Не успеа референдумот во Босилово

Не успеа референдумот во Босилово против изградбата на рудници на територијата на општината. Референдумот не го исполни неопходниот законски цензус од над 50 проценти од вкупниот број на граѓани.

Прелиминарните резултати покажаа дека на граѓанското изјаснување излегле само 32,5 отсто од регистрираните гласачи, односно 3.992-ца, што е за околу две илјади помалку од потребниот минимум за референдумот да биде успешен.

На референдумското гласачко ливче поставени беа две прашања – дали сте за „за“ или „против“ отворање на рудникот за бакар и злато – Иловица, и другото, дали сте „за“ или „против“ отворање и ископ на метали или металична руда.

Ова е втор неуспешен референдум, по оној во Валандово пред две недели.


 

Трајковски без коментар за фотографијата со Груевски во Будимпешта

Советникот на ВМРО-ДПМНЕ во општина Гази Баба Александар Трајковски денеска одби да ја коментира фотографијата снимена во Будимпешта на која тој е во придружба на поранешниот премиер Никола Грувески кој избега и доби азил во Унгарија.

Трајковки денеска дојде во Кривичниот суд на рочиште за предметот „Насилство во Центар" во кој е еден од обвинетите, но не сакаше да одговора на новинарски прашања.

Александар Трајковски е вработен во Царинската управа, од каде соопштија дека во времето кога беше објавена фотографијата тој бил на боледување. Од Царината најавија дека е поведена постапка за утвдување дали боледувањето му е оправдано и оти ако се утврдат злоупотреби ќе бидат преземни соодветни мерки.

Фотографијата од Груевски на која е и Трајковски беше снимена и објавена од дописник на „Гардијан" од Будимпешта и е прв фото запис од поранешниот премиер по бегството во Унгарија. /МИА

Албанија: Во туризмот 21,3 отсто поголем број вработени

Од година во година бројот на странските туристи во Албанија е во постојан раст, што условува квалитетен развој на секторот туризам, хотелиерство и зголемување на бројот на вработените.

Државниот Институт за статистика, ИНСТАТ соопшти дека во секторот услуги (хотелиерство,туризам) во третото тримесечие годинава бележи раст за 37 отсто, споредено со истиот перод лани и претставува сектор каде е забележен најголем раст во економијата во овој период.

Ваквите позитивни резултати придонеле и за зголемен број вработени.

Според ИНСТАТ, бројот на вработени пораснал за 21,3 отсто  во однос на третиот квартал од 2017 година, додека индексот на плати се зголемил за 20,9 отсто.

Зголемениот број туристи влијае и на растот на инвестициите и продолжување на тристичката сезона од мај до октомври.

Инаку, официјалната статистика потврдува дека годинава во Албанија влегле околу 5,4 милиони странски туристи, што е за 17,3 отсто повеќе од лани.

Теодоракис: Северните соседи не се опасност за Грција

Ставот дека Река сака решение на спорот со името и уште од почеток е со јасна позиција, го повторува лидерот на партијата, Ставрос Теодоракис во интервју за грчкиот весник „Етнос" и додава дека „Грција не е во опасност од северните соседи".

– Прашувам: ќе имаме повеќе проблеми ако нашите соседи се членки на ЕУ или протекторат на Турците и Русите? Бидејќи, очигледно, ако им го пресечеме патот кон Европа, некаде ќе се вклучат и тие. Значи, за неколку седмици, ние Грците треба да донесеме важна одлука: Ќе кажеме „не" на промената на нивното име од Македонија, како што денес сите ги признаваат, во Северна Македонија? Ќе се судриме со сите наши сојузници кои го поддржуваат договорот? Ги преброивме последиците за грчко-турските односи? За нашата економија?, вели Теодоракис во интервјуто за грчкиот весник, јави дописничката на МИА од Атина.

Во однос на неговиот коментар за изјавата на македонскиот премиер Зоран Заев, лидерот на Река вели „Егејски Македонци постојат, но зборуваат грчки". Додава дека нема да молчат за ставовите од македонска страна и истакнува дека ако има повлекувања од обврските предвидени со Договорот од Преспа, тогаш договор не постои.

-Тоа што сакаме решение не значи дека ќе молчиме пред апсурдите што ги кажуваат – кога ги кажуваат – нашите соседи. Договорот наведува дека јазикот на ПЈРМ припаѓа на групата јужнословенски јазици. Исто така, прифатија дека немаат никаква врска со античката грчка култура и наследството на грчката Македонија. Сето ова мора да се отслика во нивниот Устав. Ако се повлечат од ова, тогаш очигледно нема договор, вели Теодоракис, пренесе МИА. /МИА

притисни ентер