Собранието донесе одлука за јавен оглас за избор на член на ДИК

Собранието на Република Македонија попладнево нан продолжението на 15. седница, со 80 гласа за, без против и воздржани, ја донесе одлуката за објавување јавен оглас за избор на член на Државната изборна комисија (ДИК).
Поднесувачи на предлог одлуката за објавување јавен оглас за избор на член на ДИК се пратениците Африм Гаши, Томислав Тунтев и Ејуп Аљими.
Собраниската седница продолжува утре, а на дневен ред на оваа седница е и Предлог законот за употреба на јазиците, во прво читање.

Измените и дополнувањата на Изборниот законик беа донесени во понеделникот и со нив се предвидува до локалните избори закажани за 15 октомври да се усогласи составот на Државната изборна комисија (ДИК) со составот на Собранието по последните избори за пратеници. Со оглед на резултатите од последните парламентарни избори, нов член на ДИК треба да има движењето БЕСА која освои пет пратенички мандати, а треба да се разреши Бедредин Ибраими, кој беше предложен од ДПА.

Собранието го огласува изборот на член на ДИК во „Службен весник на Република Македонија" и во дневниот печат. Огласот трае пет дена од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија".

Претседателот на Собранието ја известува политичката партија во опозиција, во рок од 24 часа од приемот на известувањето за пријавени кандидати на огласот, да му достават предлог за член на ДИК. Доставениот предлог, Комисијата за прашања на изборите и именувањата го утврдува и веднаш го доставува до Собранието на Република Македонија.

Членовите на ДИК, Собранието ги избира двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Измените на Изборниот законик за смена на составот на ДИК беа предложени по постигнатиот политички договор меѓу парламентарните партии.

Приведени 12 странски државјанки во локал во Желино

При контрола во угостителски објект лоциран на регионалниот пат Тетово - Скопје, во село Желино ноќеска полицијата привела 12 странски државјанки.

Како што е наведено во полицискиот билтен, ноќеска во периодот од 23:00 до 02:30 часот полициски службеници од СВР Тетово извршиле контрола во Угостителски објект лоциран на регионалниот пат Тетово - Скопје, поточно во село Желино, сопственост на З.С. од село Желино.

Во објектот биле затекнати 12 лица-странски државјанки, од кои 11 лица од Албанија и едно од Косово кои биле приведени во Полициска станица Тетово за понатамошна постапка. /МИА

ИК на ВМРО-ДПМНЕ бара техничка влада по пржинскиот модел пред секои избори

Реализирање на веќе договорените концепти за финансирање на партиите и формирање техничка влада по пржинскиот модел пред секои избори се ставовите на кои останува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Ова беше потврдено на синоќешниот состанок на Извршен комитет на партијата, на кој се анализираше актуелната политичка ситуација и прашањата што се дел од меѓупартиските разговори со власта на претседателско ниво.

„Само на овој начин избирачите ќе имаат гаранција дека власта нема да го злоупотреби нивниот глас, односно дека опозицијата ќе има можност соодветно да дејствува при сите обиди за можен фалсификат и нема да се дозволи повторување на локалните избори. Обидите на Зоран Заев да ја манипулира јавноста со измислени образложенија дека некој бара амнестија за некаков криминал беа оценети како несериозни“, се вели во соопштението на партијата.

Во врска со формулацијата на референдумското прашање ИК на ВМРО-ДПМНЕ смета дека за да се согледа јасно волјата на граѓаните мора да се почитува законот што предвидува недвосмислени прашања.

ИК му даде целосна и недвосмислена поддршка на партискиот лидер Христијан Мицкоски да ги застапува ставовите на партијата во натамошниот тек на лидерската средба.

„Македонските граѓани заслужуваат власт која вистински ќе се води по европските принципи за почитување на Уставот и законите, особено за важни прашања поврзани со носење на одлуки за иднината на државата како што се македонските интеграции во Европската унија и НАТО“, се наведува во соопштението. /МИА

Потешко повредено шестгодишно дете по удар од автомобил

Шестгодишно дете е потешко повредено на регионалниот пат Хиподром-Јурумлери откако автомобил удрил во него.

Во незгодата детето се здобило со тешки телесни повреди и било пренесено и задржано во комплекс клиники „Мајка Тереза“.

Извршен бил увид на местото на настанот и се работи на целосно расчистување на случајот.

Како што информира МВР, вчера околу 15:30 часот во СВР Скопје било пријавено дека патничко моторно возило „Сеат“ со скопски регистерски таблици управувано од Ј.И. (58) од Скопје удрило во дете на возраст од шест години на регионалниот пат Хиподром - Јурумлери, кај место викано „Дунек“. /МИА

притисни ентер