Со Косовската претстава ,, Коските што доцна доаѓаат” отворен фестивалот ,,Ристо Шишков “

Со претставата ,,Коските што доцна доаѓаат,, косовскиот национален театар синоќа се крена завесата на Јубилејниот 25 ти фестивал на камерна драма ,,Ристо Шишков,, во Струмица.
Претставите годинава ќе  ни нудат поврзување помеѓу минатото и иднината во денешни рамки,огледало на самите себе и општеството вели Благоја Стефановски кој беше задолжен за селекција на 11 претстави од повеќе национални театри од неколку држави кои ќе бидат одиграни годинава.

Министерот за култура Алаѓозовски синоќа беше на свеченото отворање вели дека годинава успеале да одвојат средства од буџетот и да го потпомогнат фестивалот, но се надева дека можеби в година ФКТ ќе се игра и сцената од новиот театар во изградба.


Минатогодишниот лауреат Зијах Соколовиќ оваа година е претседател на жирито. Вели дека има многу и актери кои за нив како комисија ќе биде тешка задача за наградата да замине во вистински раце.

На отворањето на 25 тото издание на Меѓународниот фестивал ,,Ристо Шишков”  беше и претседателот на Владата,  Зоран Заев кој во своето обраќање истакна дека театарот е единствената уметничка форма во која човекот актер му се обраќа на човекот во публиката и затоа театарот не е само сценско раскажување приказни , туку место за средби помеѓу луѓето , актерите и публиката.


На  јубилејното издание на фестивалот беа изложени и сликите од објективот на фотографот Сречко Гунчев кој на својата самостојна изложба ги прикажа миговите низ годините наназад.



Почнува шестиот „Битола Шекспир фестивал“

Во Битола денеска ќе почне шестиот „Шекспир фестивал“ кој ќе го отвори ансамблот на домаќинот и организатор на фестивалот - Народен театар-Битола со претставата „Јулие Цезар (Res Publica  - Cosa Nostra)“ во режија на Златко Паковиќ.

Најавена е богата и квалитетна програма до 30 јуни кога фестивалот ќе биде затворен од Црногорскиот народен театар од Подгорица кој со многуброен ансамбл ќе ја изведе претставата „Зимска бајка“ во режија на Дино Мустафиќ.

На годинашниот „Битола Шекспир фестивал“ атрактивен а капела Шекспир концерт и 11 театарски претстави ќе изведат над 500 учесници од Полска, Романија, Казахстан, Италија, Хрватска и од Македонија.

Директорот на Битолскиот театар, Иван Јерчиќ, на прес-конференцијата по повод фестивалот истакна дека прават посебни подготовки за гостувањето на уметниците од Полска кои на 29 јуни ќе изведат а капела Шекспир концерт. 

- Очекуваме атрактивен концерт на хорот од Краков кој ќе биде придружуван од една од најголемите ѕвезди во Полска и Европа, уметникот Станислав Сојка. За време на концертот тој ќе приреди рецитал со сонетите на Шекспир. Во Битола ќе гостува и познатиот Театар на вечни вредности (Theater of Eternal Values) - интернационален ансамбл позициониран во Италија во кој настапуваат актери од цела Европа и кои на фестивалот ќе ја изведат претставата „Шекспировите жени“ во режија на Ерик Лорен, рече Јерчиќ.

На фестивалската програма годинава се и претставите „Ричард Трети“ на театарот „Гавела“ од Загреб. Театарот од Темишвар ќе настапи со „Шекспир сонет 66“, а од Букурешт ќе ја изведе претставата „Хамлет“. Актерите од театарот „Верди“ од Задар ќе настапат со „Отело – незаконита литургија“, а Академскиот руски драмски театар од Казахстан ќе ја изведе претставата „Ромео и Јулија“.

- На свеченото затворање на 30 јуни ќе настапи Црногорскиот народен театар од Подгорица чиј броен ансамбл ќе ја изведе претставата „Зимска бајка“. Посебно сум задоволен од учеството на театрите од нашата држава бидејќи освен Битолскиот театар, со свои претстави ќе настапат и Театарот за деца и младинци со претставата „Сонот на Вилијам“, Албанскиот театар-Скопје ќе ја изведе претставата „Макбет“, а Турскиот театар-Скопје ќе гостува со претставата „Крал Лир“, истакна Јерчиќ.

„Битола Шекспир фестивал“ се одржува со поддршка на Општина Битола и е под покровителство на Министерството за култура. /МИА

Перформанс „’Ртулци“ - прва продукција на програмата „Инкубатор“

Во „Кино Култура“ вечер од  20 часот ќе биде изведен мултимедијален перформанс насловен „’Ртулци“, создаден од младите уметници кои беа дел од првата продукција  „Инкубатор“. 

Настанот го организираат Културниот центар „Интерарт“ и Амбасадата на Швајцарија во Македонија, а ќе се обратат Рисима Рисимкин, уметнички директор на проектот, и амбасадорката на Швајцарија Сибил Сутер Тејада. 

- Музика, танц и визуелна уметност - синергија на сцена претставена низ призмата на нов бран млади креативци. Седум оригинални уметнички дела ќе пренесат приказна создадена на тримесечните работилници на „Инкубатор“, под менторство на истакнати македонски уметнички имиња, соопшти Културниот центар „Интерарт“.

Целта на културната програма „Инкубатор“ е интегрирање млади уметници во современата уметничка сцена преку професионално менторство и поддршка, што на долг рок ќе придонесе збогатување и дополнително афирмирање на младинската современа уметничка сцена во Македонија, но и надвор од границите. /МИА

Трамп имаше средба со семејствата на Американци убиени од илегални мигранти

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера се сретна со семејствата кои ги загубиле најблиските од страна на илегални имигранти во САД.

Средбата е одговор на критиките во јавноста за праксата во некои случаи да се раздвојуваат децата на илегалните имигранти од нивните родители, додека да се завршат истрагите или процесот на депортирање.

„Се собравме денеска да слушнеме од американските жртви на илегалната имиграција. Ова се американски државјани кои се трајно разделени од нивните сакани кои биле убиени од илегални имигранти – криминалци. Медиумите ги игнорираат овие семејства. Нашата прва должност е да им бидеме лојални на граѓаните на САД. Нема да запреме додека границата не биде безбедна и додека не ставиме крај на имигрантската криза“, изјави претседателот Трамп за време на средбата.

Тој воедно ја повика јавноста да ги прима вестите од границата меѓу САД и Мексико со доза на резерва, особено откако неделникот „Тајм“ на насловната страница го обвини Трамп за разделувањето на децата од нивните мајки.

Се покажа дека во случајот кој беше посочен од страна на „Тајм“, девојчето на насловната страница воопшто не било разделено од нејзината мајка, која пак неколку пати илегално влегувала во САД и го понела девојчето на пат од Хондурас кон САД спротивно на волјата на нејзиниот сопруг и ги оставиле своите три други деца зад себе.

„Медиумите ја пренесуваат едната страна, но никогаш не ја пренесуваат вашата страна“, додаде Трамп, обраќајќи им се на семејствата чии блиски биле убиени од илегални имигранти.

Се проценува дека вкупно околу 2.000 деца биле разделени од нивните родители на границата.

притисни ентер