Соло концерт на ерменскиот пијанист Рубен Далибалтајан на „Охридско лето“

Вљубениците во класичната музика вечерва во рамки на „Охридско лето“ ќе можат да уживаат во несекојдневниот настап на ерменскиот пијанист Рубен Далибалтајан во катедралната црква „Света Софија“.
Рубен Далибалтајан е роден во Ереван, каде го завршува основното музичко образование во класата на Анахит Шахбазјана, а потоа се сели во Москва каде продолжува да се едуцира во престижната академија за музика „Гнесин“ под менторство на проф. Артур Бернгхардт. Магистрира на Државниот конзерваториум во Москва во класата на Валериј Кастелски, а врз неговиот професионален и уметнички развој силно влијаат исклучителните уметници Борис Берлин, Лазар Берман и Алексис Вајсенберг. 

Далибалтајан е победник на десет меѓународни натпревари во Ерменија, Кина, Хрватска и Италија. Уште како млад се позиционира на светската музичка сцена, а критиката го оценува како „суптилен пијанист чии изведби секогаш носат нешто ново и интересно“. Настапите го водат Далибалтајан во повеќе земји во Европа, Азија и Америка како рецитален уметник, солист со оркестар или како член на камерни ансамбли - дуо со неговата сопруга Јулија Губајдулина или со триото „Амадеус“. Неговиот репертоар се протега од барок до современи автори со посебен акцент на романтичниот период во музиката.

Во 2000 година Рубен Далибалтајан почнува да предава на Музичката академија во Сараево, а во 2005 година станува професор и на Академијата за музика во Загреб. Од оваа година е гостин-предавач на Музичката академија во Лихтенштајн. Како дел од неговата педагошка работа одржува мајсторски курсеви и семинари, а често е член на жири-комисии на меѓународни натпревари. Еден од неговите значајни проекти е основањето на школата за пијано во Макарска во 2005 година заедно со Јулија Губајдулина.

На програмата на вечерашниот концерт, чиј почеток е закажан за 20:30 часот, се дела на Шопен, Дебиси, Лист. /МИА

Прелиминарно распределени автобуски линии за меѓуопштински и меѓународен превоз на патници

Министерството за транспорт и врски изврши прелиминарна распределба на автобуски линии за 2018 година со која за меѓуопштински превоз на патници одобрени се 12 апликации, една е делумно одобрена, а 13 се одбиени.

 За меѓународен превоз на патници, пак, се одобрени 35 апликации, три се делумно одобрени, а 27 се одбиени.

Ресорното Министерство денеска соопшти дека биле поднесени 91 апликација  за нови или промена на веќе постоечки автобуски линии во меѓуопштинскиот и меѓународниот патен сообраќај. Од нив 26 апликации беа за вршење на меѓуопштинскиот превоз на патници и 65 апликации за меѓународен превоз на патници.

- Распределбата на автобуски линии се врши врз основа на критериуми утврдени во Законот за превоз во патниот сообраќај и Правилникот за начинот, постапката и поблиските критериуми за одобрување возни редови за нови линии и за промена на одобрени линии во меѓуопштинскиот и меѓународниот превоз на патници и за формата и содржината на образецот на дозволата и на возниот ред, соопшти 

Прелиминарните листи може да се најдат на веб страната на министерството за транспорт и врски на следниот линк: http://mtc.gov.mk/preliminarna-raspredelba-na-avtobuski-linii-za-2018-godina-.

Голем пожар во депонијата „Мегленци“

Голем пожар од вчера гори на депонијата „Мегленци“ во Новаци. Од општина Битола информираат дека пожарот од утрово е ставен под контрола и дека на терен се сите надлежни институции.

„По пријавата на вработените дека во депонијата ‘Мегленци’ има пожар, екипи на ЈП ‘Комуналец’ веднаш реагирале на терен за да се спречи натамошното ширење и да се локализира пожарот. За таа цел веднаш биле известени сите надлежни институции, а биле повикани на помош и екипи од РЕК ‘Битола’ и општина новаци, на чија територија се наоѓа депонијата“, велат од општината.

Поради топлото време, пожарот зафатил големи површини и се проширил во вечерните часови, но тој веќе е ставен под контрола. Случајот е пријавен и во СВР Битола, но засега не се знае кои се причините за опожарувањето на депонијата.

„Жаба“ на Јукиќ најдобар филм, „Златна арена“ и за режија

 На годинашниот 65. Филмски фестивал во Пула, Хрватска, „Жаба“ во режија на Елмир Јукиќ освои „Златна арена“ за најдобар филм и „Златна арена“ за режија.

Филмот  ја доби и главната награда од Федерацијата на филмсклите критичари на Европа и Медитеранот - ФЕДОРА.

Фестивалот на „Жаба“ и го додели и признанието за Најдобра малцинска копродукција.

„Жаба“ зборува за посттрауматските состојби и безнадежноста, за силата потребна за да се надминат пречките кои животот ги поставува и за постигнување среќа во секојдневниот живот со помош на малите нешта.

Сценариото го напишаа Пјер Жалица и Елмир Јукуќ, а базира на истоимената театарска претстава по текст на Дубравко Михановиќ.  Кинематографер на филмот е Дејан Димески, а снимател на звук  е Игор Поповски. Улогите ги толкуваат: Емир Хаџихафизбеговиќ, Александар Сексан, Мирсад Тука, Моамер Касумовиќ.

„Жаба“ е копродукција на Рефреш Продукција од БиХ, Скопје Филм Студио, Пропелер Филм Хрватска и Ливинг Пикчрс Србија. Филмот беше поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, националните фондови на земјите копродуценти и од фондот на Советот на Европа за поддршка на европски филмски копродукции ЕУРИМАЖ.

Претставата е регионален хит и во текот на изминатите десетина години е одиграна над 260 пати. 

притисни ентер