Рускиот манастирски хор „Оптина Пустин“ на „Охридско лето“

Дваесет и осмиот ден од годинешното 57. Издание на „Охридско лето“ нуди две интересни содржини - концертот на машкиот манастирски хор „Оптина Пустин“ од Санкт Петербург и мултимедијалниот проект на охридскиот уметник Драган Спасески.

Во рамки на концертот на „Оптина Пустин“ под диригентска управа на Александар Семенов како солисти ќе настапат Александар Горбатенко - контратенор, тенорите Александар Детинкин и Евгениј Михеев, баритонот Дмитриj Писарев и Владимир Милер - бас профундо, како и гостите Иван Томашев - бас баритон од Србија, неговата сонароднича Сања Керкез од Србија – сопран, како и нашата сопранистка Милена Арсовска.

Машкиот хор „Оптина Пустина“ е основан во 1996 година во рамки на монаштвото на областа Оптина Пустин во Санкт Петербург. Уште од првите денови на основањето хорот постојано го надградува својот репертоар што се состои од стари и нови екслезиастички пеења. Како резултат на нивната работа откриени се и изведени бројни манускрипти кои постоеле во различни академски библиотеки во Русија и во светот, а нивните концерти вклучуваат пеења не само од руската традиција, туку и од ортодоксните традиции на Грција, Бугарија, Србија и Грузија, како и модерни аранжмани на стари пеенија и религиозни композиции на руски композитори.

Основачот на хорот и негов уметнички раководител Александар Семенов дипломирал хорско диригирање на Конзерваториумот во Санкт Петербург, се усовршил во областа на оркестарското диригирање, а ја проучувал и старо-руската музичка нотација.

Хорот е составен од професионални музичари, дипломци на Конзерваториумот во Санкт Петербург, меѓу нив е и познатиот бас Владимир Милер (солист на театрот „Марински“, национален уметник на Русија), како и наградуваните солисти Александер Горбатенко (контра-тенор), Дмитри Шишкин (бас), Дмитри Писарев (баритон), Борис Петров (баритон), Евгениј Микхеев (тенор), Андреј Иванушкин (тенор), Виктор Капров (бас), Сергеј Григориев (бас).

Во дведецениското уметничко делување хорот остварил настапи во повеќе од 30 градови во Русија, а има реализирано турнеи во Белгија, Унгарија, Германија, Холандија, Шпанија, Италија, Кина, Колумбија, Норвешка, Србија, Црна Гора, Финска, Франција, Шведска, Естонија и Украина.

Нивни концерти се одржани во Катедралната црква на Кремљ во Москва, Катедралата „Св. Софија“ во Нижни Новгород и Киев, во бројни катедрални цркви во западна Европа, како и во повеќе концертни сали.

Во 2006 издавачката куќа „Ворнермјузик“ го издава ЦД-то снимено со италијанскиот ансамбл „Солистивенети“ и Клаудио Шимоне, а во досегашната дискографија на хорот се впишани и 14 други албуми.

На програмата на концерот закажан за 20:30 часот во „Света Софија“ се избрани духовни композиции, грегоријасни распеви, старобугарски распеви, манастирски песни, херувимски песни, духовни песни на Борњански, Чесноков, Рахмањинов, Трубачев, Свиридов, Садовски и на Шуберт.

Веднаш по завршувањето на концертот на истата сцена некаде од 22 часот ќе биде претставен и мултимедијалниот проект „Човек е трепет и ангелот трепет е, а ти Боже мој...“ на Драган Спасески Охридски.

Спасески досега ги има реализирано проектите „Апокалиптичен Нарцис“ (1989 год.), „Сè трепери“ (1996 год.), „Блиску до Сонцето и љубовта мракот помалку боли“ (1999 год.), „Вибрација креација совршена релација“ (2001 год.), „Охридски ангели“ (2003 год.), „Погледни во себе“ (2004 год.), „Трите точки“ (2008 год.), „Охридски бисери на мудроста“ (2010 год.), „Битолска трилогија“ (2011 год.).

Новиот мултимедијален проект е насловен во форма на хиаку песна, а го претставува доживувањето на уметноста како дел од бесконечноста и вечноста продолжувајќи ја љубовта кон човечкото...ангелското и Божјото./МИА

Ајакс сака да го покани Чави за главен тренер

Раководството на Ајакс го смета тренерот на Барселона Чави како главен кандидат за тренерското место на тимот од Амстердам, објави „Sport.es“.

Холандскиот фудбалски гигант смета дека 44-годишниот шпански стручњак е способен да го врати клубот на претходното ниво и е подготвен да потпише договор со него до 2026 година.

Во јануари Чави најави дека ќе ја напушти Барселона на крајот на сезоната.

По јавно објавената одлука на Чави за заминување од Барса, тимот загуби само еден натпревар - во четвртфиналето на Лигата на шампионите против ПСЖ (1:4).

Чави за шеф на стручниот штаб на каталонскиот тим беше назначен во ноември 2021 година. /МИА

Награда во Калифорнија за најдобар долгометражен филм за „Бизнисот на задоволството“

„Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на „Риверсајд Филм фестивал“ во Калифорнија, САД.

Фестивалот што се одржа од 10 до 14 април, во своето 22-годишно постоење се залага за промоција на храбри филмови кои обработуваат општествени предизвици, но и говорат за смелоста на човековиот дух.

Цветановски го радува тоа што филмот по вторпат e наградeн во САД, откако минатиот месец беше прогласен за највпечатлив филм на 30. издание на „Седона интернешнал филм фестивал“ во Аризона.

- Калифорнија е центар на американската филмска индустрија, и секако дека како автор сум горд што добивме награда овде, и тоа во конкуренција со американски филмови со многу поголеми буџети. Едвај чекам да завршиме со оваа светска фестивалска турнеја и во септември да го презентираме пред нашата публика. Очекувам филмот да отвори теми за дискусија на повеќе нивоа, но пред се‘ сакам да го продолжиме трендот од последниве години, во кој на домашните гледачи им се враќа довербата и желбата да гледаат македонски филмови, вели Цветановски.

„Бизнисот на задоволството“ досега доби осум награди на филмските фестивали низ светот, од кои пет се за најдобар долгометражен филм.

Филмот ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.

Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.

Филмот е снимен со поддршка на Агенцијата за филм. /МИА

Николоски на средби во ММФ

Здравите економски политики поттикнуваат забрзување на економскиот раст.

Македонија продолжува да води здрави економски политики. Фискалната политика даде соодветен одговор во справување со кризата, а поставената цел за фискална консолидација во наредниот период преку заштеди и поголема поддршка на економијата со инвестиции е основа за забрзување на економскиот раст на среден рок. Владата останува посветена на реформите коишто се клучни за напредок и постигнување повисоки стапки на економски раст и забрзана интеграција во ЕУ. Напредокот во евроинтегративниот процес и реализацијата на новиот европски План за раст на Западен Балкан се исто така дополнителен придонес во остварување на поставените политики. Ова беше посочено на средбите на заменик-министерот за финансии Филип Николоски во Вашингтон со заменик на генералниот директор на ММФ Бо Ли, извршниот директор на ММФ Пол Хилберс, алтернативниот извршен директор Лук Дресе, како и директорот на ММФ за Европа Алфред Камер.

„РС Македонија во изминатите две години доби значајна поддршка од Меѓународниот монетарен фонд, која воедно беше и потврда за здравоста на економските политики што ги спроведува. Преку пристапот до Програмата за ликвидност и претпазливост, ги потврдивме здравите политики, а од страна на ММФ беше позитивно оценет првиот преглед за ПЛЛ што овозможи повлекување на втората транша финансиски средства од овој инструмент. Остануваме на патеката на постепена фискална консолидација, намалување на буџетскиот дефицит, зголемени средства за јавни инвестиции и поттикнување на економскиот раст и постигнување просечни стапки на раст од 5%“, рече заменик-министерот Николоски.

Тој додаде дека оваа година се очекува интензивирање на економската активност, која ќе биде поттикната од зголеменото учество на капитални расходи во Буџетот, силните инвестиции во инфраструктурни проекти, како и приватната потрошувачка, поддржана од растот на платите.

Дополнително влијание, како што додаде, покрај домашните фактори ќе има и очекувањата за нормализација на глобалното опкружување, стабилизирање на глобалните синџири на снабдување, растот на економската активност кај нашите главни трговски партнери и слично.

„Најголем придонес кон раст во 2024 година се очекува од бруто-инвестициите со планиран раст од 8,4%, главно поттикнати од интензивирањето на реализацијата на големите инфраструктурни проекти на коридорите 8 и 10, зголемена доверба кај инвеститорите, очекуваниот прилив на странски директни инвестиции, зголемениот интерес за инвестиции во обновливи извори на енергија, зголемената активност во индустриските зони и најавените нови инвестиции кои ќе придонесат за раст на извозот за 4,6%, како и приватната потрошувачка која се очекува да има реален раст од 3,1% и надворешната побарувачка темелна на подобрување на надворешното опкружување, односно раст во еврозоната и зголемување на економската активност во Германија“, истакна заменик-министерот за финансии, кој посочи и на очекувањата од реализацијата на европскиот План за раст на Западен Балкан и активностите коишто се одвиваат со забрзана динамика во овој процес и секако стабилизирање на инфлацијата.

Ваквото поповолно опкружување ќе даде основа за преориентација на владините политики од справување со криза кон остварување засилена економска активност, смета заменик-министерот, кој наведе дека поради се уште присутните ризици и предизвици, во Буџетот и во оваа година се обезбедени средства за надминување на одредени кризни состојби.

Средбите се одржаа во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон, каде заменик-министерот за финансии Филип Николоски учествува заедно со гувернерката на Народната банка на Македонија Анита Ангеловска-Бежоска. Во Вашнгтон, тие ќе остварат средби и со високи претставници на Светска банка, односно со потпретседателката на Светска банка Антонела Басани, извршниот директор на Светска банка Јуџин Ругенат, директорката на Светска банка за Западен Балкан Шиаочин Ју.

Министерство за финансии

притисни ентер