Пожарот кај Трескавец повторно е активен

Повторно се активираше пожарот кај манастирот Трескавец и според командирот на прилепската Противпожарна единица Станко Колески, состојбата е сериозна.

- Се возобнови пожарот кај Трескавец и ситуацијата е многу сериозна. Има силен ветер кој го шири огнот. Интервенираше летало од Дирекцијата за заштита и спасување, но поради лошата временска ситуација и ветрот повеќе не може да се интервенира на таков начин. Голем број доброволци од прилепски фирми, нашите екипи се на теренот и тука остануваат за да се справат со огнената стихија. Останува повикот за што поголем број доброволци да се пријават, вели Колески.

Пожарот кај Трескавец е активен од четвртокот иако на неколку пати беше ставан под контрола. Но, сега поради ветрот, ситуацијата станува алармантна, додаваат од Противпожарната единица.

- Во прилепско имаме повеќе активни пожари. Еден е на потегот кај селото Крушевица, потоа околу селото Бонче, а имавме интервенциија и кај поранешната фабрика „Партизанка“. Се локализираше пожар кај селото Зрзе, а сега се возобнови пожарот под манастирот Трескавец. Исто така, имаме пожари околу селата Забрчани и Мраморани. Наши екипи работата постојано на теренот. Според јавувања на граѓани има намерно подметнување пожари, но тоа надлежните треба да го потврдат, вели Јосе Јорданоски од прилепската Противпожарна единица.

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески апелираше итно да се пријават уште доброволци за гаснење на пожарот кај Трескавец.

- Граѓаните на Прилеп овие две-три недели се справуваат со огромна непогода. Мислам дека на терен треба што е можно повеќе да бидат надлежните институции, да преземат мерки овде, кај Трескавец, ветерот е силен, огнот брзо се шири, вели Ристески.

Попладнето, манастирскиот комплекс го посетија архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан и владиката Климент. Владиците беа информирани за состојбата со пожарите, а направија увид и на градежните активности за обнова на опожарените конаци на манастирот./МИА

САД почнаа преговори за повлекување на 1.000 американски војници од Нигер

Американските власти почнаа преговори со властите на Нигер за повлекување на американските војници од оваа западноафриканска земја, соопшти синоќа Пентагон.

Војниците досега беа во оваа земја за борба против џихадистичките екстремисти во регионот Сахел, на кој му припаѓа Нигер.

Владата на Нигер, која се појави по минатогодишниот државен удар, одлучи минатиот месец да го раскине договорот за воена соработка со САД, соопштувајќи дека присуството на американски војници во Нигер сега е „нелегално“.

Минатата недела Вашингтон конечно се согласи да повлече повеќе од 1.000 војници од земјата и објави дека испраќа делегација во Ниамеј за да се договорат за деталите за повлекувањето.

-Можеме да го потврдиме почетокот на разговорите меѓу САД и Нигер за уредно повлекување на американските сили, рече портпаролот на Пентагон, Пет Рајдер.

„Мала делегација од Пентагон и американската команда во Африка“ учествува во разговорите, а САД „ќе продолжат да ги истражуваат можните опции за да се осигураат дека секогаш сме способни да се справиме со потенцијалните терористички закани“, додаде Рајдер.

Шефот на дипломатијата на Нигер, Бакари Јау Сангаре, изјави дека денеска имал „разговори“ со американската амбасадорка во Ниамеј, Кетлин Фицгибон, за „прашањето за заминувањето на воените трупи од Нигер“.

Разговорот се одвивал во присуство на Марија Барон, директорка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) во Ниамеј, која изрази уверување дека агенцијата „ќе ја продолжи билатералната соработка“ со Нигер, се наведува во соопштението.

Во Нигер, САД имаат голема база за беспилотни летала во близина на Агадез. Неговата изградба чинела околу 100 милиони долари.

По државниот удар со кој беше соборен избраниот претседател Мохамед Базум, новиот воен режим брзо побара повлекување на трупите од Франција.

Воената хунта политички се зближи со Русија, како и Мали и Буркина Фасо, земји со кои исто така владеат воени хунти. /MИА

Од масовни гробници во болницата Насер за три дена ексхумирани над 200 тела

Портпаролот на Цивилната заштита на Појасот Газа Махмуд Басал изјави дека во последните три дена биле ексхумирани над 200 тела на луѓе убиени и закопани од израелските сили во масовни гробници во болницата Насер во Газа.

- Нашите тимови продолжуваат да пронаоѓаат тела во медицинскиот комплекс Насер и од саботата се ексхумирани телата на околу 200 маченици, рече Басал.

Некои светски агенции нагласуваат дека не можеле да добијат коментар од израелската војска во врска со ова тврдење.

Мохамед ал-Мугаџер, шеф на цивилната одбрана на Појасот Газа, за некои агенции изјавил дека во гробниците на болницата Насер биле откриени вкупно 283 тела.

- Досега најдовме закопани тела на 283 луѓе кои ладнокрвно биле убиени од израелската окупаторска армија, изјави Исмаил ал Тавабтех, шеф на одделот за комуникации на владата на Хамас, која е на власт во Газа.

Болниците во Појасот Газа беа директна цел на воената операција што ја спроведува израелската армија на палестинска територија по смртоносниот терористички напад што припадниците на Хамас го извршија од Газа на 7 октомври во Израел. /МИА

“Вјасна“: Стотина поли­­­­тички затвореници во Белорусија се во многу лоша здравствена состојба

Белорусија започна брутална репресија врз опозицијата по масовните протести низ целата земја во втората половина на 2020 година.

Стотина политички затвореници во Белорусија, приведени во текот на жестоката конфронтација меѓу властите и опозицијата во изминатите години, имаат многу сериозни здравствени проблеми и можеби се на работ на смртта, соопшти „Вјасна“, белоруската организација за човекови права.

„Вјасна“, чиј основач е нобеловецот Алес Бијалијацки, кој, исто така, се наоѓа зад решетки, идентификуваше 93 затвореници чија здравствена состојба е особено загрижувачка, поради проблеми со рак, срце, болести и други состојби - запоставени или лошо третирани во затворски услови.

-Во заробеништво секоја болест напредува побрзо, во комбинација со недостаток на квалитетна здравствена заштита, изјави претставникот на „Вјасна“, Павел Сапелка и додаде: „На ова влијаат затворските услови: недостаток на свеж воздух, неухранетост, постојан психолошки притисок и стрес“.

Белорусија започна брутална репресија врз опозицијата по масовните протести низ целата земја во втората половина на 2020 година, кога беше оспорена шестата последователна изборна победа на авторитарниот претседател Александар Лукашенко.

Активистите за човекови права веруваат дека околу 35.000 луѓе биле приведени за време на задушувањето на тие демонстрации, од кои многумина биле претепани од полицијата.

Сите значајни опозиционери се или во затвор или во егзил.

„Вјасна“ проценува дека зад решетки во Белорусија има повеќе од 1.400 политички затвореници. /МИА

притисни ентер