Наскоро подобри работни услови за вработените во затворите

Наскоро се очекува решавање на проблемот со униформите, опремата и условите за работа на вработените во казнено-поправните установи. Веќе се работи на собирање на податоци за униформите и опремата на затворската полиција.

Вакво уверување добил претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пеце Грујовски на денешната средба со директорот на Управата за извршување на санкции Јовица Стојановиќ.

- Јавноста виде во какви услови работат вработените во затворите. Очигледно има потреба од многу сериозен пристап во решавањето на проблемите и потребен е вистински социјален дијалог доколку сакаме да дојдеме до конечни и прифатливи решенија за вработените, изјави Грујовски по средбата.
Договорено е да има и претставник на Синдикатот во работната група која ќе работи на измени на Законот за извршување на санкции. Ова, како што рече Грујовски, им дава за право да веруваат дека ќе се изработи подобар закон бидејќи ќе бидат сослушани и предлозите на Синдикатот.
По донесувањето на новото законско решение договорено е да се пристапи кон потпишување на колективен договор со што, како што изјави Грујовски, ќе се решат поголем дел од проблемите.

Во однос на флексибилното работно време кое беше воведено со одлука на Влада, Грујовски изјави дека секоја институција различно ја толкува и применува.
- Имаме различно толкување од институција до институција. Имаме институции кои го промениле работното време и почнуваат од 7:30 без да им се даде можност на флексибилно работно време, а има институции кои почнуваат од 8:00 часот исто така без флексибилно работно време, изјави Грујовски.
Поради тоа, ќе побараат средба во Министерството  со цел одлуката да биде подеднакво применета во целата држава.

ВМРО-ДПМНЕ: Реален пораст на просечната плата може да се случи само доколку има раст во економијата

СДСМ продолжува со лагите и манипулирањето на јавноста, а само просечната плата во Македонија варира повеќе од ставовите на Зоран Заев. 

Црното економско трио Заев, Тевдовски, Анѓушев продолжува со уништувањето на македонската економија. Ова трио е најодговорно за осиромашувањето на македонските граѓани кои се доведени на работ на егзистенцијата, цените растат, а просечната плата не е доволна за да ги задоволи основните потреби на граѓаните.

Промената на моделот за пресметување на просечната плата единствено доведе до манипулација со статистичките податоци, но на ниеден начин не го подобри стандардот на обичниот граѓанин. СДСМ треба да ги симне розовите очила и да види што се случува во Македонија, да ја погледне реалноста и да види како живее просечниот граѓанин.

Тевдовски ветуваше „живот“ како во Данска, а актуелните политики на владата на СДСМ прават Македонија да наликува се повеќе и повеќе на некоја земја од Африка. Како и на секое поле СДСМ на полето на економијата оствари една голема нула. Економскиот раст за 2017 изнесуваше нула проценти, а во првиот квартал од 2018 очајни 0.1 проценти раст на БДП.

Реален пораст на просечната плата може единствено да се случи доколку има раст во економијата, а такво нешто нема. Дури и самата влада со својата фискална стратегија признава дека нема да достигне раст од 500 евра просечна плата колку што ветуваше. Со стратегијата испечатена од Владата се предвидува пораст на номиналната нето-плата за 2018 година во вредност од четири проценти, а за 2019 и 2020 соодветно 4,4 проценти. Ако имаме предвид дека 2017 ја завршивме со просечна плата од 23 илјади и 850 денари и сето тоа го помножиме со оваа претпоставка дека ќе растат платите, тогаш на крајот од нивниот мандат, под услов да нема предвремени парламентарни избори, просечната номинална нето-плата не може да надмине бројка од 27 илјади денари. Што значи дека од владата лажат сушат.

Изминатите година дена потсетуваат на времињата од криминалната транзиција, се поголем број на компании отвораат стечајна постапка, олигарсите блиски до СДСМ кои го стекнаа богатството во 90-тите повторно се богатат на грбот на граѓаните, а ветениот „живот“ дојде единствено за оние блиски до Заев и СДСМ. Ова осиромашување на граѓаните мора да сопре, граѓаните заслужуваат подобар стандард. /МИА

СДСМ: Нето платата во април изнесувала 23.942

Според официјалните податоци објавени од државниот завод за статистика, просечната нето плата во април 2018 изнесувала 23.942 денари, што е за 5,6 отсто повеќе во однос на април 2017 година, соопшти СДСМ.

Зголемувањето на минималната плата ја отвори спиралата на раст на платите, фактот што околу 90.000 работници добиваат повисока плата позитивно влијае врз растот и на просечната плата.

Мерките што се спроведуваат обезбедуваат повеќе пари кај граѓаните, повисоки плати и подобар животен стандард.

Со решавањето на спорот со Грција и со приближувањето на Македонија кон членство во НАТО и интеграцијата во ЕУ, се очекува трендот на раст на платите да се засили и интензивира, со крајна цел просечната плата да достигне 30.000 денари веќе до крајот на 2019 година.

Трајанов: Ново вето од ЕУ ќе го урне договорот со Грција

Демократскиот Сојуз на Павле Трајанов смета дека советот на Европската унија на Самитот во Брисел на 28 и 29 јуни има обврска и одговорност да донесе одлука за започнување на пристапните преговори со Македонија,.

Најавата за вето од некои земји членки на ЕУ како Франција можат да го срушат договорот со Грција, кој е постигнат за деблокадата на евроатланските процеси“, се вели во соопштението од партијата на Павле Трајанов.

Од таму инсистираат Македонија да биде ставена на таканаречена „брза лента“ и интеграцијата да се одвива со забрзано темпо.

притисни ентер