Интегриран систем за управување со цврст отпад со поддршка од ЕУ

Животната средина е најважен приоритет, но со тековниот концепт што постои во земјата, тоа е невозможна мисија, ниту со буџетот, ниту од аспект на усогласување на стандардите во Европа, а најдрастично загрижува управувањето со отпадот.
 Ова денеска го изјави заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули, на завршната церемонија за проектот на ЕУ „Подготовка на проекти и тендерска документација за воспоставување на интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во источните и североисточните региони“.
Тој истакна дека управувањето со отпадот е јавен интерес, но се уште не се третира така, и затоа е потребна јасна поделба на активностите и одговорностите, како и огромна помош од општините во процесот на хармонизацијата на законодатството со тоа на ЕУ.
- Неопходно е и да се направи хиерархија на отпадот, односно доброто третирање на отпадот започнува од нашите домови, од селекцијата, од рециклирањето, сепарирање, точки на собирање на отпад, но се уште има диви и нелегални собирачи кои влијаат на овој процес. За ова има и законска регулатива за собирање на отпадот, но тоа не се прави, рече Макрадули.

Тој наведе дека реализацијата на овој проект со помош на ЕУ ќе овозможи да се воспостави првпат во земјата, самоодржлив интегриран систем што ќе биде достапен за граѓаните и ќе донесе бенефит за целокупната заедница.
- Македонија мора да го фати правецот на развиените земји, односно да се развие свеста на луѓето, оти од отпадот може да се произведува и енергија, рече Макрадули и додаде дека во овој период во собраниска процедура е влезена и ратрификацијата на Парискиот договор за намалување на штетни гасови, што ќе наметне соодветни обврски во општеството.

Шефот на делегацијата на ЕУ во земјата, Самуел Жбогар, рече дека еден од приоритетите за животната средина е управување со цврстиот отпад.
- Во текот на летото бевме сведоци колку е критична ситуацијата кога станува збор за несоодветно управување со отпадот, пример се депониите во Струга и во Тетово што не ги исполнуваат законските услови. Регионалните анализи утврдија 16 депонии и 117 ѓубришта во источниот и североисточниот регион, што е многу штетно за здравјето на луѓето и за животната средина, истакна Жбогар и најави натамошна поддршка од ЕУ за изградба на нови и затворање на дивите депонии, за што се издвоени 27 милиони евра.

Јадранка Иванова, раководител на секторот за ЕУ при Министерството за животна средина рече дека со овој проект ќе се овозможи една централна депонија и неколку трансфер станици, како и набавка на опрема за јавните комунални претпријатија во овие два региони, со што до 2020 година ќе се обезбеди регионален систем за управување со отпад.

Предвидените инвестиции од приближно 27 милиони евра ќе овозможат на 18 општини во источните и североисточните региони да ги модернизираат системите за управување со отпад, овозможувајќи подобрување на еколошката средина на 370.900 жители.

Седуммина полицајци повредени во насилните протести пред Собранието

Седуммина полицајци се повредени и тројца цивили се приведени во насилните протести пред Собранието на Македонија, јави МИА повикувајќи се на полициски и болнички извори.  

Екипа на Итната медицинска помош интервенираше вечерва поради повредени лица во насилните протести што се одржаа пред Собранието. Возилото е се уште на местото на протестите, но засега нема информации за број на повредени граѓани.

Медицинскиот тим интервенирал по барање на полицијата.

Македонската полиција со солзавец растера насилни демонстранти пред Собранието кои протестираа незадоволни од Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство потпишан денеска во Псарадес.

Демонстрантите фрлаа кон полицијата шок-бомби, пиротехнички средства и камења. Полицијата возврати откако дел од нив ја турнаа заштитната ограда и се обидоа да влезат во Парламентот.

Протестот беше организиран преку социјални мрежи. /МИА

Утре променливо облачно со локален пороен дожд и грмежи

Времето утре променливо облачно на повеќе места ќе дува засилен северен ветер. Попладне ќе има нестабилност со локален пороен дожд и грмежи. УВ индексот ќе изнесува 7. Минималната температура од 11 до 18 а дневната највисока температура на воздухот

Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди и со повремено засилен северен ветер. Температурата од 16 до 31 степен.

Во вторник се очекуваат повремени врнежи од дожд кои локално ќе бидат поројни со грмежи, особено попладнето. Во среда како и во следните два дена ќе биде  сончево со мала до умерена облачност, попладне со услови за појава на краткотраен дожд. Дневните температури ќе бидат во пораст, освен во вторник кога  ќе опаднат за неколку степени. /УХМР

Протест пред Собранието против Договорот со Грција

Пред Собранието на Македонија се одржува протест против Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство. Протестот е организиран преку социјални мрежи.

Насобраните граѓани го блокираа булеварот „11 Октомври“ пред собраниската зграда, пред која е поставен полициски кордон.

Дел од учесниците во протестите фрлаат камења и факли кон полицискиот кордон. 

Тие укажуваат дека граѓаните се тие кои одлучуваат за својата и иднинатата на државата. 

Учесниците во протестот извикуваат пароли „Македонија, не го даваме името“ и пејат патриотски песни.

Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас денеска во Псарадес ги ставија своите потписи на договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство, во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.

На церемонијата присуствуваа високи претставници на ЕУ, на ОН и бројни новинари. Двајцата премиери меѓусебно се нарекоа пријатели, оценувајќи го потпишувањето на договорот како историски ден. /МИА

притисни ентер