Во Струмица утре почнува Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“

Во Струмица утре со изложба „ФКТ низ објективот на Сречко Гунчев“ и со претставата на Националниот театар на Косово „Коските што доцна доаѓаат“ од Теки Дервиш, а во режија на Мартин Кочовски почнува 25. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“.
Во петте фестивалски дена, публиката ќе може да види десетина театарски претстави чии актери ќе се натпреваруваат за единствената награда што го носи името на доајенот на македонското глумиште Ристо Шишков.

На сцената на Центарот за култура „Антон Панов“ ќе настапат актери од Македонија, Косово, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина.

Првата фестивалска вечер ќе настапат и студентите од класата на професорот Мето Јовановски и асистентот доцент Магдалена Ризова-Черних, помлад асистент Александра Огненовска на факултетот ЕСРА со претставата „Животот е магичен круг и од тоа нема бегање“ во режија на Мето Јовановски.

На 9 септември ќе настапат НУЦК „Антон Панов“ Струмица со претставата „Џон Габриел Боркман“ на Хенрик Ибзен во режија на Горан Тренчовски, Драмскиот куклен театар „Враца“ од Бугарија со „Нора“ на Хенрих Ибзен во режија на Ник Упер и Мал драмски театар Битола „ЗОО приказна“ на Едвард Олби во режија на Здравко Стојмиров.

В недела 10 септември, театарската публика може да ги види претставите „Првин ќе ме земеш после ќе ме...“ на Театар КРИК од Скопје во режија на Ѓорги Ризески, „Да го поздравиш и да ми го бациш“ на Театар Артропија во режија на Билјана Радиновска, а во офф програма ќе настапи и Македонската опера и балет со балетската претстава „ЛА, ЛА, ЛА“ по кореографија на Саша Евтимова.

Претпоследниот ден ќе играат Театарот ГАРИВО од Босна и Херцеговина со претставата „Добри луѓе во зло време“ во режија на Градимир Гојер, Театарот Звездара од Србија со претставата „Солзите се ОК“ на Мирјана Бобиќ Мојсиловиќ и Театар Крагуевац со „Пак плаче, но сега од среќа“ на Новица Савиќ во режија на Драган Јаковљевиќ.

Фестивалот ќе го затворат студентите на Факултетот од Универзитетот „Неофит Рилски“ од Благоевград, Бугарија.

Во рамки на 25-то издание на ФКТ „Ристо Шишков“ секојдневно ќе се одржуваат театарски разговори, а ќе биде промовирана и книгата „Глумецот....е глумец...е глумец“ на минатогодишниот лауреат Зијах Соколовиќ.

Почнува шестиот „Битола Шекспир фестивал“

Во Битола денеска ќе почне шестиот „Шекспир фестивал“ кој ќе го отвори ансамблот на домаќинот и организатор на фестивалот - Народен театар-Битола со претставата „Јулие Цезар (Res Publica  - Cosa Nostra)“ во режија на Златко Паковиќ.

Најавена е богата и квалитетна програма до 30 јуни кога фестивалот ќе биде затворен од Црногорскиот народен театар од Подгорица кој со многуброен ансамбл ќе ја изведе претставата „Зимска бајка“ во режија на Дино Мустафиќ.

На годинашниот „Битола Шекспир фестивал“ атрактивен а капела Шекспир концерт и 11 театарски претстави ќе изведат над 500 учесници од Полска, Романија, Казахстан, Италија, Хрватска и од Македонија.

Директорот на Битолскиот театар, Иван Јерчиќ, на прес-конференцијата по повод фестивалот истакна дека прават посебни подготовки за гостувањето на уметниците од Полска кои на 29 јуни ќе изведат а капела Шекспир концерт. 

- Очекуваме атрактивен концерт на хорот од Краков кој ќе биде придружуван од една од најголемите ѕвезди во Полска и Европа, уметникот Станислав Сојка. За време на концертот тој ќе приреди рецитал со сонетите на Шекспир. Во Битола ќе гостува и познатиот Театар на вечни вредности (Theater of Eternal Values) - интернационален ансамбл позициониран во Италија во кој настапуваат актери од цела Европа и кои на фестивалот ќе ја изведат претставата „Шекспировите жени“ во режија на Ерик Лорен, рече Јерчиќ.

На фестивалската програма годинава се и претставите „Ричард Трети“ на театарот „Гавела“ од Загреб. Театарот од Темишвар ќе настапи со „Шекспир сонет 66“, а од Букурешт ќе ја изведе претставата „Хамлет“. Актерите од театарот „Верди“ од Задар ќе настапат со „Отело – незаконита литургија“, а Академскиот руски драмски театар од Казахстан ќе ја изведе претставата „Ромео и Јулија“.

- На свеченото затворање на 30 јуни ќе настапи Црногорскиот народен театар од Подгорица чиј броен ансамбл ќе ја изведе претставата „Зимска бајка“. Посебно сум задоволен од учеството на театрите од нашата држава бидејќи освен Битолскиот театар, со свои претстави ќе настапат и Театарот за деца и младинци со претставата „Сонот на Вилијам“, Албанскиот театар-Скопје ќе ја изведе претставата „Макбет“, а Турскиот театар-Скопје ќе гостува со претставата „Крал Лир“, истакна Јерчиќ.

„Битола Шекспир фестивал“ се одржува со поддршка на Општина Битола и е под покровителство на Министерството за култура. /МИА

Перформанс „’Ртулци“ - прва продукција на програмата „Инкубатор“

Во „Кино Култура“ вечер од  20 часот ќе биде изведен мултимедијален перформанс насловен „’Ртулци“, создаден од младите уметници кои беа дел од првата продукција  „Инкубатор“. 

Настанот го организираат Културниот центар „Интерарт“ и Амбасадата на Швајцарија во Македонија, а ќе се обратат Рисима Рисимкин, уметнички директор на проектот, и амбасадорката на Швајцарија Сибил Сутер Тејада. 

- Музика, танц и визуелна уметност - синергија на сцена претставена низ призмата на нов бран млади креативци. Седум оригинални уметнички дела ќе пренесат приказна создадена на тримесечните работилници на „Инкубатор“, под менторство на истакнати македонски уметнички имиња, соопшти Културниот центар „Интерарт“.

Целта на културната програма „Инкубатор“ е интегрирање млади уметници во современата уметничка сцена преку професионално менторство и поддршка, што на долг рок ќе придонесе збогатување и дополнително афирмирање на младинската современа уметничка сцена во Македонија, но и надвор од границите. /МИА

Трамп имаше средба со семејствата на Американци убиени од илегални мигранти

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера се сретна со семејствата кои ги загубиле најблиските од страна на илегални имигранти во САД.

Средбата е одговор на критиките во јавноста за праксата во некои случаи да се раздвојуваат децата на илегалните имигранти од нивните родители, додека да се завршат истрагите или процесот на депортирање.

„Се собравме денеска да слушнеме од американските жртви на илегалната имиграција. Ова се американски државјани кои се трајно разделени од нивните сакани кои биле убиени од илегални имигранти – криминалци. Медиумите ги игнорираат овие семејства. Нашата прва должност е да им бидеме лојални на граѓаните на САД. Нема да запреме додека границата не биде безбедна и додека не ставиме крај на имигрантската криза“, изјави претседателот Трамп за време на средбата.

Тој воедно ја повика јавноста да ги прима вестите од границата меѓу САД и Мексико со доза на резерва, особено откако неделникот „Тајм“ на насловната страница го обвини Трамп за разделувањето на децата од нивните мајки.

Се покажа дека во случајот кој беше посочен од страна на „Тајм“, девојчето на насловната страница воопшто не било разделено од нејзината мајка, која пак неколку пати илегално влегувала во САД и го понела девојчето на пат од Хондурас кон САД спротивно на волјата на нејзиниот сопруг и ги оставиле своите три други деца зад себе.

„Медиумите ја пренесуваат едната страна, но никогаш не ја пренесуваат вашата страна“, додаде Трамп, обраќајќи им се на семејствата чии блиски биле убиени од илегални имигранти.

Се проценува дека вкупно околу 2.000 деца биле разделени од нивните родители на границата.

притисни ентер