225 милиони евра потрошила минатата влада, за секое работно место 11 000 евра

Дваесет и петте странски компании што вкупно ги привлече претходната влада изминатите десет години, ја чинеле државата над 225 милиони евра.
 Во нив биле вработени 20 илјади лица, но не сите како нововработени зашто дел од нив претходно работеле во македонското стопанство. Едно вработување државата ја чинело 11 илјади евра,покажала  калкулацијата на трошоците за една работна позиција. Таквата политика била политика за економско шоу, а не политика за економски раст ќе рече владиниот портпарол Миле Бошњаковски, изнесувајќи детали од досега тајните договори.

Најголем дел од 225-те милиони евра, нешто над 130 милиони евра  претходната влада потрошила на ставката- трошоци за привлекување на странски инвеститори, но детали за тоа се очекуваат претстојниов период. Немало посебен водич на критериуми и унифициран правилник кој и зошто преговарал. Преговарале од министер до советници. Важеле различни правила на игра со компаниите, па на некоја и се давале илјада евра по работник на некоја 11 илјади евра. Различни аршини имало и во однос на обуките. За оваа ставка од буџетот се платени пет милиони евра. Некоја компанија добивала по сто евра по вработен, некоја по три илјади евра. Десет милиони евра ја чинело државата за инфраструктура за странските фабрики.

Договорите со странските инвеститори биле со рочност од  десет години. Сите договори такви какви што се  ќе бидат почитувани од актуелната влада и нема да биде раскинат ниту еден, објасни Бошњаковски дополнувајќи дека износот на добрата што странските  компании ги набавиле од  македонските, изнесувал само еден процент од нивните вкупни набавки.

Бошњаковски уште рече дека сите овие податоци ќе бидат доставени до македонските правосудни органи а дека направената анализа е врз основа на парите што претходната влада ги префрлала директно на сметките на странските компании. 

Почнува шестиот „Битола Шекспир фестивал“

Во Битола денеска ќе почне шестиот „Шекспир фестивал“ кој ќе го отвори ансамблот на домаќинот и организатор на фестивалот - Народен театар-Битола со претставата „Јулие Цезар (Res Publica  - Cosa Nostra)“ во режија на Златко Паковиќ.

Најавена е богата и квалитетна програма до 30 јуни кога фестивалот ќе биде затворен од Црногорскиот народен театар од Подгорица кој со многуброен ансамбл ќе ја изведе претставата „Зимска бајка“ во режија на Дино Мустафиќ.

На годинашниот „Битола Шекспир фестивал“ атрактивен а капела Шекспир концерт и 11 театарски претстави ќе изведат над 500 учесници од Полска, Романија, Казахстан, Италија, Хрватска и од Македонија.

Директорот на Битолскиот театар, Иван Јерчиќ, на прес-конференцијата по повод фестивалот истакна дека прават посебни подготовки за гостувањето на уметниците од Полска кои на 29 јуни ќе изведат а капела Шекспир концерт. 

- Очекуваме атрактивен концерт на хорот од Краков кој ќе биде придружуван од една од најголемите ѕвезди во Полска и Европа, уметникот Станислав Сојка. За време на концертот тој ќе приреди рецитал со сонетите на Шекспир. Во Битола ќе гостува и познатиот Театар на вечни вредности (Theater of Eternal Values) - интернационален ансамбл позициониран во Италија во кој настапуваат актери од цела Европа и кои на фестивалот ќе ја изведат претставата „Шекспировите жени“ во режија на Ерик Лорен, рече Јерчиќ.

На фестивалската програма годинава се и претставите „Ричард Трети“ на театарот „Гавела“ од Загреб. Театарот од Темишвар ќе настапи со „Шекспир сонет 66“, а од Букурешт ќе ја изведе претставата „Хамлет“. Актерите од театарот „Верди“ од Задар ќе настапат со „Отело – незаконита литургија“, а Академскиот руски драмски театар од Казахстан ќе ја изведе претставата „Ромео и Јулија“.

- На свеченото затворање на 30 јуни ќе настапи Црногорскиот народен театар од Подгорица чиј броен ансамбл ќе ја изведе претставата „Зимска бајка“. Посебно сум задоволен од учеството на театрите од нашата држава бидејќи освен Битолскиот театар, со свои претстави ќе настапат и Театарот за деца и младинци со претставата „Сонот на Вилијам“, Албанскиот театар-Скопје ќе ја изведе претставата „Макбет“, а Турскиот театар-Скопје ќе гостува со претставата „Крал Лир“, истакна Јерчиќ.

„Битола Шекспир фестивал“ се одржува со поддршка на Општина Битола и е под покровителство на Министерството за култура. /МИА

Перформанс „’Ртулци“ - прва продукција на програмата „Инкубатор“

Во „Кино Култура“ вечер од  20 часот ќе биде изведен мултимедијален перформанс насловен „’Ртулци“, создаден од младите уметници кои беа дел од првата продукција  „Инкубатор“. 

Настанот го организираат Културниот центар „Интерарт“ и Амбасадата на Швајцарија во Македонија, а ќе се обратат Рисима Рисимкин, уметнички директор на проектот, и амбасадорката на Швајцарија Сибил Сутер Тејада. 

- Музика, танц и визуелна уметност - синергија на сцена претставена низ призмата на нов бран млади креативци. Седум оригинални уметнички дела ќе пренесат приказна создадена на тримесечните работилници на „Инкубатор“, под менторство на истакнати македонски уметнички имиња, соопшти Културниот центар „Интерарт“.

Целта на културната програма „Инкубатор“ е интегрирање млади уметници во современата уметничка сцена преку професионално менторство и поддршка, што на долг рок ќе придонесе збогатување и дополнително афирмирање на младинската современа уметничка сцена во Македонија, но и надвор од границите. /МИА

Трамп имаше средба со семејствата на Американци убиени од илегални мигранти

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера се сретна со семејствата кои ги загубиле најблиските од страна на илегални имигранти во САД.

Средбата е одговор на критиките во јавноста за праксата во некои случаи да се раздвојуваат децата на илегалните имигранти од нивните родители, додека да се завршат истрагите или процесот на депортирање.

„Се собравме денеска да слушнеме од американските жртви на илегалната имиграција. Ова се американски државјани кои се трајно разделени од нивните сакани кои биле убиени од илегални имигранти – криминалци. Медиумите ги игнорираат овие семејства. Нашата прва должност е да им бидеме лојални на граѓаните на САД. Нема да запреме додека границата не биде безбедна и додека не ставиме крај на имигрантската криза“, изјави претседателот Трамп за време на средбата.

Тој воедно ја повика јавноста да ги прима вестите од границата меѓу САД и Мексико со доза на резерва, особено откако неделникот „Тајм“ на насловната страница го обвини Трамп за разделувањето на децата од нивните мајки.

Се покажа дека во случајот кој беше посочен од страна на „Тајм“, девојчето на насловната страница воопшто не било разделено од нејзината мајка, која пак неколку пати илегално влегувала во САД и го понела девојчето на пат од Хондурас кон САД спротивно на волјата на нејзиниот сопруг и ги оставиле своите три други деца зад себе.

„Медиумите ја пренесуваат едната страна, но никогаш не ја пренесуваат вашата страна“, додаде Трамп, обраќајќи им се на семејствата чии блиски биле убиени од илегални имигранти.

Се проценува дека вкупно околу 2.000 деца биле разделени од нивните родители на границата.

притисни ентер