Прв „Вики-камп“ во Македонија

Во преспанското село Брајчино изминатиот викенд се одржа првиот „Вики-камп“ во организација на Споделено знаење - Викимедија Македонија, огранокот на светската Викимедија фондација во Македонија.

На кампот учествуваа 15 млади луѓе од повеќе градови во Македонија, кои преку меѓусебно запознавање и дружење имаа можност да се запознаат и да бидат обучени за уредување на статии на Википедија на македонски јазик, прикачување и лиценцирано подигнување на слики на Заедничката ризница (Commons Wikimedia). Стана збор и за начинот на спроведување на експедициските теренски истражувања од областа на географијата, природата, земјоделството, културното наследство, архитектурата и археологијата при што се остварени посети на преспанските села Брајчино и Љубојно и нивната околина каде се направени 160 фотографии, кои се достапни за слободна употреба.

„Споделено знаење-Викимедија Македонија“ за идната година планира одржување на два Вики-кампа во текот на пролетта и есента во различни делови на Македонија и работилници и предавања во повеќе градови.

Е-Tinex – новата интернет продавница на Тинекс

Ланецот на супермаркети Тинекс од 17ти декември ја отвори својата прва електронска продавница E-Tinex.

Електронската продавница E-Tinex претставува најсовремена онлајн продавница за малопродажба во Македонија, со широка понуда на производи достапни за купување од дома или било која друга локација.

E-Tinex продавницата располага со асортиман од 6000 производи поделени во 22 групи кои опфаќаат различни категории на производи како основни производи, овошје и зеленчук, месо и сувомеснати производи, млечни производи, готови јадења, средства за хигиена и чистење, прозиводи за домот и др.  Дополнително, електронската продавница им овозможува на членовите на Мој Тинекс програмата за лојалност да собираат и користат поени и при секое онлајн пазарење, преку поврзување на нивната поен+ картичка со корисничкиот профил.

Засега, доставата на производи ќе се врши само на територија на Скопје, но од компанијата Тинекс најавуваат дека постои можност за проширување на дистрибутивната мрежа во иднина, во зависност од побарувачката и интересот на нивните купувачи од останатите градови.

Со отворањето на електронската продавница, Тинекс ја заокружи успешната година во која оствари повеќе значајни достигнувања и проекти како отворањето на сопствен логистички центар во индустриската зона Чојлија, започнувањето на Мој Тинекс клуб програмата за лојалност и отворањето на новиот трговски центар Лиса во населба Ново Лисиче.

“Нашата компанија постои веќе 24 години и е фокусирана кон континуирано унапредување на своето работење, со цел оддржување и зајакнување на односите со своите потрошувачи. Да се задржи лидерската позиција сите овие години за нас претставува предизвик, но и мотивација, која не поттикнува постојано да превземаме нови чекори со кои ќе одговориме на потребите на пазарот и ќе го осигураме своето место на врвот. Свеста на потрошувачите за електронското пазарење во нашата земја е во подем и сметаме дека со нашата електронска продавница ќе може да допринесеме кон развој и приближување на нашиот пазар кон светските трендови во малопродажбата. Преку отворањето на наша електронска продавница направивме уште еден чекор напред кон модернизирање на купувачките навики во Македонија.“- изјави Цветанка Христовска, бренд директор на Тинекс.

Пратениците на унгарската опозиција избркани од државната телевизија

Припадниците на обезбедувањето исфрлиле двајца независни пратеници од зградата на унгарската државна телевизија откако се обиделе да прочитаат петиција.

Тие петицијата се обиделе да ја прочитаат ден откако полицијата употребила солзавец на демонстрантите во Будимпешта, пишува „РСЕ“.

Двајцата пратеници биле меѓу десетината членови на парламентот кои ноќта ја поминале во зградата на телевизијата во рамките на демонстрациите против политиката на премиерот Виктор Орбан.

Во петицијата се наведени барањата за вчерашниот протест, меѓу кои и повикот за повлекување на новиот закон за работа, независност на јавните медиуми и судови и приклучување на Унгарија на канцеларијата за обвинителство на ЕУ.

На интернет се емитирани снимките на кои припадниците на обезбедувањето ги туркаат двајцата пратеници и ги истиснуваат надвор од зградата. Останатите пратеници го продолжуваат протестот во зградата на телевизијата.

Во недела околу 10.000 демонстранти учествуваа во протестот под името „Среќен Божиќ, господине премиере“. Тоа беше четврт и досега најголем собир во последните седум дена против, како што изјавуваат демонстрантите, се поизразената авторитативна власт на Орбан.

Протестниот марш помина мирно се додека полицијата не употреби солзавец пред зграда на телевизијата.

Гутереш: Преспанскиот договор е пример за мирно решавање спорови

Договорот од Преспа меѓу Грција и Македонија е пример за мирно решавање на транснационалните спорови, истакна генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш во обраќањето на 18. Меѓународен форум во Доха.

-Договорот меѓу Атина и Скопје е успешен пример за транснационалните напори за затворање на спорни прашања. Договорот ќе има биде од корист за целиот балкански регион, рече Гутереш.

Тој повика на засилување на напорите на меѓународната заедница за решавање и на другите отворени прашања во светот кои предизвикуваат тензии.

– Во ера на хаос и конфузија гледаме голема надеж за успешно решавање на разликите и споровите како што беа меѓу Грција и Македонија за прашањето за името. Тоа не потсетува и ни покажува дека кога работиме заедно можеме да постигнеме големи работи во корист на нашите народи, порача генералниот секретра на ОН, Антонио Гутереш.

притисни ентер