Јапонија распоредува против ракетни системи на западниот дел од земјата

Откако Северна Кореја се закани дека ќе лансира балистички ракети, кои ќе поминат над Јапонија и ќе летаат во правец на пацифичкиот остров Гуам, Јапонија почна со распоредување на свои системи за против ракетна заштита „Патриот“ пренесуваат светските агенции.
Јапонското Министерство за одбрана почна да распоредува антиракетен систем ПАЦ-3 во Шиманео, Хирошима и Кочио во западниот дел на земјата, кој би можел да се најде, како што предупреди Пјонгјанг, на патот на прелетување на севернокорејската ракета. Антиракетен систем, според јапонски медиуми, ќе биде распореден и во соседната област Ехима.

Во меѓувреме јапонскиот премиер Шинѕо Абе изјави дека ќе стори се што е во негова моќ за да го заштити јапонскиот народ и неговата безбедност и имот.
Регионалните тензии се зголемуваат додека Вашингтон и Пјонгјанг ја зајакнуваат воената реторика, а претседателот Доналд Трамп предупреди дека Северна Кореја „вистински ќе зажали“ доколку изврши каква било непријателска акција против САД.

Голем пожар во депонијата „Мегленци“

Голем пожар од вчера гори на депонијата „Мегленци“ во Новаци. Од општина Битола информираат дека пожарот од утрово е ставен под контрола и дека на терен се сите надлежни институции.

„По пријавата на вработените дека во депонијата ‘Мегленци’ има пожар, екипи на ЈП ‘Комуналец’ веднаш реагирале на терен за да се спречи натамошното ширење и да се локализира пожарот. За таа цел веднаш биле известени сите надлежни институции, а биле повикани на помош и екипи од РЕК ‘Битола’ и општина новаци, на чија територија се наоѓа депонијата“, велат од општината.

Поради топлото време, пожарот зафатил големи површини и се проширил во вечерните часови, но тој веќе е ставен под контрола. Случајот е пријавен и во СВР Битола, но засега не се знае кои се причините за опожарувањето на депонијата.

„Жаба“ на Јукиќ најдобар филм, „Златна арена“ и за режија

 На годинашниот 65. Филмски фестивал во Пула, Хрватска, „Жаба“ во режија на Елмир Јукиќ освои „Златна арена“ за најдобар филм и „Златна арена“ за режија.

Филмот  ја доби и главната награда од Федерацијата на филмсклите критичари на Европа и Медитеранот - ФЕДОРА.

Фестивалот на „Жаба“ и го додели и признанието за Најдобра малцинска копродукција.

„Жаба“ зборува за посттрауматските состојби и безнадежноста, за силата потребна за да се надминат пречките кои животот ги поставува и за постигнување среќа во секојдневниот живот со помош на малите нешта.

Сценариото го напишаа Пјер Жалица и Елмир Јукуќ, а базира на истоимената театарска претстава по текст на Дубравко Михановиќ.  Кинематографер на филмот е Дејан Димески, а снимател на звук  е Игор Поповски. Улогите ги толкуваат: Емир Хаџихафизбеговиќ, Александар Сексан, Мирсад Тука, Моамер Касумовиќ.

„Жаба“ е копродукција на Рефреш Продукција од БиХ, Скопје Филм Студио, Пропелер Филм Хрватска и Ливинг Пикчрс Србија. Филмот беше поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, националните фондови на земјите копродуценти и од фондот на Советот на Европа за поддршка на европски филмски копродукции ЕУРИМАЖ.

Претставата е регионален хит и во текот на изминатите десетина години е одиграна над 260 пати. 

Силно невреме во дебарскиот регион

Силно невреме проследено со ветер, обилен дожд, град и електрични празнења го зафати дебарско-реканскиот крај и подрачјето на Жупа.

Градот причини штети на земјоделските производи. Тоа е дополнителна штета од последиците на претходните временски неприлики. Улиците се преполнија со вода, а во одделни места вода навлезе и во подрумските простории.

Од Подрачната единица на Министертвото за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека штетите дополнително ќе се проценуваат.

Обилните дождови засега предизвикаа само помали одрони на камен и земја на патните правци кон Струга и кон Маврово. Екипи на дебарската секција на „Македонија пат“ се на терен во расчистување на истите.

Од секцијата препорачуваат внимателно возење посебно на делницата Дебар-Трница, што е дел од патниот правец Дебар-Маврово и почитување на сообраќајните прописи и патната сигнализација. 

притисни ентер