Димитров: Во Лондон сум со цел да добијам поддршка од најстарата демократија во светот

Европската унија ја гледаме како клуб на земји за кои владеењето на правото е важно, медиумите се слободни и механизмите за контрола на власта функционираат, изјави Министерот за надворешни работи Никола Димитров во интервју за „Скај њуз“.
Прашан зошто Македонија сака да влезе во ЕУ и што може Велика Британија да направи за тоа, Димитров рече дека во време кога светот станува понепредвидлив, „веруваме дека ќе бидеме побезбедни и сигурни во поглед на нашата иднина ако сме дел од ЕУ“.

- Тие што се внатре често забораваат колку е студено надвор. Во Лондон сум со цел да добијам поддршка од најстарата демократија во светот за тоа што јас верувам дека е многу надежна перспектива за мојата земја Македонија. Успеавме да излеземе од длабоката морална криза како посилни и позрели. Имаме силна одлучност да изградиме вистинска европска демократија и патувам низ етаблираните демократии низ Европа за да ја пренесам таа порака и да ја добијам нивната поддршка. Бидејќи, поддршката од Велика Британија е големо охрабрување на граѓаните на Македонија, изјави Димитров.

Според него, за справување со големите проблеми треба да се дејствува како едно, дали тоа е мигрантската криза, климатските промени или тероризмот.

- Затоа веруваме дека регионот на Балканот ќе биде посреќно место ако е дел од ЕУ, рече Димитров.

Во однос на добрососедските односи со Грција, Димиртов рече дека неговата прва официјална посета била токму на Грција.

- Имав 18 години кога Македонија стана независна. Наскоро ќе имам 45. Треба да направиме повеќе и подобро како генерација, рече Димитров.

Во однос на мигрантската криза, Димитров, рече дека ЕУ треба да продолжи да ја поддржува Турција бидејќи договорот ЕУ – Турција направил голема разлика и балканската рута треба да остане затворена.

- Правиме се што можеме за тоа. Треба да се поддржува и Грција, затоа што надворешната граница на ЕУ е на грчко-турската граница. Мигрантската криза покажа колку Балканот е важен како регион за безбедноста на Европа, изјави Димитров. /МИА

Влада: Предложените за претседател и членови на РКЕ се избрани на јавен оглас

Регулаторна комисија за енергетика ќе добие нов претседател.

Владата го предложи Марко Бислимовски да ја предводи главната функција на ова регулаторно тело.

Бислимовски и досега работеше во комисијата како советник и во јавноста важи за професионалец во енергетската област. Од владата уверуваат дека ќе таков ќе биде и како претседател.

Освен Бислимовски, Владата како комисионери ги предлага Наташа Вељановска, Атанаско Тунески и Куштрим Рамадани, исто, досегашен член на Комисијата

Надлежностите и независноста на Регулаторна беа жестока тема на расправа при донесувањето на Законот за енергетика. Опозицијата обвинуваше дека Владата ја нарушува независноста на ова тело, а власта тврдеше дека наместо професионалци со комисијата раководат партиски кадри.

Познавачите на проблематика, оценуваат дека сепак тешка ќе биде битката за независност на РКЕ.

Прв човек на Регулаторна од 2009тата до сега беше Димитар Петров, кој често беше обвинуван поради неговата партиската припадност.

Платите на членовите на Регулаторна комисија се движат околу 1 500 евра.

Мандатот на претседателот и членовите е 5 години со право на реизбор.

Нова пречистителна станица за третман на отпадни води во Кичево

Општина Кичево доби нова пречистителна станица за третман на отпадни води изградена со европски пари.

Со тоа трајно се решава проблемот со отпадните води во општината и се подигнуваат стандардите за заштита на животната средина.

Пречистителната станица е со инсталиран капацитет за 48.000 жители.

Реализацијата на проектот вклучува и изградба на колектор и пристапен пат. Вкупната вредност изнесува 8,3 милиони евра.

притисни ентер