Собранието ја заврши денешната расправа за Зврлевски, седницата ќе продолжи утре

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во попладневниот дел од денешното продолжение на шестата собраниска седница укажуваа дека со точката за разрешување на Зврлевски СДСМ троши време за тема која епилог законски може да има во ноември, наместо да дебатираат за актуелни проблеми како што се пожарите, депонијата во Струга или за законот за јазици.

Лилјана Затуровска рече дека Зврлевски може да биде разрешен во ноември затоа што во член 8а во Изборниот законик е утврдено дека од распишување до одржување на изборите нема можност за назначување нов обвинител. Според неа, целта на СДСМ е да го направи правосудниот систем, како што рече, своја партиска испостава.
Опозициските пратеници обвинија дека во 70 дена на власт реформите што ги практикува Владата се партиски вработувања, задолжувања, скратувања на ставки во буџетот и спроведување антидржавна политика.
- Едно говореа, а сега друго е во практика. На мала врата закон за јазици, а не сакаат да дискутираат за него, исто како и со стратегијата за бегалци на комисија, каде исто така не сакаат да дебатираат, рече Затуровска.
Емил Димитриев рече дека очекувал постапката за смена на државниот обвинител да биде преку суштинска и квалитетна дебата во Собранието за тоа каков треба да биде јавниот обвинител на Република Македонија.
- Се оди на брза промена на првиот човек на ЈОРМ. Треба подлабоко да се анализира состојбата во оваа институција и ако се носат решенија, тие да бидат долгорочни за да не се дискутира за исти работи кога во иднина ќе се избира друг државен обвинител, без разлика кој ќе го има парламентарното мнозинство, рече Димитриев.
Владанка Авировиќ рече дека 30 години Зврлевски вршел истакнати функции и, рече, нема ниту една дамка во својата професија. - Реформа не е сменување еден човек со друг, туку усогласување на работата на ЈОРМ и негово доекипирање со кадар, рече Авировиќ.
Според Крсто Мукоски, промената на Зврлевски е, како што рече, личен каприц на првиот човек на Владата. - Но битни се други прашања кои сакаат да ги затскријат со оваа дебата - договорот со Бугарија, стратегијата за бегалци и мигранти, законот за јазици и тоа што државата енормно се задолжува и е во исклучително тешка економска криза. За 70 дена Македонија е на колена, рече Мукоски.
Според Илија Димовски, седницата за Зврлевски е ПР-стратегија на СДСМ да се зборува за други работи а не за суштински и, како што рече, за СДСМ да ги покрие своите големи крахови, како што е националната стратегија за мигранти и законот за јазици.
Томислав Тунтев од СДСМ нагласи дека членот од Изборниот законик на кој се повикуваат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не се однесува на Зврлевски зашто на седницата не се разговара за престанок на работен однос или за вработување, туку за престанок на мандат на функцијата државен јавен обвинител.
- Тој си останува на работното место како јавен обвинител. Ја замајувате јавноста и манипулирате со денови. Овој член 8а не може да се примени на овој случај за кој дебатираме. Чинот на разрешување на Марко Зврлевски е сосема во склад и со законот, и со Уставот. Проблемот е во тоа што во секоја реплика и контрареплика кои пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сами на себе си ги даваат е што збор не кажуваат за Зврлевски. Зборуваат за законот за јазици, за договорот со Бугарија, за стратегијата за бегалци која е во нацрт-фаза и за која ќе се води расправа, манипулирајќи ја јавноста дека се тоа готови работи и против Уставот. Ништо во тие документи не е спротивно ниту на Уставот, ниту на кој било закон, рече Тунтев, апелирајќи до пратениците да се согласат да се разреши Марко Зврлевски и да почне постапка за избор на нов државен јавен обвинител.
На реакциите на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека не се дискутира за други теми во Собранието и на нивното барање во недела да не работат, претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека токму тие со бројните реплики на нивните говорници ја поставиле динамиката на работа. - Како да дојдеме до следни точки од дневниот ред додека не ја исцрпиме оваа седница. Нема поинаков начин како да ја водам седницата, рече Џафери, кој 10-тото продолжение на оваа седница, го закажа за утре во 11 часот.

Герапетритис: Грција нема да го поддржи барањето на Косово за членство во Советот на Европа

Паралелно посочи дека „Грција во надворешната политика останува принципиелна“ .

Грција ќе апстинира од гласањето, односно нема да го поддржи барањето на Косово за членство во Советот на Европа од политички причини, истакна шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис во интервјуто за општинското радио од Пиреас „Канал 1“, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за надворешни работи на Грција во однос на процесот за членство на Косово во Советот на Европа објасни дена постојат три нивоа од кои првите две се необврзувачки, односно мислењето на надлежната комисија на Парламентарното собрание и гласањето на пратениците од ПС, кои излегоа со позитивен став.

-Но, овие две мислења се необврзувачки. Клучен орган, орган што носи одлуки за членство на Косово во СЕ е Советот на министри што ќе одржи состанок на 16 мај и ќе одлучи суверено. Независно од позициите што беа изразени, како на ниво на извештајот на Комисијата, така и на Парламентарното собрание во кое членуваат пратеници и не станува збор за влади на земјите-членки, позицијата на Грција останува цврста и непроменета. Како што сторивме и во минатото во слични случаи, Грција ќе апстинира од ова гласање, односно нема да го поддржи барањето за членство на Косово во Советот на Европа од политички причини, истакна Герапетритис.

Објасни дека иако еден од условите беше исполнет, сепак „не се исполнети некои од основните барање, како што е формирањето на Заедницата на српските општини во Косово и според тоа не е сменета суштинската политика на Грција“.

Паралелно посочи дека „Грција во надворешната политика останува принципиелна“ и истакна дека го охрабруваат дијалогот Приштина – Белград, сакаат мирно решавање на разликите, но сè зависи од волјата на инволвираните страни.

Во вторникот, Парламентарното собрание на Советот на Европа, со 131 глас „за“ го усвои извештајот на известувачката на СЕ за Косово, Дора Бакојани за членство на Косово во организацијата, а конечната одлука за членство ќе биде донесена следниот месец по гласањето на министрите за надворешни работи на Советот. /МИА

Кривична пријава за директор на ЈП „Стрежево" Битола за злоупотреба на службена положба

Кривична пријава за директор на ЈП „Стрежево" Битола за злоупотреба на службена положба и злоупотреба на постапка за јавен повик .

- Одделот за криминалистичка полиција по добиена наредба од ОЈО Битола, презел предистражни дејствија и по обезбедена документација и извршен увид во истата, до ОЈО Битола, во координација со СВР Битола, поднел кривична пријава против М.Г. од Битола, директор на ЈП „Стрежево" Битола, соопштија денеска од МВР.

Кривичната пријава е за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување” по чл.353 од КЗ и „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство” од чл.275-в од КЗ во врска со чл. 22 и против Љ.М.П. од Битола, управител на правно лице од Битола.

- Имено, М.Г. знаејќи дека правното лице во текот на 2018 имало набавено тапкач за снег - ратрак, спровел постапка за јавна набавка на ратрак за потребите на ЈП „Стрежево" Битола со точно одредени технички карактеристики на потребниот ратрак како тој што го поседувало правното лице од Битола и истиот да не е постар од 1995 година, на кој оглас како најповолен економски оператор понудувач било избрано предметното правно лице од Битола, додека Љ.М.П. на конкретниот оглас доставила понуда со невистинити податоци дека ратракот кој го нуди е произведен во 1995 година, иако знаела и била свесна дека ратракот кој го поседувала е произведен 1993 година, по што бил склучен договор со наведеното правно лице на износ од 1.875.967 денари без ДДВ иако ратракот бил купен од странство за 414.492 денари, односно истиот бил набавен од ЈП "Стрежево" Битола за 4,5 пати повисока цена од набавната и за износот од 1.875.967 денари М.Г. го оштетил јавното претпријатие, а Љ.М.П. се стекнала со противправна имотна корист, појаснуваат од МВР во соопштението.

Бојмацалиев: Од земја што бараше помош од други, сега нудиме помош за справување со миграција

Од земја што бараше помош од други држави, сега нудиме помош за справување со миграција, истакна денеска дополнителниот заменик - министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев во Кавадарци.

Тој со дел од раководството на МВР оствари работна посета на Регионалниот Центар за гранични работи Југ во Кавадарци, по повод одбележување на една година од почетокот на мисијата на ФРОНТЕКС во Република Македонија, заедно работење на македонската полиција, со полицијата ја Европската Унија, ФРОНТЕКС.

- Ова е значаен договор што беше постигнат, со цел да ги одбраниме и нашите граници и границите на Европската Унија, од приливот на мигранти. Тоа успешно го правиме. Овој договор има една голема историска важност. Бидејќи Министерството за внатрешни работи со тогашниот министер Оливер Спасовски ја имаше честа да го потпише првиот договор со ЕУ на македонски јазик. Со тоа ги урнавме сите лажни вести дека јазикот е продаден, јазикот не е заштитен, рече Бојмацалиев.

Со тоа, подвлече, уште еднаш се покажува дека македонската полиција е рамо до рамо со европските полиции.

- Заедно работиме и од пред некое време, веќе имаме барање и од други полиции, со цел да вршиме обуки на нивните полицајци, како се справуваме со миграцијата, додаде Бојмацалиев.

притисни ентер