Прва награда за „Последните камбани“ на Филмскиот фестивал во Монтреал

Краткометражниот филм „Последните камбани“ ја освои првата награда за кратки филмови на 41. „Монтреал ворлд филм фестивал“, што се одржа од 24 август до 4 септември.

Во конкуренција за наградата беа прикажани четириесеттина кратки филмови од целиот свет, но жирито одлучи да ја додели на единствениот македонски претставник. Филмот е работен по сценарио и во режија на Никола Поповски, а актерот Мето Јовановски ја игра главната улога.

- Пред десет дена сметав дека да се учествува на фестивал од калибарот на оној во Монтреал претставува и чест и одговорност. Но, да се победи на истиот, и тоа при првото фестивалско учество на филмот, тоа е веќе признание за сите кои го овозможија неговото создавање. Мето Јовановски уште на почетокот ми даде до знаење дека во сценариото го препознал потенцијалот за таа идеја да биде општо прифатена и препознаена, вели режисерот Поповски.

Продуцентот Гоце Кралевски најави дека по успехот и наградата во Монтреал, „Последните камбани“ продолжува со фестивалско прикажување во официјална конкуренција на фестивалот за краток филм во Драма, Грција.

- Се надевам дека покрај визуелните наративни квалитети и наградата на фестивалот во Монтреал ќе ги отвори вратите за многу нови фестивалски учества и достојна промоција на „Последните камбани“, вели Кралевски.

„Последните камбани“ говори за осаменоста и соочувањето со неа и ја носи приказната за еден старец, кој преку камбаната комуницира со неговиот пријател од соседното село.

Директор на фотографија е Фејми Даут, а актерската екипа, покрај Мето Јовановски, ја сочинуваат и Сања Николовска Најдовска и Виктор Најдовски. Сценографијата е на Никола Анѓелковски, музиката на Дарко Спасовски – Пацки и на Горан Кан, шминката е на Наталија Кајевска, а костимите ги направи Ирена Боневска. Продукцијата на „Последните камбани“ е на „ДНФ филмс“, а филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија.

Следната фаза од случајот за екстрадиција на Џулијан Асанж во САД ќе започне во мај

Следната фаза од судењето на Џулијан Асанж ќе започне во мај, откако американската влада му ги даде гаранциите на Високиот суд во Лондон што ги побара во врска со случајот на основачот на Викиликс во случај тој да биде екстрадиран.

Основачот на Викиликс се гони во САД за наводен заговор за добивање и откривање информации за националната одбрана по објавувањето на илјадници протечени документи поврзани со војните во Авганистан и Ирак.

За време на дводневното рочиште во февруари, адвокатите на Асанж (52) побараа од судијата дозвола да го оспори отфрлањето на поголемиот дел од случајот за да ја спречат неговата екстрадиција. Минатиот месец, двајца судии ги отфрлија повеќето правни аргументи на Асанж, но рекоа дека доколку САД не обезбедат гаранции, тој ќе може да поднесе жалба по три основи.

Тие гаранции се дека Асанж ќе биде заштитен и ќе може да се повика на Првиот амандман на Уставот на САД, кој ја штити слободата на говорот во земјата; дека САД нема да имаат „предрасуди во судењето“ поради неговата националност и дека тој нема да се соочи со смртна казна.

Вчера, двајцата судии потврдија дека САД дале гаранции до судот и посочија дека сослушувањето ќе се одржи на 20 мај и ќе трае околу два часа.

Судот ја донесе пресудата откако сопругата на Асанж, Стела Асанж, во вторникот рече дека САД отворено дале збунувачки термини. - САД не дадоа гаранција за Првиот амандман и дадоа стандардно уверување за смртната казна, рече таа. „Соединетите Држави не се обврзаа да го повлечат претходното тврдење на обвинителството дека на Џулијан му недостигаше првиот амандман бидејќи тој не бил американски државјанин. Наместо тоа, САД се ограничија на отворено заобиколувачки јазик, тврдејќи дека Џулијан може „да се обиде да го покрене прашањето“ од Првиот амандман доколку се екстрадира.

„Дипломатската нота не прави ништо за да ја намали екстремната вознемиреност на нашето семејство за неговата иднина - мрачните изгледи тој да го помине остатокот од својот живот во самица во американски затвор поради објавување наградувано новинарство“, додаде неговата сопруга.

Американското Министерство за правда одби да коментира.

Најмногу дожд во Виница 32 литри на квадрат, најстудено на Попова Шапка минус три степени

Најмногу дожд во изминатото дененоќие наврна во Виница 32 литри на метар квадратен, во Берово 25, Лазарополе 19, Радовиш 16, Штип 15, Охрид 14, а девет литри во Скопје, соопшти УХМР.

Три степени под нулата утрово се измерени на Попова Шапка, пет во Скопје, шест во Берово, Охрид, Битола, Штип и Струмица, а девет во Гевгелија.

Во текот на ноќта преовладуваше облачно време со повремени врнежи од дожд, а на повисоките планини со повремен снег. Наместа дуваше умерен до засилен ветер претежно од северен правец.

Времето денеска ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд, особено во северозападните делови каде ќе има услови за ретки грмежи. На планините врнежите повремено ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а во западните делови засилен западен ветер. Максималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19 степени.

Во Скопје променливо облачно и посвежо со услови за повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Максималната температура ќе достигне до 15 степени.

Петтото издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“ во чест на Мирко Попов

Петтото издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“, годинава ќе се реализира во чест на Мирко Попов, најавуваат организаторите на фестивалот.

На конференција за печат што ќе се одржи денеска во едукативниот културен центар „Лабораториум“ во пресрет на манифестацијата ќе присусуствува тимот на фестивалот Виолета Качакова и Владан Дробицки. На прес - конференцијата ќе бидат и дел од изведувачите: актерот Оливер Митковски, како дел од музичкиот проект „Поетроника“, пијанистката Дуња Иванова и маестро Љупчо Мирковски, под чија диригентска палка ќе настапи Биг Бендот со музика на легендарниот Кире Костов.

Сите фестивалски вечери ќе се реализираат во Филхармонијата и во Лабораториум.

притисни ентер