МИОА: Регистарот за вработените во јавниот сектор не ја рефлектира реалната слика

Регистарот на вработени во јавниот сектор не ја дава реалната бројка на административци во земјава, тврди министерот Дамјан Манчевски.
Поради тоа Министерството за информатичко општество и администрација започнува со чешлање на интитуциите. Се прави проверка на бројот на вработени во сите институции поединечно.

„Проверката ни покажа дека се соочуваме со поголем проблем од тоа што го очекувавме. Неактивни систематизации, невнесени договори за вработување, недостаток и неажурирани податоци  за вработените во јавната администрација, итн. Поради овие недостатоци  МИОА до Државната изборна комисија, вчера достави податоци за вработените во јавниот сектор што не се внесени во Регистарот на начин и постапка која е со закон предвидена. Податоците се добиени како резултат на вкрстување на бази на податоци од повеќе различни институции.  Податоците доставени до ДИК се однесуваат на 115.729 вработени во јавниот сектор. Оваа бројка не е официјална и не ја претставува реалната слика“, истакна Манчевски.

Проверката утврдила дека 197 институции воопшто не побарале согласност за систематизација и за нив Министерството нема никакви податоци, додека пак 150 институции иако имале одобрено систематизација - не се активни и никогаш немаат внесено податоци. Спроед Манчевски тоа се должи на непочитување на законот од страна на раководствата.

„Колективна е одговорноста и на многу места е лоцирана. Не можеме да кажеме дека се работи цврсто и единствено за проблем на претходно раководство во Министерството. Ситемот од технички аспект е функционален, но факт е дека јавноста била доведена во заблуда со објавениот број на вработени во јавниот сектор до којшто не е стасано на законски начин. Меѓу овие институции има јавни претпријатија на локално, и на централно ниво. Пример ЈП Водовод-Скопје и други скопски јавни претпријатија, но и Народната банка на Република Македонија“, посочи министерот.

Министерството, не може да ја гарантираат целосна веродостојност на податоците, рече Манчевски,  но смета дека ќе одговораат на потребите на ДИК за спроведување на локалните избори. 

Промоција на Охридско Езеро како безбедна дестинација за авантуристички туризам

 Набавена е специјализирана опрема за спасување на вода и планина во рамки на проектот „Охридско Езеро-безбедна дестинација за авантуристички туризам“ што ќе биде промовиран денеска во Охрид.

Проектот е финансиран од ИПА Програмата на ЕУ за прекугранична соработка, а кофинансиран од  Министерството за локална самоуправа.

На настанот ќе присуствуваат министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски и претставникот на Делегацијата на ЕУ во Република Македонија, Никола Бертолини.

Почна работната акција „Скопје на нашите дланки“

Почна работната акцијата „Скопје на нашите дланки“ по повод 55 години од катастрофалниот земјотрес во главниот град.

Почетокот го означи градоначалникот на Гази Баба Борис Георгиевски, кој е и претседател на одборот на акцијашите. Со негова поддршка се реализира настанот, кој е во организација на здружението на граѓани „Акцијаши - Скопје“.

Од денеска па се до 26 јули, во периодот од 8 до 12 часот, ќе се уредува просторот во студентскиот кампус и факултети во општина Гази Баба. Почетокот е од ова место затоа што акцијашите по земјотресот во 1963 го имаат изградено студентскиот дом „Стив Наумов“ во една од работните акции за обнова на градот Скопје.

Учествуваат голем број акцијаши од Македонија, но и од Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, кои во Скопје пристигнаа со воз.

Целта е акцијашите заеднички да придонесат во расчистувањето на Скопје, а со тоа и младите да продолжат по стапките на возрасните.  Здружението „Акцијаши“ ќе одбележи уште два големи јубилеја на доброволното младинско работно ангажирање - 70 години од работната акција за изградба на браната и хидроцентралата „Вруток“ - „Маврово 48“ и 40 години од изградбата на автопатот „Братство и единство“. 

Заев вечерва во Мостар ќе се обрати на традиционалната манифестација „Mostar Peace Connection“

 Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, вечерва ќе присуствува на традиционалната манифестација во Мостар, „Mostar Peace Connection“.

Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Заев заедно со организаторите од Центарот за мир и мултиетничка соработка, претседавачот со Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ, како и со добитниците на наградата, „Мостарска повелба на мирот“, ќе пушти цвеќе од Стариот мост на Неретва, во знак на мир.

Наградата „Мостарска повелба на мирот“ годинава ја добиваат грчкиот премиер Алексис Ципрас и црногорскиот премиер Душко Марковиќ, додека лани добитник беше премиерот Заев.

По потпишувањето на Мостарската повелба за мир од страна на добитниците на наградите, каде ќе присуствуваат и актуелни и поранешни лауреати, политичари од БиХ, регионот и пошироко ќе се обрати премиерот Зоран Заев.

притисни ентер