Македонија и БиХ потпишаа договор за признавање на возачките дозволи

Македонија и Босна и Херцеговина денеска во Скопје потпишаа договор за заемно признавање на возачките дозволи издадени во едната или во другата држава.
Со договорот надлежните органи на двете држави реципрочно ги признаваат возачките дозволи на возачите кои управуваат со возила на територијата на едната или другата држава.

Од македонска страна договорот го потпиша министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во присуство на министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, а од страна на БиХ документот го потпиша министерот за комуникации и транспорт Исмир Јуско.
Министерот Спасовски истакна дека потпишувањето на договорот со БиХ е дел од проектот на Министерството за реципрочно признавање и замена на возачките дозволи.

- Веруваме дека овој чекор значително ќе ја подобри соработката меѓу двете држави, имајќи ја предвид блискоста и фактот дека голем број граѓани живеат или транзитираат преку едната или другата држава, рече министерот Спасовски.

Освен со БиХ, досега ваков договор Македонија има потпишано со Италија, Шпанија, Албанија, Црна Гора и Србија, а во тек е процедурата за потпишување на вакви договори со Косово, Турција, Велика Британија и Германија.

Министерот за комуникации и транспорт на Босна и Херцеговина рече дека посетата на Македонија ја доживува како посета кај пријатели, а потпишувањето на денешниот договор го оцени како потврда на добрата соработка и одличните добрососедски односи.


Седуммина полицајци повредени во насилните протести пред Собранието

Седуммина полицајци се повредени и тројца цивили се приведени во насилните протести пред Собранието на Македонија, јави МИА повикувајќи се на полициски и болнички извори.  

Екипа на Итната медицинска помош интервенираше вечерва поради повредени лица во насилните протести што се одржаа пред Собранието. Возилото е се уште на местото на протестите, но засега нема информации за број на повредени граѓани.

Медицинскиот тим интервенирал по барање на полицијата.

Македонската полиција со солзавец растера насилни демонстранти пред Собранието кои протестираа незадоволни од Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство потпишан денеска во Псарадес.

Демонстрантите фрлаа кон полицијата шок-бомби, пиротехнички средства и камења. Полицијата возврати откако дел од нив ја турнаа заштитната ограда и се обидоа да влезат во Парламентот.

Протестот беше организиран преку социјални мрежи. /МИА

Утре променливо облачно со локален пороен дожд и грмежи

Времето утре променливо облачно на повеќе места ќе дува засилен северен ветер. Попладне ќе има нестабилност со локален пороен дожд и грмежи. УВ индексот ќе изнесува 7. Минималната температура од 11 до 18 а дневната највисока температура на воздухот

Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди и со повремено засилен северен ветер. Температурата од 16 до 31 степен.

Во вторник се очекуваат повремени врнежи од дожд кои локално ќе бидат поројни со грмежи, особено попладнето. Во среда како и во следните два дена ќе биде  сончево со мала до умерена облачност, попладне со услови за појава на краткотраен дожд. Дневните температури ќе бидат во пораст, освен во вторник кога  ќе опаднат за неколку степени. /УХМР

Протест пред Собранието против Договорот со Грција

Пред Собранието на Македонија се одржува протест против Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство. Протестот е организиран преку социјални мрежи.

Насобраните граѓани го блокираа булеварот „11 Октомври“ пред собраниската зграда, пред која е поставен полициски кордон.

Дел од учесниците во протестите фрлаат камења и факли кон полицискиот кордон. 

Тие укажуваат дека граѓаните се тие кои одлучуваат за својата и иднинатата на државата. 

Учесниците во протестот извикуваат пароли „Македонија, не го даваме името“ и пејат патриотски песни.

Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас денеска во Псарадес ги ставија своите потписи на договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство, во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.

На церемонијата присуствуваа високи претставници на ЕУ, на ОН и бројни новинари. Двајцата премиери меѓусебно се нарекоа пријатели, оценувајќи го потпишувањето на договорот како историски ден. /МИА

притисни ентер