во кој на домашните гледачи им се враќа довербата и желбата да гледаат македонски филмови, вели Цветановски.

„Бизнисот на задоволството“ досега доби осум награди на филмските фестивали низ светот, од кои пет се за најдобар долгометражен филм.

Филмот ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.

Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.

Филмот е снимен со поддршка на Агенцијата за филм. /МИА

Николоски на средби во ММФ

Здравите економски политики поттикнуваат забрзување на економскиот раст.

Македонија продолжува да води здрави економски политики. Фискалната политика даде соодветен одговор во справување со кризата, а поставената цел за фискална консолидација во наредниот период преку заштеди и поголема поддршка на економијата со инвестиции е основа за забрзување на економскиот раст на среден рок. Владата останува посветена на реформите коишто се клучни за напредок и постигнување повисоки стапки на економски раст и забрзана интеграција во ЕУ. Напредокот во евроинтегративниот процес и реализацијата на новиот европски План за раст на Западен Балкан се исто така дополнителен придонес во остварување на поставените политики. Ова беше посочено на средбите на заменик-министерот за финансии Филип Николоски во Вашингтон со заменик на генералниот директор на ММФ Бо Ли, извршниот директор на ММФ Пол Хилберс, алтернативниот извршен директор Лук Дресе, како и директорот на ММФ за Европа Алфред Камер.

„РС Македонија во изминатите две години доби значајна поддршка од Меѓународниот монетарен фонд, која воедно беше и потврда за здравоста на економските политики што ги спроведува. Преку пристапот до Програмата за ликвидност и претпазливост, ги потврдивме здравите политики, а од страна на ММФ беше позитивно оценет првиот преглед за ПЛЛ што овозможи повлекување на втората транша финансиски средства од овој инструмент. Остануваме на патеката на постепена фискална консолидација, намалување на буџетскиот дефицит, зголемени средства за јавни инвестиции и поттикнување на економскиот раст и постигнување просечни стапки на раст од 5%“, рече заменик-министерот Николоски.

Тој додаде дека оваа година се очекува интензивирање на економската активност, која ќе биде поттикната од зголеменото учество на капитални расходи во Буџетот, силните инвестиции во инфраструктурни проекти, како и приватната потрошувачка, поддржана од растот на платите.

Дополнително влијание, како што додаде, покрај домашните фактори ќе има и очекувањата за нормализација на глобалното опкружување, стабилизирање на глобалните синџири на снабдување, растот на економската активност кај нашите главни трговски партнери и слично.

„Најголем придонес кон раст во 2024 година се очекува од бруто-инвестициите со планиран раст од 8,4%, главно поттикнати од интензивирањето на реализацијата на големите инфраструктурни проекти на коридорите 8 и 10, зголемена доверба кај инвеститорите, очекуваниот прилив на странски директни инвестиции, зголемениот интерес за инвестиции во обновливи извори на енергија, зголемената активност во индустриските зони и најавените нови инвестиции кои ќе придонесат за раст на извозот за 4,6%, како и приватната потрошувачка која се очекува да има реален раст од 3,1% и надворешната побарувачка темелна на подобрување на надворешното опкружување, односно раст во еврозоната и зголемување на економската активност во Германија“, истакна заменик-министерот за финансии, кој посочи и на очекувањата од реализацијата на европскиот План за раст на Западен Балкан и активностите коишто се одвиваат со забрзана динамика во овој процес и секако стабилизирање на инфлацијата.

Ваквото поповолно опкружување ќе даде основа за преориентација на владините политики од справување со криза кон остварување засилена економска активност, смета заменик-министерот, кој наведе дека поради се уште присутните ризици и предизвици, во Буџетот и во оваа година се обезбедени средства за надминување на одредени кризни состојби.

Средбите се одржаа во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон, каде заменик-министерот за финансии Филип Николоски учествува заедно со гувернерката на Народната банка на Македонија Анита Ангеловска-Бежоска. Во Вашнгтон, тие ќе остварат средби и со високи претставници на Светска банка, односно со потпретседателката на Светска банка Антонела Басани, извршниот директор на Светска банка Јуџин Ругенат, директорката на Светска банка за Западен Балкан Шиаочин Ју.

Министерство за финансии

Приведен дилер во Охрид, пронајдена дрога

Денеска во 00.55 часот во Охрид, полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Охрид го лишиле од слобода Б.Н.(33) од Охрид, соопшти МВР.

Откако бил забележан од полициските службеници во неговото возило, тој фрлил кесичка со бела прашкаста материја која била пронајдена и одземена. Подоцна, со судска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом, при што биле пронајдени и одземени бела прашкаста материја, дигитална вага со остатоци од бела прашкаста материја и други предмети со остатоци од бела прашкаста материја.

Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

притисни ентер