Концерт на Бенџамин пијано триото вечер на „Охридско лето“

Музичката програма на „Охридско лето“ продолжува со вечерашниот концерт на Бенџамин пијано триото во катедралната црква „Света Софија“.
Триото го сочинуваат Емир Имеров на виолина, Ваг Папијан на пијано и Александар Кагановски на виолончело.

Концертот ќе почне во 20:30 часот, а на програмата се клавирското трио во Ц-мол на Николај Римски Корсаков и клавирското трио опус 50 на Петар Илич Чајковски.

Виолинистот Емир Имеров е роден во Скопје. Тој освојува прва награда на натпреварот за виолинисти кога имал само 12 години. Во 1991 година се сели во Германија каде ги продолжува студиите по виолина и дипломира на Академијата во Вурцбург во класата на Г. Жислин. За време на студиите победува на натпреварот „Феликс Менделсон“ и како награда добива двегодишна стипендија на Баварската висока школа за музика. Како член на квартетот „Виртуозо“ од Санкт Петербург, Имеров активно концертира  во САД, Австралија, Русија, Швајцарија и во Германија.

Во 1998 година со триото кое го основа Имеров победува на натпреварот за камерна музика во Тулуз и истата година тој освојува втора награда на натпреварот за млади виолинисти во Ташкент. Се усовршува во класата Д. Геде – концерт-мајстор на Виенската филхармонија и посетува мајсторски курсеви кај Захар Брон и Виктор Третјаков. Од 2004 година Емир Имеров е концерт-мајстор на Симфонскиот оркестар на Минхенглајдбах-Крефелд и предава на тамошната музичка академија. Тој е член на ансамблот „Европски солисти“ од Луксембург и постојан гостин-педагог на мајсторски курсеви во Грција, Полска, Германија, Белгија и Хрватска.

Пијанистичката кариера на Ваг Папијан започнува во 1979 година со неговата победа на престижниот натпревар „Виана да Мота“ во Лисабон, по што е поканет да настапува во сите значајни концертни сали во поранешниот Советски Сојуз вклучувајќи рецитали во Санкт Петербург и Москва. Дипломира на Московскиот конзерваториум во класта на М. Воскресенски, а диригирање студира со познатиот Иља Мусин.

Во 1984 година на покана на Валериј Гергиев, Папијан станува постојан диригент на Ерменската филхармонија, а три години подоцна станува уметнички директор и шеф-диригент на овој оркестар со кој остварува повеќе од 200 концерти. Покрај тоа, тој постојано настапува како пијанист гостувајќи во Базел, Барселона, Женева, Торонто, Отава, Њујорк, како и на турнеи во Јужна Америка и Азија.  Диригира со Англискиот камерен оркестар, со Израелскиот камерен оркестар, со Новата јапонска филхармонија, симфониските оркестри во Ерусалим, Москва, Белград, Трондхајм, а на фестивалот „Енеску“ во Романија го предводи познатиот хор на „Виенските момчиња“.

Во 2005 година дебитира со Израелската филхармонија. Како дуо партнер на Максим Венгеров снима за ЕМИ класикс и со него настапува на сите континенти. Тој е постојан гостин-диригент на Националната опера на Ерменија и е професор на Академијата за музика „Самуел Рубин“ во Тел Авив.

Виолончелистот Александар Кагановски е роден во Киев, а започнал со часови по музика на петгодишна возраст. Само по неколку години веќе настапувал како солист, а на 16 години победил на националниот натпревар за музика. Студиите ги продолжил на Академијата „Самуел Рубин“ во Тел Авив во класата на проф. Узи Визел и победил на неколку натпревари во Израел.

Од 1985 година е постојан член на Израелскиот гудачки квартет. Александар Кагановски настапувал на реномирани фестивали во Австрија, Италија, Швајцарија, Норвешка, Русија, Франција, Тунис, Германија и Луксембург, а со оркестри, покрај во овие земји настапувал и во Белгија, Португалија, Шпанија, САД, Јапонија, Унгарија, Србија, Хрватска и др. Тој настапувал и со многу респектирани диригенти меѓу кои Баршаи, Борејко, Јусупов, Китаенко и др. Одржува мајсторски курсеви во Германија и во Словачка, Франција, Луксембург, Израел итн. /МИА

Голем пожар во депонијата „Мегленци“

Голем пожар од вчера гори на депонијата „Мегленци“ во Новаци. Од општина Битола информираат дека пожарот од утрово е ставен под контрола и дека на терен се сите надлежни институции.

„По пријавата на вработените дека во депонијата ‘Мегленци’ има пожар, екипи на ЈП ‘Комуналец’ веднаш реагирале на терен за да се спречи натамошното ширење и да се локализира пожарот. За таа цел веднаш биле известени сите надлежни институции, а биле повикани на помош и екипи од РЕК ‘Битола’ и општина новаци, на чија територија се наоѓа депонијата“, велат од општината.

Поради топлото време, пожарот зафатил големи површини и се проширил во вечерните часови, но тој веќе е ставен под контрола. Случајот е пријавен и во СВР Битола, но засега не се знае кои се причините за опожарувањето на депонијата.

„Жаба“ на Јукиќ најдобар филм, „Златна арена“ и за режија

 На годинашниот 65. Филмски фестивал во Пула, Хрватска, „Жаба“ во режија на Елмир Јукиќ освои „Златна арена“ за најдобар филм и „Златна арена“ за режија.

Филмот  ја доби и главната награда од Федерацијата на филмсклите критичари на Европа и Медитеранот - ФЕДОРА.

Фестивалот на „Жаба“ и го додели и признанието за Најдобра малцинска копродукција.

„Жаба“ зборува за посттрауматските состојби и безнадежноста, за силата потребна за да се надминат пречките кои животот ги поставува и за постигнување среќа во секојдневниот живот со помош на малите нешта.

Сценариото го напишаа Пјер Жалица и Елмир Јукуќ, а базира на истоимената театарска претстава по текст на Дубравко Михановиќ.  Кинематографер на филмот е Дејан Димески, а снимател на звук  е Игор Поповски. Улогите ги толкуваат: Емир Хаџихафизбеговиќ, Александар Сексан, Мирсад Тука, Моамер Касумовиќ.

„Жаба“ е копродукција на Рефреш Продукција од БиХ, Скопје Филм Студио, Пропелер Филм Хрватска и Ливинг Пикчрс Србија. Филмот беше поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, националните фондови на земјите копродуценти и од фондот на Советот на Европа за поддршка на европски филмски копродукции ЕУРИМАЖ.

Претставата е регионален хит и во текот на изминатите десетина години е одиграна над 260 пати. 

Силно невреме во дебарскиот регион

Силно невреме проследено со ветер, обилен дожд, град и електрични празнења го зафати дебарско-реканскиот крај и подрачјето на Жупа.

Градот причини штети на земјоделските производи. Тоа е дополнителна штета од последиците на претходните временски неприлики. Улиците се преполнија со вода, а во одделни места вода навлезе и во подрумските простории.

Од Подрачната единица на Министертвото за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека штетите дополнително ќе се проценуваат.

Обилните дождови засега предизвикаа само помали одрони на камен и земја на патните правци кон Струга и кон Маврово. Екипи на дебарската секција на „Македонија пат“ се на терен во расчистување на истите.

Од секцијата препорачуваат внимателно возење посебно на делницата Дебар-Трница, што е дел од патниот правец Дебар-Маврово и почитување на сообраќајните прописи и патната сигнализација. 

притисни ентер